Викендов се оддржа Втората годишна средба на архитекти и урбанисти

На 1 и 2 декември 2023 се одржа Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во величенствениот амбиент на Офицерскиот дом во Битола, во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија под мотото „ Архитектот де факто визави архитектот де јуре.“

Оваа годишна манифестација на архитектите и архитектите урбанисти членови на Комората изобилуваше со актуелни тематски презентации и промоција на досега реализирани активности. Присуството на Министерот за транспорт и врски – Благоја Бочварски, Министерката за култура – Бисера Костадинова Стојчевска, Градоначалникот на Општина Битола – Тони Коњановски и Градоначалникот на Општина Крушево – Томе Христоски, Државниот секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Неби Реџепи, Љупчо Балкоски – пратеник во Собранието на РСМ, Директорката на Агенцијата за просторно планирање Адријана Андеерва и бројни претсатвници на институциите, архитекти и инженери, како и гостите од странство и претставникот на ACE Architects’ Council of Europe – Дубравко Бачиќ, беа показател за високопрофилираната организација на настанот.

 

 

Како организатор и домаќин на средбата Претседателката Чулак, во своето излагање изрази благодарност до сите оние кои што дадоа придонес за успешното работење на Комората во изминатиот период. Во продолжение таа кажа: „Архитектот де јуре визави Архитектот де факто беше темата на која оваа година одлучивме да ја насочиме дискусијата на сите чинители кои се учесници во креирање и практицирање на политиките на нашата професија. Оваа година сакаме да проговориме за законската регулатива, актуелна но и новата која е во најава, за потребите од нејзино ревидирање и подобрување, за досегашните искуства од користење на ценовниците за инженерски услуги, но и да слушнеме за архитектонските размисли и реализации на наши успешни колеги, како и да ги видиме најуспешните учесници на двојното биенале на македонската архитектура. Промовирајќи го концептот на отворена и интензивна соработка со сите страни низ принципите на транспарентност, иновативност, инклузивност и сеопфатност, со желба оваа средба да стане традиционална, од оваа година организациската поставка ја реализираме во два работни дена“.

Таа ги истакна активностите кои Комората успешно ги реализираше во овие две и полгодини, со акцент на зачленувањето на Комората во најпрестижната организација во Архитектонскиот совет на Европа кој што се случи во април оваа година.

 

 

Во своето обраќање Градоначалникот на Општина Битола, угледниот др. Тони Коњановски истакна дека „Улогата на архитектите и урбанистите е од огромно значење за развојот и напредокот на градот, особено во времето во кое живееме, во кое мора да ги следиме барањата и потребите на новото време, но и соодветно да ја сочуваме старата архитектура, значајните културно историски објекти и спецификите на градот.“

 

Високите гости од странство, Томаж Криштов од Студио Криштоф Архитекти од Љубљана и претседател на секцијата на архитекти во Комората за архитектура и простор на Словенија (ZAPS) и Дубравко Бачиќ член на Хрватската комора на архитекти и члена на Управниот Одбор на Архитектонскиот совет на Европа (АСЕ) изразија благодарност за поканата и укажаната можност да присуствуваат на овој настан.

Во официјалните поздравни обраќања зеде учество и Неби Реџепи, Државниот секретар во Министертвото за животна средина и просторно планирање.

 

 

Втората средба на архитекти и архитекти урбанисти ја прогласи за отворена Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Во своето обраќање тој потенцираше дека преку најголемата реформа во законските и подзаконските акти, заложбата на Министерството во континуитет е во насока на подобрување на условите за работа на сите. Тој истакна дека со политиките што ги реализира Министерството се прави целосен рестарт на градежниот сектор со цел подобрување на условите за работа и значително подигнување на квалитетот во овој сектор, уверувајќи дека архитектите и инженерите имаат сериозен партнер во Министерството.

 

 

По официјалните поздравни обраќања, работниот дел од средбата започна со обраќање на претставникот на Архитектонскиот совет на Европа, Дубровко Бачиќ кој ја елаборираше улогата на Архитектонскиот совет и придобивките од членувањето на Комората во истиот.

За време на кафе паузата беше отворена изложбата „Бетонско Скопје“ на МАРХ Македонска архитектура, чиј автор е Филип Конески, додека фотографиите се работени во коавторство со Борис Јурмовски.

 

 

Понатаму следеа панел дискусии кои имаа за цел да направат суштинска компарација помеѓу она што го пропишува законската регулатива и она што навистина значи реалното дејствување на архитектите и архитектите урбанисти.

