Виртуелен музеј / ВР-Порт
17.03.2020 • Изложби
Прошетајте се низ македонското културно наследство без воопшто да се поместите од вашето столче. Денес ви претставуваме осум виртуелни музеи, изложби и локалитети, подготвени од тимот на ВР-Порт.
Моделите се резултат на целосно 3D скенирање на просторот, со што се овозможува најголема прецизност и деталност при документирањето на архитектонските споменици. Оваа технологија допрва се развива кај нас, и на големо задоволство ги објавуваме нејзините разултати.
1. Даут Пашин Амам
- Година : втора половина на XV век, измеѓу 1489-1497
- Локација: Скопје, Стара скопска чаршија
- Ктитор: Коџа Даут-Паша
Амамот се наоѓа на јужниот раб на Старата скопска чаршија, каде ја добива улогата на урбан маркер, кој со својата монументалност го означува почетокот на стариот град. Објектот денес е пренаменет во галериски простор во чиј ентериер се уште ги среќаваме оригиналните отомански орнаменти.
Прочитајте повеќе за архитектурата на самиот објект на следниот линк.
- Поставка: Национална галерија на С. Македонија – „70 години постоење”
Следниот модел го содржи амамот со ретроспективна изложба на која се прикажани 150 листови оригинална архивска документација од 1948-1956 година. Преку нив се запознаваме со почетоците и формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на нејзиното раководење. Дополнително поставката содржи и голем број дела од македонски уметници Мартиноски, Личеноски, Мазев и др.
2. Музеј на С.Македонија
- Година : 1972-76
- Локација: Скопје, Стара скопска чаршија
- Архитекти: Мимоза Томиќ Несторова и Кирил Муратовски
Овој објект е еден од најинтересните примери на музејска архитектура во Македонија. Неговата поделба по сектори и начинот на нивно поврзување, креираат една флуидна и природна прошетка низ целиот објектот. За жал денешниот модел го опфаќа само просторот за привремени изложби, а за остатокот ви препорачуваме сами да го посетите.
- Поставка: „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност”
Изложбата овозможи за првпат пред македонската публика да се претстават африканските скулптури и маски, и воопшто духовниот свет на народите што го населуваат овој континент. За нас, Африка сè уште претставува далечно и недоволно познато место, така што преку оваа изложба имаме ретка можност да се запознаеме со богатата и мошне колоритна африканска уметност.
Оваа изложба е проект соработка помеѓу Музеј на африканска уметност од Белград и Музеј на С.Македонија.
3. Младински културен центар – МКЦ
- Година : 1970-72
- Локација: Скопје, Кеј на Вардар
- Изведба: Завод за архитектура и урбанизам, Македонијапроект – Скопје
МКЦ е еден примерок од постземјотресната архитектура кој се уште ги задржува, па дури и унапредува својата оргинала програма. Најверојатно тоа се должи на флексибилноста на самата структура и нејзината способност да смести најразлични случувања – плато, галерија, кино сала, планетариум, хала за концерти, детска игротека и ресторан.
Прочитајте повеќе за архитектурата на самиот објект на следниот линк.
- Поставка: „InSitu Art Fair 2018”
In Situ Fair претставува меѓународен саем на уметност, составен од најразлични изведувачи и типови на уметнички дела кои меѓусебно ги поврзува нивната автентичност.
4. Археолошки локалитет Врбјанска Чука
- Период : неолит, VI-ти милениум п.н.е
- Локација: Пелагонија
Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука претставува тумба карактеристична за неолитот во Пелагонија, лоцирана помеѓу селата Славеј и Врбјани. Плодните житни полиња, реките, мочуриштата вегетацијата, птиците и животните ја претставуваат еколошката средина каде што во неолитот била основана и се развивала оваа земјоделска населба.
Таа била формирана во шестиот милниум п.н.е. како резултат на интензивниот живот на заедницата што живеела во куќи од лепеж опкружени со ров што имал заштитна улога од поплави, диви животни и напади.
Оваа неолитска заедница се занимавала со земјоделство, сточарство, рибарење, лов и разни занаети што го вклучуваат грнчарството, како и изработка на камени алатки и разни видови обредни предмети.
Прочитајте повеќе за локалитетот на следниот линк.
5. Спомен куќа на Страшо Пинџур
- Година: на градење – непозната, пренамена во музеј 1958, реновирана 1976 и 2017.
- Локација: Кавадарци, населба Ваташа
Спомен куќата е пример на староградската архитектура од регионот на Повардарието. Структура е релативно мала но ги содржи сите карактеристични елементи, како предниот чардак и дрвената конструкција.
Објектот ја сместува изложбата за животот и делото на народниот херој Страшо Пинџур.
6. Музеј на современата уметност Скопје
- Година : 1968-70
- Локација: Скопје, ридот Кале
- Архитекти: Kłyszewski, Mokrzyński и Wierzbicki, познати како „Варшавските тигри”
Музејот е сместен на една од највпечатливите локации во градот, па како резултат станува и дел од главната силуета на Скопје. Неговиот надворешен изглед ни е добро познат на сите, но денес ве покануваме внатре, на катот од главниот изложбен простор.
Прочитајте повеќе за архитектурата на самиот објект на следниот линк.
- Поставка: „Скопје, одново”/ 11.2019 – 08.2020
Изложбата хронолошки го претставува создавањето на колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје по катастрофалниот земјотрес кој го разруши градот во јули 1963 година. Непогодата предизвика културен процут – бројни меѓународни уметници и архитекти помогнаа одново да се изгради македонскиот главен град; дело на заедничката добра волја што досега воопшто не се сретнува во канонските наративи на современата историја на уметноста.
7. Археолошки музеј на С.Македонија
- Година : 2014
- Локација: Скопје, кеј на Вардар
- Архитекти: Слободан Живковски
Објектот е еден од главните симболи на проектот Скопје 2014. Денешниот модел ни го претставува само едниот кат од објектот, наменет за привремени изложби.
- Поставка: „100 години Требениште”/ 11.2019 – 08.2020
Изложбата ја одбележува годишнината од откривањето на Требенишката некропола, една од најзначајните, и сигурно најпознатите локалитети на Балканот. Дури и сега, локалитетот останува мистерија, предизвикувајќи многу генерации археолози да ја откријат приказната за непознатата аристократија што живеела крај брегот на Охридското Езеро во текот на 6 век п.н.е.
Изложбата содржи околу 400 пронајдоци, меѓу кои погребни маски, златни апликации во облик на рака, алки изработени од злато, ритони, кантароси и друг накит, предмети од сребро, килибарни ѓердани, бронзени садови, оружје и керамички предмети. Сите овие наоди, заедно со фотографиите, архивските наоди и дизајнот на изложбата имаат за цел да го прикажат митот за Требениште.
8. Локален музеј Галерија – Кавадарци
- Година : 1921
- Локација: Кавадарци
Низ македонските блогови среќаваме информации дека објектот бил изграден од локалниот адвокат и народен пратеник Душан Перовиќ, во периодот меѓу двете светски војни. Подоцна во неа биле сместени: општинската управа, општинскиот комитет на КПМ, младинската организација од Кавадарци и детскиот диспанзер. Во 70-те години таа се реновира и пренаменува во музеј.
Објектот е карактеристичен по неговата модернистичка форма и впечатливи мозаик покрај влезната партија.
Денес тој ја сместува неколку одделенија на Музејот на Кавадарци.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
3д / виртуелни модели / врбјанска чука / Даут Пашин Амам / Изложба / МКЦ / МСУ / музеј на македонија