„Заповедано и’е на земјата да го чува Курбиново“ / Котларовски, Трајковски

“Принципот на модерните времиња е прво градбите да се запуштат, а потоа да се обноват. Грижете се соодветно за спомениците и нема да имате потреба да ги реставрирате. ” -Џон Раскин

 

Во византискиот ареал посеани се многу бисери, дарови од минатото. Еден од тие дарови кај нас е манастирската црква св. Ѓорги во с. Курбиново. Културно наследство од највисок ранг, предание, завет, кој не е минато зошто неговите содржини се есхатолошки и го надминуваат времетраењето. Тоа не е само прекрасна зографија, а и како таква не може да се спореди со ниту едно дело, школа, програма во целината и во поединечни представи, символи и она што е повеќе од збор. Без купола ,без сложена основа или виртуозна геометрија, вниманието е насочено на внатрешноста како содржината на путирот и бидејки путирот е свет заради содржината, вниманието е взаемно условено. Скромноста на градбата ја надминува / премостува привлечноста на надворешниот изглед, за да продреме во внатрешниот спокој… скриен во внатрешноста, каде не е потребна изобилна светлина, таму, каде во примракот се открива драгоценоста..

Така, пред нашата размисла се појавуваат многу прашања за големата разлика помеѓу делото/драгоценоста  и односот кон него а со тоа и општо кон наследството.

Зошто токму кај нас и за нас е сочувано вакво дело? Нема друг одговор освен да се покаже достојноста, одговорноста, но најмногу благодарноста. Ако замислиме 829 години историја на црквата св. Ѓорги, треба да знеме дека таа денес нас не’ одредува за наследници “од род во род“,континуитет кој ако се прекине  не’  доведува до неизвесност во духовна смисла. Така, имајки  ги во превид сите содржини, не оставајќи ништо настрана напластено како палимпсест стар 829 години, заради почит кон сите родови низ тие векови, треба да изнајдеме начин како и со кои средства да пристапиме, односно со каков приод за да бидеме достојни наследници.

 

Отворајки ја темата познавање на културното наследство, најнапред ќе подвлечеме дека еден значаен дел од традиционалните вредности е избледен од нашата меморија низ бурните понови времиња, но и заради наши слабости. Живеејки во постиндустриско информатичко време, многу стари занаети исчезнаа, начинот на размислување, едноставноста и благодарностa… Но, никогаш нема празно место. Тоа место го завзема комформизмот,индустриската дехуманизација… Ова го обликува начинот на кој дејствуваме, а го обликува дури и тоа кои сме и какви сме. Општо земено има повќе причини, но нашата цел е да го задржиме вниманието на посоченото предание и завет, чување на артефактите. Изразот на тоа предание чија едноставност, простота, генијалност и проникнување во нераскинливото единство на материјалното и духовното како еден процес е всушност највисоката точка која можеме да ја видиме во Курбиново, неговата просторно-временска релација со нас и да учиме.

За да одиме по стапките на средновековната творечка мисла поврзана со нашиот предмет потребно е да бидеме ученици, да изучуваме како ученици, а не како самонаречени учители, зошто овде учителот е Курбиново. Така, статусот ученик обезбедува отвореност за да примиме се’ што е потрбно. Во спротивно, нашата перцепција ќе биде оптоварена само со современата наука, практика и нерафиниран, непрочистен однос кон културното наследство при конзервација и реставрација, но и користење во образованието.

 

За посебноста на источното, православно градителство

 

Како што е познато, патиштата на истокот и западот се разминуваат. Нема еден пат, нема доволно аналогии за поврзување на градителството, а поделбата е историски факт особено после 11-тиот век. Западното градителство го потенцира надворешниот изглед со височините, фасадните украси, скулптурите, витражи и др., а источното внатрешноста со мозаик, фреско живопис, иконостас и редуцирана светлина.Западното и источното градителство се служат со различни символи и јазик на обрасци.Тоа значи дека особеностите на едниот градежен систем не може да се применуваат при реставрација на објекти градени во другиот.Затоа денешната наука на западот го маргинализира источното градителство, нема доволен интерес. И покрај бројните византолошки центри мал број на проучувачи се занимавале со источното градителство. Може да се каже дека тоа градителство се’ уште не е откриено во неговата суштина, функција, односно неговата длабока смисла.

