Вила Номади / Пенева, Тртовац, Иванова

Автори: Мартина Пенева, Амина Тртовац, Тамара Иванова

Ментори: доц. д-р Слободан Велевски / доц. д-р Марија Мано Велевска

Предмет: Интергативно студио – Обрасци на раст „Раст 2.0: Урбани вили“

Семестар: IX

Година: 2020

 

 

 

 

 

Работењето на задачата на интегративното студио „Раст 2.0: Урбани вили“ започна со процес на истражување на соодветна литература и референтни примери, кои претставуваат зачеток на нашата мисла за тоа што ја прави урбаната вила урбана, а истовремено различна од куќа и зграда. Во вториот дел од семестарот, во проектантскиот период, истражувавме и како таа може да соодветствува на современиот номадизам.

Номадизмот ги вклучува во својот опсег физичкото и виртуелното движење. Тоа означува динамичен и временски однос со локалитетот, карактеристичен за современото урбано население. Поради ова континуирано движење, асоцијацијата со одреден контекст се постигнува со поединците кои го персонализираат просторот во кој живеат преку социо-просторни практики. Секојдневните преокупации во еден вообичаен ден, како што е работата, се заменети со возбудливи места за одмор, разминување и изразување, кое како замислено психолошко подрачје е постигнато при движење, односно преку социјален контакт, неочекувани искуства и моментални средби со непознати луѓе и ситуации.

 

 

 

 

 

 

Паралелно со ова, просторниот план (Раумплан) го симболизира континуитетот во размената на информации или глобализацијата која се однесува на интеракција и интеграција. Тој ги комбинира просторите хоризонтално и вертикално, односно тие се меѓусебно континуирано поврзани правејќи тродимензионална артикулација на програмата. Димензионирањето е во релација со функцијата на просторот, па така се создава просторен склоп кој протекува низ различни кубуси, прилепени еден со друг.

 

 

 

 

 

 

Скалите се континуирани и органски сраснати во целината, следејќи ги движечките текови во просторот. Освен функционален, тие се и обликовен/репрезентативен елемент кој во себе може да има уште некоја содржина. Еластичноста во поставувањето на скалите кои по потреба ја менуваат својата траса и форма, предизвикува чувство на раздвиженост во просторот и збогатување на неговата содржина.

Урбаната вила не е поделена на станбени едници, а програмата пред сè е сочинета од простори кои се заеднички за сите корисници. Аспектот на социјализација, комуникација и меѓусебна интеракција е значаен за соживот како и функционирање на заедница.Третирајќи ги како такви, се дава простор за создавање и збогатување на различни интеракции. Ваквите простори се особени важни за вилата како тип на живеалиште бидејќи и даваат нова димензија различна од други типови на станбени објекти. Самиот простор со својата опрема создава активни точки во колективното домување како и нова димензија на делење и користење простор со што наместо урбаноста на вилата да се бара во контекстот, таа се случува во вилата.

 

 

 

Образец – просторна траекторија

 

 

 

 

Образец – споделени простори како опрема

 

 

 

Тој споделен простор ја дефинира вилата како ентитет, не само со различните начини на поврзување на мноштвото простории, туку и со внатрешното длабење во дебелината на ѕидовите со што се оформуваат уникатни простори – ниши. На овој начин ѕидовите стануваат носители на програма, со разновидни можности на користење зависно од просторот и потребите на корисниците.

 

 

 

Образец – ниши

 

 

 

 

Интеракција меѓу внатрешни и надворешни простори го става во прв план односот помеѓу корисниците и го рефлектира нивниот идентитет. Всушност, ја рефокусира архитектурата од функција и естетика кон креативните вредности и културните аспекти на животот. Преку длабење во волуменот однадвор, во неколку потези се креираат празнини или „џебови“ со различни димензии, кои соодветствуваат на просторниот план во внатрешноста. Тие стануваат ослободен простор, низ кој навлегува пејзажот во композицијата. Вилата прави симбиоза од двете, поврзувајќи ги изграденото и природното во едно и со тоа градејќи релација меѓу културата и природата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Детал пресеци

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Урбаноста на вилата произлегува од атмосферата која го создава нејзиниот карактер, но и од корисниците или современото урбано население кое гради динамичен и временски однос со местото. Таа е урбан елемент бидејќи е во постојана интеракција со корисникот и му дава простор за самоизразување, а на тој начин станува одраз на секоја личност. Урбаноста произлегува и во форма на пејзаж кој се проткајува во интровертноста на вилата. Чувството за место го остава корисникот да биде присутен без да го насочува. Напротив, да биде слободен.