ВО СОБРАНИЕ ПОМИНАА ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ
14.08.2024 • Информации Урбанизам
На вчерашната седница во Собранието на Македонија, беа изгласани измените во законот за урбанистичко планирање без никаква јавна расправа ниту консултација со стручната фела, што не потсетува на едно време кое мислевме дека помина. По тој повод го пренесуваме статусот на невладината „O2 Иницијатива“ во кој појаснуваат за што станува збор:
Со 64 гласа „за“ и 11 „против“ се изгласаа експресно измените на законот за урбанистичко планирање.
Ниту еден пратеник не зема збор да дискутира.
Вчера попладне бевме поканети да присуствуваме на денешната комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, каде меѓу другите член е и Исмаил Јахоски од ДУИ, чиј син официјално е сопственик на нафтената компанија Пуцко Петрол, која е и градежен инвеститор. Кој апсурд, вакви лица да ни одлучуваат за јавен интерес и закони каде имаат приватен интерес.
Присуствувавме на почетокот на комисиската седница каде ги образложивме нашите забелешки и потребата ваков закон со огромни импликации по сите во државава да се носи по редовна постапка и со јавна расправа.
Но, членовите на комисијата го изгласале во целост без никакви измени, за само неколку часа подоцна да се изгласа на пленарна седница, каде министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека јавноста нема осонова за грижа, зошто тој за најголемиот дел од околу 600 урбанистички планови, кои ќе продолжат да се изработуваат по стари и неважечки закони и правилници, нема да даде согласност. Фрапантна изјава, која укажува не на почитување на законите, туку на земање на работите во свои раце и апсолутно дискреционо право. Основа за масовна корупција.
Јавно се обраќаме до претседателката на државава Gordana Siljanovska Davkova да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и го врати законот на повторно разгледување во Собранието со задолжителна јавна расправа.
Испратете барање до претседателката да не го потпише указот за прогласување на овој закон. Можете да го ископирате нашето барање и го испратите на contact@president.mk. Ќе ве замолиме да нè ставите во CC на вашиот мејл, o2macedonia@gmail.com.
барањето
Почитувана Претседателке на РСМ, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова,
Бараме согласно вашите законски надлежности како Претседател на РСМ да не го потпишувате указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, кој е донесен по скратена постапка на 13.08.2024 и го вратите законот на повторно разгледување во Собранието со задолжително спроведување на јавна расправа на која ќе присуствува стручната јавност и граѓанските организации.
Овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите. Донесен е без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации.
Со законот се дозволува повторна изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони и правилници до недоглед, кои за повеќе од 4.5 години не се завршиле, што укажува на проблем со овие планови, штом не се донеле во толкав временски период, а се изработени со несоодветни параметри, зошто во меѓувреме имаме нови податоци од пописот, просторот се изградил, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите, итн. Според изјавата на министерот за транспорт, бројката е околу 600 вакви урбанистички планови кои не се донеле во изминативе 4.5 години, да продолжат да се изработуваат по стари невалидни закони и правилници и како такви да се донесат и предизвикаат дополнителен хаос во просторот во кој живееме.
Со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен детален урбанистички план, само со урбанистички проект. Тоа значи самоволие и хаос, градење кој каде ќе му текне на вакви големи објекти, каде зеленилото и парковите ќе бидат првата жртва, каде граѓаните не се прашуваат и нема начин преку јавна анкета да го дадат своето мислење, каде Советот на општина нема право да одлучи со гласање.
Со законот се отстранува одредбата одлуката со која се донел урбанистички план да е ништовна, ако нема добиено согласност од министерството за транспорт. Ова е суштинско за да се спречи злоупотреба и спроведување на планови кои не се валидни.
Со законот се дозволува да нема изработено урбанистички планови за одредени подрачја уште од 2013 година и да важат штетни општи акти, како тој за Лагадин со хотелот покрај брегот, кои требало да бидат само преодна форма до изработка на урбанистички планови.
Автор на статија: Filip Koneski