 

 

 

 

Затоа нашиот опит може да биде значаен исчекор кон откривање и познавање на суштествените карактеристики имајки ја во предвид состојбата на средновековните споменици, недоволното познавање на градителството и погрешниот приод и практика при конзервација и реставрација. Цениме исто така, дека е неопходно да дадеме прилог со опсервацијата на актуелната реставрација на црквата св.Ѓоррги во Курбиново. Во таа смисла треба да се подвлече, дека предметот не содржи висока наука, сложеност или методологија, туку пред се’ сакрално поимање. Тоа е едноставно подредување и прoникнување во природните својства во служба и намена која нема внатрешни противречности. Основните елементи се геометријата и конструкцијата, статиката со специфичниот корисен товар, карбонизацијата и климата,како физички процеси кои работат исто како во природата, продолжително без престанок. Значи, нема ништо вештествено кое се спротивставува на природните закони, односно оперира само со даденоста.

Во совршена синергија се ставени геометријата (пропорциите), конструкцијата и светлината кои го изобразуваат просторот во кој материјалниот и духовниот, сетилниот и умствениот свет не само што не се одвоени, ниту пак се лабаво и несигурно поврзани, туку проникнуваат еден во друг и заедно партиципираат во есхатонот како мета-историско време .

 

Може да се каже дека литургијата или сите служби во едно го обликуваат храмот, бидејки прво е службата. Таа го дефинира градителството и нема други идеи или фактори. Тоа во архитектурата се нарекува основна функција. Но, за разлика од кредото на “модерната“- формата ја следи функцијата – тука не е само просто функција, туку подлабоката смисла е славословие и сведоштво – мартириум. А за да се разбере најдлабоко треба да се каже дека самиот храм е служба (‘Премудроста си согради храм’) градејки го, служиш! Ова го нагласуваме за да се знае дека духовното го впрегнува материјалното или техничкото како еден процес, (и геометријата слави, сета природа слави).Така, овде геометријата и конструкцијата е поинаква од профаните градби кои се градат заради нужноста. Обратно, сакралната градба е слободен однос.

 

Систем

 

Откако ја дефиниравме рамнотежата на духовното и материјалното, сега треба да се прикаже како тоа е остварено на дело, како старите мајстори со материјални средства изразуваат духовни содржини, како безобликото е изразено со облик и како природата учествува. За да се разбере подобро,нужно е претходно да се појасни појдовната основа… Имено, сакралниот предмет може да се прими во неговата полнота само со сакрална мисла, сакрална предиспозиција, односно визура од внатре. Како што Курбиново не може да се види однадвор, така не може да се проникне во содржината надвор од преданието. Во спротивно, резултатите на таквото поимање може да бидат погрешни, несоодветни, еднострани, во спротивност со вистинската природа на објектот. За жал,имаме доволно примери за таков “приод“ како во науката така и во струката, но треба да се нагласи и полезноста на научните напори се’ до оној момент кога тие навлегувајќи во сверата на сакралноста или сакралните арефакти, ја прават основната грешка во толкувањето со неадекватна методологија.Тука треба да се спомне обратната  перспектива, обратноста од светот… Старите мајстори не ја раздвојуваат науката за природата од духовноста, кај нив тоа е цело-полно.

Тоа е смислата на општиот приод, тропосот (начинот) на суштествување скриен и откриен во исто време во внатрешноста на црквата. Поаѓајки одвнатре, од срцевината, од она што се отвора во нас, зошто не е само пасивна перцепција на живописот, некакво разбирање, исчитување или проценка на сликарските достигнувања, го бележиме искуството – тело и дух. Илустративно кажано, мајсторите најнапред го припремаат ковчегот на заветот за да се смести внатре драгоценоста.

 

Што е потребно да се направи за достојно и ефикасно да се чува драгоценоста?

 

Тоа е пред се’ литургискиот облик, конструкцијата и климата. Овде ќе ја третираме климата бидејки таа го чува живописот.