Во првиот панел под наслов „Улогата на планерот во процесот на планирање визави улогата на планерото во Законот на урбанистичко планирање“, активна улога зедоа Жаклина Ангеловска од Комората, Весна Андриевска од Министертво за транспорт и врски , Соња Фурнаџиска од Министерството за животна средина и просторно планирање, Марија Зарова Силјановска директор на ЈП за Урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг – Битола, Андријана Андреева директор на Агенцијата за просторно планирање и Натали Т. Гулевска од приватниот сектор.

Вториот панел носеше наслов  „Улогата на архитектот во процесот на градење визави улогата на архитектот во Законот за градење“ каде панелисти беа Ана Ѓоргиоска од Министерство за транспорт и врски, Александра Трајковска од Комората, архитектот Љупчо Балкоски, пратеник во Собранието на СРМ и член на Комисијата за транспорт и врски и Иван Николовски, член на Комората.

 

 

Интересот на публиката во преполната сала беше огромен, што можеше да се види преку поставувањето на суштински и горливи прашања кои се однесуваа директно на статусот на архитектите и инженерите. Беше начната и темата за младите архитекти кои со новите законски решенија ќе се соочат со изменети услови на дејствување.

Активностите од првиот ден на средбата продолжија во НУ Завод и Музеј на Битола, каде во соработка со Асоцијацијата на архитекти на Македонија беше поместена изложбата на наградените и дел од изложените трудови на 21то и 22то Биенале на македонската архитектура со што се направи навраќање кон традицијата на претставување на архитектонското творештво низ целата држава.

 

 

После обраќањето на Претседателката Чулак, Претседателот на Асоцијацијата архитекти на Македонија ААМ – Мишко Ралев се заблагодари на Комората за можноста дел од богатиот опус на двојниот БИМАС што се случи оваа година, да биде презентиран и пред колегите од Битолскиот регион. Тој ја нагласи потребата од континуирана и продлабочена институционална соработка меѓу Комората и  ААМ.

Изложбата ја прогласи за отворена Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска , која во своето обраќање истакна дека оваа средба претставува исклучително важен настан за сите присутни, настан кој во својот фокус ги става архитектурата и планирањето како елементарни дисциплини во егзистенцијата на еден народ, но истовремено е и настан кој се обидува, еве веќе трета година по ред, да се носи со предизвиците за подобрување на заштитата и третманот на културното наследство во нашата држава, што говори многу за културниот идентитет на истот тој народ.

 

 

Во вториот ден од средбата, публиката имаше можност во една порелаксирана атмосфера да се запознае со стручни достигнување на колегите од земјата и странство. На почетокот, Деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ проф.д-р Огнен Марина имаше свое излагање поврзано со темата на настанот. Преку елаборација на резултатите од анкетата спроведена од страна на факултетот, тој даде детален осврт на улогата на архитектот, како и неговата позиција во областа уредување на просторот и целокупните општествени процеси од аспектот на регулација на струката Архитект како единствена регулирана професија.

Во профолжение, присутните имаа прилика да слушнат за врвните достигнувања на архитектите Томаж Криштоф од Студио Криштоф Архитекти od Љубљана Словенија, Беркин Ислам од студио ZAHA HADID Architects Лондон и Марко Ицев од Интернационалниот Балкански Универзитет Скопје.

 

Потоа следеше  презентацијата на „Тарифникот за урбанистичко планирање“ и „Ценовникот за минималниот надоместок на инженерските услуги во високоградбата“ во чија презентација активно учество зедоа: Жаклина Ангеловска, Михаел Димитровски, Марио Батковски и Арменд Шаќири од Комората заедно со Ана Ѓорѓиоска и Александар Карангелевски од Министерството за траспорт и врски.

 

 

На крајот на настанот Претседателката Кристинка Чулак, се заблагодари на сите за присусутвото и учеството, истакна дека намерата годишната средба да прерасне во традиционална пополека се остварува во вистинска смисла и најави дека идната – трета годишна средба, веќе отсега ги постави контурите на концептуалната и временската рамка за реализација.

Комората изразува огромна благодарност до спонзорите кои придонесоа за успешно организирање на овој настан и тоа во својство на златни спонзори: Стентон Градба Битола, KNAUF Македонија и TRIMO Македонија, како и на сребрените спонзори: ALUKÖNIGSTAHL и Smart Solutions. Голема благодарност и до медиумските покровители Порта 3 и МАРХ Македонска Архитектура.

Настанот забележа голема прогресивност како во сензибилитетот на агендата со нагласување на професијата и професионалноста, така и во организациона поставеност за што зборува сѐ побројната стручна публика.

 

Извор: текст – КОАИ / фотографии: КОАИ, МАРХ