Рушење на спомен-куќата на Владо Малески / Струга

Културното наследство во нашите градови полека, речиси незабележливо, исчезнува. Заштитените објекти што опстануваат се сведени на изолирани примери од една архитектонска традиција која, за жал, исчезнува во динамичниот и често неконтролиран развој на урбаните средини.

Рушењето на спомен-куќата на Владо Малески во Струга е уште еден потсетник на нашиот однос кон културното наследство. Куќата, лоцирана на улицата Браќа Миладиновци бр. 16, се наоѓаше веднаш спроти спомен-куќата на браќата Миладинови и галеријата на Ванѓел Коџоман. Изградена во XIX век, таа претставуваше карактеристичен пример на струшкиот тип традиционална архитектура – со ѕидано приземје, бондручен кат и скромен, но хармоничен однос со околниот простор. Куќата беше дел од малото сокаче што води од главната чаршија, едно од последните места каде што сè уште може да се почувствува духот на старото градско ткиво.

Улицата Браќа Миладиновци претставува редок и вреден пример на локалната архитектонска автентичност, особено во поглед на размерот, интегритетот и единството на градбите. Сепак, токму таму продолжува процесот на архитектонско и културно разградување.

Објектот предвиден за рушење, на истата улица под број 14, ја делел конструктивната мрежа со куќата на Владо Малески – со заеднички камен ѕид и кровна структура што ги поврзувала двете згради. Историските и визуелните анализи упатуваат дека објектите потекнуваат од ист период, а подоцна биле административно поделени. Тоа може да се забележи од старите фотографии и сателитските снимки.

Во 2022 година, пак, објектот зад куќата на Малески беше срушен и заменет со нова градба на два спрата и поткровје – во јасна диспропорција со околината. Неговата изградба, најверојатно, придонесе и за конструктивната нестабилност што доведе до рушење на спомен-куќата оваа недела.

Заеднички покрив

Куќата на број 14, во тој контекст, претставува последна етапа од постепената еволуција на ова некогаш мирно сокаче, чија атрактивна близина до чаршијата сега го прави мета на инвеститорски интереси. За изградбата на новиот објект постои издадено мислење од стручната комисија при НУ Завод и Музеј – Охрид (бр. 13-372/2 од 23.05.2024).

Покрај сите отворени прашања за постапувањето на надлежните институции и изведувачите, суштинската дилема е едноставна: зошто и објектот на број 14 не бил под заштита? Особено ако се има предвид дека тој претставува интегрален дел од архитектонскиот ансамбл на куќата на Владо Малески. Во делот од градот кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управув ање со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со акциски план 2020–2029, ова прашање е уште поважно. Објеките од ваков тип треба да подлежат на рушење само во случајот кога сите други опции за нивното санирање се истрошени. На плоштадот Браќа Миладиновци постои добар пример од рестарврација и санација на објект.

Зошто продолжуваме да дозволуваме рушење на автентични градби и нивна замена со огромни габарити, наместо да го чуваме најважниот аспект од традиционалната архитектура — размерот на градот соодветен на човекот?