Една од најдобрите зографски техники е фреско живописот. Како што укажува називот фреско, се изведува на свеж малтер за да карбонизира заедно со малтерот со кој создава неразделна целина а малтерот со ѕидот кој го нарекуваме носач. Така се добива  целина со градбата. Значи, природата на фреско-живописот е карбонизирање. Тоа се одвива низ природен процес кога калциум-хидро-оксидот (гасена вар) со испуштање на OH групата (испарување), зема од воздухот CO2 и се формира калциум-карбонат ( стена, стенопис). Тоа е затворање на кругот, бидејки почетокот е калциум-карбонат со печење станува калциум-оксид, со гасење станува калциум-хидро-оксид, а со сушење повторно станува калциум-карбонат. Овој опис го посочуваме иако е добро познат, за да се види кругот и бесконечноста. Искуството на старите мајстори кажува дека карбонизацијата откако е отпочната не претстанува сe’ додека за тоа  постојат  услови. Сега доаѓаме до клучниот момент, условите. Што е потребно за да се добие ефикасна карбонизација? Тоа е температура и влага во соодветно движење (физички процес) за дотур на свеж влажен воздух со CO2. Како можеле во средновековието да постигнат еден таков совршен процес, одржлив без труд, без потрошен материјал? За да прегнеш два вола на орање треба да ги храниш, и тогаш и денес, но ресурсите се трошат и што е најважно се ограничени. Затоа овде е повикан на помош кругот, односно кружењето на материјата која менувајки се создава “обновление”.

 

 

 

Процесот на карбонизација без влага не е можен, бидејки таа овозможува распон и разлики од влажно кон суво. Движењето на воздухот (дишењето) во ѕидните маси треба да содржи доволно количество влага која има пресудна улога за климата заради својствата движење и температурата, за потребите на живописот! Овие задачи се решени со еден потег и повторно со помош на круг. Извонредно, се појавува круг во круг! Темелните партии бидејќи се во земја содржат влага, но движењето на таа влага не е контролирано, односно тоа во природата се одвива циклично и стихијно. За да се стави во служба овој процес едноставно му ставаат само узда, ништо повеќе… И тоа на следниот начин: имаме во темелите земја која ја нарекуваме “долна земја“ со влага која треба да се придвижи по вертикала за да му даде на живописот СО2 и сочност на пигментите. За да се обезбеди движењето се поставува горна земја на сводовите. Тоа го нарекуваме земјан тампон, ‘горна земја” или двигател, бидејќи ја извлекува влагата од долната земја, ја апсорбира а потоа ја испушта надвор од објектот. Горната земја, бидејки е на височина секогаш е по сува од долната и тоа овозможува извлекување преку масивните ѕидови и што е најважно не дозволува застој. Зошто е толку важно ова? Кога нема горна земја се појавуваат две аномалии: или капиларна влага која се качува по вертикала на ѕидовите од 160см до 180см,застанува и го девастира живописот, или ако се елиминира (вештачки) се јавува пресушување на живописот што резултира со избледнување на цветот. Тоа значи, кога реставраторите, имајќи добра намера, ја отсрануваат влагата тоа никако не е добро за живописот.

 

Скица 1: Графички приказ на движење на влагата

 

 

Горната земја е неверојатен работник, “заповедано” и е да го чува живописот. Извлекувајќи ја влагата таа обезбедува рамномерност на сите површини живопис, но и температура.

Како го постигнува тоа? Температурата во темелите е стабилна и заштитена од атмосферските удари а со тоа и влагата која движејќи се нагоре создава урамнотежена клима. Зимно време затоплува, летно време лади. Кога во темелите температурата е +12степени а во објектот е +5степени, разликата е очигледна, или исто кога во објектот е +25степени. Но не е само таа придобивка. Земјаниот тампон покрај тоа што ја обезбедува климата, карбонизацијата, температурата и влажноста има и статичка функција како корисен товар. За оваа многу важна функција ќе стане збор во поглавието конструкција а овде ги набројуваме чудесните и едноставни својства ставени во служба на внатрешната драгоценост.

