Вила “Парк“ / Кариланова, Лазаревска


Автори:  Вера Кариланова и Сања Лазаревска

Ментори:  доц. д-р Слободан Велевски / доц. д-р Марија Мано Велевска

Проектна задача:  „Раст 2.0: Урбани вили“

Семестар:  IX семестар – 2020/2021

Универзитет:  Архитектонски факултет, УКИМ – Скопје

 

Линијата која ја дели класичната вила од урбана вила е дека таа претставува единство од делови, чии делови се простории наменети за живот на поголем број корисници, дополнето со други заеднички содржини и сето тоа во директна релација со пејзажот кој може да биде надворешен или внатрешен простор.

Единство преку делови

 

Целта на ова интегративно студио беше да креираме прототип на урбана вила без зададена локација. Црпејќи инспирација од најразлични објекти кои паралелно ги истражувавме, главниот фокус ни беше на пејзажот и природата. Проектирањето на Вила Парк започна со поставувањето на природно див пејзаж без дефинирана локација во чија внатрешност ги поставивме класично обликуваните улици – кардо и декуманус проследени со низа на столбови чија цел е акцентирање на главна оска преку која се пристапува до вилата и нејзините пратечки содржини.

 

Урбаната вила се состои од посебни индивидуални единици за домување (4×2) кои се разгрануваат во повеќе правци и имаат засебни влезови, пристапни преку класично обликуваните улици. Секоја единица е проектирана да ги задоволува условите за живот на едно семејство / групација во зависност од зададената квадратура. Секој внатрешен простор си е своја засебна приказна во која се доловува различна сцена од надворешноста.

 

 

Единиците се групирани да градат мало соседство со еден заеднички центар, како моќна појава, која го претставува внатрешниот пејзаж – внатрешните градини во чии граници корисниците одгледуваат различни типови на лековити растенија и нивна преработка во природни лекови и природна козметика. Оваа активност која претставува заедничко хоби / работа на корисниците на вилата е директно поврзана и со дополнителните содржини кои се јавуваат како екстензии на вилата. Дополнителните содржини се: билна аптека – павилјон за продажба и едукативен простор со дополнителни високи растенија, каде што сите посетители би се запознале подетално за лековитите својства на секое растение. Покрај овие содржини урбаната вилата е дополнета со павилјони за релаксација и дружење, како и базен на отворено. Сите содржини се од јавен карактер, достапни и за останатите посетители.

 

 

Урбаната вила претставува тема која што во последниот период е многу актуелна. Новото време носи и нови навики на кои треба сите да се прилагодиме, а воедно и да понудиме најдобри решенија. Брзиот начин на живот и потребата да се работи и живее во ист простор, без напуштање на локацијата станува повеќе од очигледна, а со тоа социјалната интеракција е доведена на минимално ниво. Урбаната вила е токму таков тип на објект во чии граници без проблем корисникот ќе работи и живее, а дополнително и ќе се социјализира.