За скопското новогодишно „китење“

Деновиве почна колку толку да се чувствува новогодишната атмосфера низ македонските градови. Со оглед на претходните пандемиски години и тековната енергетска криза разбирлива е до некаде „скромната“ атмосфера.

Но, она кое е навистина тешко да се набљудува, а од кое бар не би требало да има отстапки е централната градска елка. Особен осврт можеме да посветиме на скопската, која навистина е дури и „прескромна“.

 

„Елката“ на плоштад Македонија, во Скопје

 

Со години наназад Скопје трошеше суми кои беа заокружувани на 100.000 евра, за до пред некоја година истата да достигне  до 200.000 евра. Колку овие средства се реални е една голема тема, од аспект на тоа зошто најчесто се изнајмуваат украсите и светилките, наместо секоја година градот да докупува нови и само да ја плаќа монтажата, a притоа да ги поседува?!

 

Елката за дочекот на 2017 година /Фото: MKD news

 

Скопје пред 10 години беше неспоредливо во поголема празнична атмосфера, кога рекордното китење на градските булевари се протегаше од кружниот тек кај Порта Влае, се до населбата 11 Октомври – згради на бул. „Борис Трајковски“ во Кисела Вода. Ја паметиме и улицата Македонија, како неодминлив потег за украсување, опкружувањето на плоштадот, ГТЦ, Жена парк, Максим Горки итн.

 

Улица „Македонија“ / Фото: mkd.mk

 

Веќе 20 години не паметиме жива елка,но затоа пак видовме секакви варијации на вештачки. Не сме сигурни дали една пресечена елка годишно за главниот град е сериозен еколошки проблем  или едноставно беше полесно за менаџирање.

Вештачките елки кои се најчесто конусна конструкција, прекриена со пластичните зелени облоги ни од далеку не можат да се споредат со вистинските, но и кај нив можеме да забележиме голем оброј на варијации. Магијата сите ја постигнуваат во вечерните часови кога светилките ја создаваат атмосферата, но како да се заборава дека „елката“ постои и преку ден, што не смее да ја остави како празна сценографија без магија.  Од тоа што имавме можност да го видиме изминативе декади, оваа година е убедливо најлошата и до некаде и недостојна за метрополата.

 

Атмосферата за дочек на 2023 година – Плоштад Македонија

 

Затоа пак големите трговски центри кои во Скопје ги имаме се повеќе,  не дозволуваат овој период на зголемено трошење средства за купување подароци,  да мине без атмосфера и без соодветна елка.

Деновиве ја забележавме елката во „ East Gate“ која остава впечаток на вистинска,  со пристап на китење кој опфаќа лампиони, светилки и останати украси.

 

Елката во „East Gate“

 

Во однос на архи и дизајн предизвиците,  безбројните возможни варијации на тема – новогодишна елка која секако е инспиративна тема, светски познатиот магазин dezeen објави еден вонредно убав пример од Токио.

 

Фото: dezeen

 

Дизајн студиото Нендо ја дизајнира елката за Tokyo Midtown shopping centre, изработена  како поедрална површина, добиена од метални панели. На секој од панелите е отсечена форма на снегулка која на хоризонтална оска е прицврстена на структурата. При најмалите струења, снегулките се раздвижуваат и создаваат една прекрасна и силна визуелна слика.

Далеку е Токио, но за скопската елка оваа година е далеку и пластичарската улица  🙁

Автор на статија:

/ / /