Можеби најфасцинанто е уште едно скриено својство на овој систем. Имено, влагата е принудена да се движи по вертикала заради силата и оневозможува да се задржува во ѕидните маси и на површините со живопис, да раствора соли а потоа циклично да се таложат на живописот и да карбонизираат. Тоа е огромна придобивка имајќи  ги во предвид, големите и скоро нерешливи проблеми со наталожени и калцифизирани соли на живописот во многу цркви.Чистењето на тие соли скоро секогаш е на штета на живописот. Затоа реставрацијата треба да оди во насока на обновување на оригиналниот и едноставен систем кој патем не е деструктивен, не е скап, нема одржување и тн. За оваа проблематика ќе стане збор во заглавието реставрација. Сега треба подетално да се објасни зошто е потребна подршка на карбонизацијата. Всушност, процесот создавање стена, затворање на кругот, се одвива многу споро и секогаш во нагорна линија. Таа никогаш нема да престане во системот. Карбонизацијата ја дава цврстината која напредува без престанок, ја одржува бојата во оптимален цвет и не дозволува да делуваат стихиите. Движењето на влагата по верикала не е бурна како при капиларна влага, а како тивок лахор. Бурното стихијно движење транспортира материјал, отвора пори и прави ситно перфорирање на боениот слој при избивање на солите. Тоа се случува кога топлиот и сув воздух силно ја извлекува влагата по хоризонтала. Земјениот тампон не дозволува сув и топол воздух и не дозволува хоризонтални сили, затоа што ја регулира температурата и влагата а со тоа и карбонизацијата по вертикала. Ете зошто е неопходна контролираната карбонизација. Во техниката фреско е вградено милениумско искуство. Тој голем временски период е испит, проверка и доказ за генијалното решение.Нашите истражувања се вршени на повеке објекти во периодот од 1988 до 2013 година, користени се податоци од реставраторски извори и за жал многу малку конкретна литература бидејки ја нема.

 

Конзервација и реставрација

 

Познавањето на културното наследство е врвен приоритет. Прво затоа што е разноврсно со многу видови и техники, и  заради исправен приод кон секоја техника според природата, аналитички и опитно. Тука , неопходно е да ја истакнеме конзерваторската етика и принципи кои заедно со познавањето формираат исправен однос. Така е и според опусот на Чезаре Бранди од шеесетите години на минатиот век кој ги постави основите на современата реставрација, принципите, етиката – нашиот однос, затоа што  секој артефакт е извор на многу податоци кои даваат познавање и знаења од значење за целото човештво.

Затоа овде следи главното прашање: дали реставрацијата на црквата Св.Ѓорги во Курбинобо, која е веќе отпочната, оди во правилна насока? Второто прашање е која е правилната насока? На првото прашање следи краток одговор: не е задоволително. На второто прашање делумно е одговорено во однос на структурните елементи на целата градба а  сега треба да се именува начинот и принципите. Во реставраторската практика е познат терминот реституција кој значи враќање во првобитна состојба, потоа терминот идеална реконструкција на првобитниот изглед, структура и функција. Бидејки проектот за реставрација на архитектурата не ги содржи овие базични елементи, можеме да кажеме дека се занимава со некој вид на санација, со современа асеизмика и обилно користење на железо. Тоа значи дека на објектот му се додаваат елементи кои во оригиналната структура ги нема. И веднаш се наметнува прашањето: што ќе добиеме  како краен резултат од реставрацијата?

Бидејки овој споменик е од врвно значење заради живописот, кој е интегрален со градбата како негова структура, сите дејствија на архитектурата силно делуваат врз него на непредвидлив начин. Погоре беше објаснето што е неопходно за опстанок на живописот во оригиналната состојба, додека реставраторот треба да ја регистрира постојната состојба, со мерни инструменти и да ја спореди со оригиналната за да ги забележи разликите или отстапувањата. За таа цел потребно е да ги познава неопходните идеални параметри. Второ, потребно е дејствијата на архитектурата да обезбедат услови за живописот исти како на средновековните мајстори. Со интерполација на “туѓо тело“ и туѓ статички систем таа потреба изостанува. Тоа ќе биде резултатот од реставрацијата. Најдрагоценото во Курбиново, живописот, повторно ќе биде на удар од стихии!

