Загрозена модерна: Од трансформација до руина – Телекомуникацискиот Центар од Јанко Константинов / Петровска
11.08.2023 • Истражување Студентски проекти
Предмет: Research Thematic Seminar
Автор: Ангела Петровска
Педагошки тим: професори: Andrea Canziani, Maruša Zorec; асистнти: Andraž Kersic, Verdiana Peron, Michele Porcelluzzi
Универзитет: Politecnico di Milano
Проект: Загрозена модерна: Од трансформација до руина – Телекомуникацискиот Центар од Јанко Константинов
Локација: ПТТ комплекс, шалтер сала на Централната Пошта во Скопје
Година: 2021
Ви претставуваме уште еден студентски труд кој ја разработува Централната Пошта во Скопје. Во рамки на студиите на универзитетот Политехнико во Милано, Ангела Петровска прави детална анализа за историјата на објектот, ја документира постоечката состојба, и разгледува низа сценарија за идна реновација. Истражувањето резултира во предлог проект кој со минимални интервенции го оживува архитектонскиот споменик во нов културен центар.
Истражувачкиот труд е изработен во склоп на Истражувачкиот тематски семинар (Research Thematic Seminar) при магистерскиот смер Архитектура и урбан дизајн на Politecnico di Milano, воден од професорите Андреа Канциани и Маруша Зорец во учебната 2020/21, посветен на архитектонското наследство од 20-тиот век, со посебен осврт кон заборавената модерна архитектура. Заради интернационалниот карактер на студиите и студирањето од далечина (водено од ситуацијата во периодот), студентите беа предизвикани да се фокусираат на „загрозените“ градби од модерната кои лежат заборавени или пак игнорирани од државата од која потекнуваат или пак во која се наоѓаат. Преку истражување на околностите на изградбата, но и нивото на запуштеност на објектот, студентите треба да изградат сопствена стратегија на трансформација на културното наследство, земајќи ги во предвид меѓународните конвенции и моментални излези и ставови на ИКОМОС и слични институции како водечка точка на интернационалните пракси на ревитализација.
Хронолошка линија на користените извори
Осврнувајќи се кон комплексот на Телекомуникацискиот центар на архитектот Јанко Константинов, потоа фокусирајќи се на Шалтер салата на Поштата како главен елемент на руина во овој комплекс, трудот цели да ги открие вредносните карактеристики (материјални и нематеријални), по кои би бил воден проектот на конзервација и реставрација. Самиот завршен труд во себе има шпекулативна природа, воден од желбата да не се заборави споменот на пожарот, но да им врати на Скопјани еден значаен јавен простор кој се проткајува во колективната меморија.
Хронолошки развој на локацијата
Истражувањето започнува со историскиот развиток на објектот, со осврт кон периодот пред земјотресот од 1963та и делото на архитектот Јован Ранковиќ, продолжувајќи кон ефектот на самиот земјотрес и неговото значење за урбаниот развој на Скопје. Урбанистичкиот план предвиден за централното подрачје, како и историјатот на архитектот кому е предвиден овој капитален проект претставуваат вовед за самиот комплекс од интерес. Еволуцијата на зоната, дизајнот на секој засебен објект и последователните промени во текот на 20 и 21 век водат кон финалната состојба, која е евидентирана графички и фотографски. Нематеријалното значење на Поштата е во посебен фокус, како и претставувањето на веќе-постоечките проекти од времен карактер поврзани со неа (изложби, публикации, светлосни инсталации, фото-сесии…).
Трудот продолжува со идентификација на промените во архитектонскиот карактер на објектот, како и неговата употреба, за потоа да се осврне кон клучните материјални и нематеријални вредности. Задачата во себе предвидува директна идентификација на сите елементи кои физички се имаат променето, но поголем фокус е ставен на урбанистичкото и емотивното значење на објектот, целејќи потоа преку сценарија на реупотреба да му го врати на градот и граѓаните запуштениот јавен простор.
Основа на приземје – оригинална наспроти постоечка состојба
Следејќи ги принципите на низа конвенции (ICOMOS – Venice Charter, 1964; UN Nara Document of authenticity, 1994; ICOMOS – New Delhi Document, 2017), се подгтвија 5 можни сценарија кои варираат во нивото на промени во околината и објектот кои се потребни за да се постигне финалниот резултат. Од неправење ништо, до уривање на сите ‘не-автентични’ околни објекти, па сè до уривање на самата Пошта, се цели да се докаже дека градот има повеќе можности во тоа која стратегија би ја избрал.
Можни сценарија за идна конзервација
Совесно авторот решава да се задржи на средното ниво на промени, избирајќи ја стратегијата 3 во која се предвидува сензибилен пристап кон објектот, пронаоѓајќи нова намена на запуштената Шалтер Сала, како и реобмислувајќи го партерот. Одлуката е водена преку претходен осврт кон интернационални референци на прикладни третмани на јавниот простор околу јавни објекти, реупотреба на заборавени објекти од 20 век, како и локалната референца на Skopje Light Art District Festival.
Избрана стратегија за реновација
Токму последната референца е двигател на предлогот за реупотреба на шалтер салата, заради тоа што дозволува просторот да остане руина која сепак би била посетувана, нудејќи му на градот културна институција од нов тип.
Преку реобмислувањето на околината, и враќање на нагласокот на влезовите преку пристапни рампи и јавен простор ослободен од конфузните денивелации кои се производ на минатите урбани потези, објектот се отвора кон јавноста, а и ги кани посетителите на прошетка низ сега-запуштениот агол од центарот на градот.
Таа променада е замислена и да минува низ објектот, нудејќи моментално губење од градскиот метеж и целосно посветување во искуството на светлосната уметност.
Линија на движење низ реновираниот објект
За крај, 2 години по завршување на овој труд, авторот ги поздравува Skopje Light Art District кои по повод обележувањето на 60 години од разорниот земјотрес бар на една вечер навидум ја следеа идејата да ја отворат Шалтер Салата и да ја збогатат со својата светлосна уметност. Со надеж дека ова нема да е изолиран момент, и дека можеби истата би станала институција за претставување на оваа уметност!
– од авторот
Проект за реновација
Авторот изразува голема благодарност до Петар Аврамоски за сликите со дрон направени специјално за овој труд, Мартин Димитријев за споделените фотографии од ентериерот, и секако до професорката Ана Ивановска Дескова за споделените технички материјали, без кои овој проект не би бил целосен, посебно со оглед на тоа дека беше изработуван сред пандемија.
Фотографија од постоечката состојба / Петар Аврамоски
Погледнете го целиот труд на следниот линк.