 

Конструктивен систем

 

Конструктивниот систем во Курбиново е типичен за епохата во која е граден. Дебели масивни ѕидови од камен,тула, земја и вар. Масивната ѕидарија сеизмички е стабилизирана со дрвени појаси. Тоа се греди вградени во ѕидните маси и формираат прстени околу целиот објект кои го спречуваат пукањето на ѕидовите по вертикала. Но, за нивната функција да биде потполна тие мора да бидат затегнати, односно притиснати со товарот од наредниот слој на ѕидот и тоа се повторува најмалку три пати од темелите до кровот. На последните појаси има врзни греди и венчаница врз која се положени роговите од кровот. Всушност и самиот израз на овие греди венчаници покажува дека со нивна помош и со учество на корисниот товар од земјениот тампон што бил под керамидите, се “венчава” кровот со ѕидовите и целиот објект станува едно тело.Проблемот на  моменталната состојба е тоа што врзните греди се заменети со метални затеги помеѓу северниот и западниот ѕид, а западниот и источниот ѕид остануваат неповрзани бидејки тие имаат дрвени појаси кои не се поврзани со новиот серклаж. Доказ за ова се пукнатините кои се јавуваат во горните зони на североисточната и северозападната страна на аглите од внатрешноста и одвојување на ѕидните маси на западниот и источниот,од северниот.

 

 

Целиот објект работи активно во горна зона што покажува дека врската со кровот е разлабавена а новите метални затеги не функционираат. Нема да функционираат ни новопредвидените челични серклажи, кои и апсурдно се предвидени да се движат и по косината на калканите, бидејќи тие само ќе имаат улога на носење на новиот кров и ќе бидат паралелна конструкција која не може да има стабилна врска со старата заради некомпатибилноста на материјалите и товарите. Стариот и новиот конструктивен систем ќе функционираат одделно, или поточно нема да функционира ниту стариот ниту новиот! Ѕидовите нема да бидат стабилизирани и пукнатините ќе продолжат да се шират како и досега, ќе се обезбеди само кровот од 21 век. За да се стабилизира објектот и конструктивниот систем неопходно е да се вратат дрвените прстени и врзни греди притиснати и затегнати со  кориснен  товар од земјен тампон. За оригиналноста на земјените тампони, како и за веројатната поголема висина на ѕидовите сведочат и аглите на попречните калкани (источниот и западниот) кои се разликуваат од надвор и од внатре. Внатрешниот е скоро 30 степени, а надворешниот 18. Исполната помеѓу нив никако не смее да биде со изолација или друг мртов материјал кој не содржи влажност бидејќи со тоа ќе се наруши потребната оптимална клима во објектот. Таа мора да биде од истиот тип на земја што ја има во темелите за да ја  одржува константната влажност во нив која е потребна за фреските. Автентичното решение е едноставно за реализација. Дури и во обичната употреба на зборот реставрација односно поправање, ние подразбираме дека кога поправаме нешто, ние есенцијално се обидуваме да го добиеме назад во неговата оригинална состојба. Потребно е да се довршат истражувачките работи и да се утврди постапката за безбедно враќање на првобитната конструкција, односно системот повторно да профункционира како една целина. Со (реституција) тоа би се запрело натамошното одвојување на ѕидовите и би се спасил живописот.

 

Скица 2: Графички приказ на конструктивниот систем со функција на товарите

 

Останува неодговорено прашањето зошто во оваа црква не се фасадно третирани северната и дел од јужната фасада? Дали тие биле прилепени со други објекти или во прашање е нешто друго.Одговорот треба да следи после детални истражувања. Појавата на парапет на северната врата укажува на фактот дека од таа страна црквата била вкопана, но не знаеме од кои причини ниту пак дали имало други објекти на север, но знаеме дека не е случајно таму како што и нема ништо друго случајно во објектот.

Архитектонски, и по форма и по содржина, Св.Ѓорги во Курбиново е кораб кој плови во времето и ја чува драгоценоста – живописот. Ќе дозволиме ли тој кораб да биде потопен од бурата на импровизации, површности и субјективни произволности?

 

 

Игор Котларовски
Васил Трајковски

 


*Текстот е пренесен верно во оригиналната форма доставена од авторите