Железничко депо „Лисиче“

Депото на Македонски Железници е позиционирано на границата меѓу Општината Аеродром и Општината Кисела Вода, надолжно до меѓународната и регионална пруга  Скопје – Гевгелија.

 

 

Во комплексот постојат повеќе објекти, од кои најдостапен визуелно кон населбата 11 Октомври-бараки е таканаречената „Влеча на возови“ или „Ложионица“.

 

 

Станува збор за објект кој се развива во должина од 305 m,  со четири внатрешни колосеци и два надворешни. Во минатото во овој објект се оддржуваа најголемите композиции, се сервисираа, се чистеа, додека на надворешните колосеци беше функционална и пералната на возови. Со години објектот е во сериозно деградирана состојба, додека од пругите се изникнати растенија, формирајќи бујна вегетација.

 

 

Објектот е впечатлив преку модулот со шед кров, кој се повторува повеќе од 50 пати. Депото е подигнато најверојатно  веднаш по скопскиот земјотрес, паралелно со изградбата на населбите 11 Октомври. Во наставата на Архитектонскиот факултет Скопје често беше предмет на преразмислување, на чија тема студентите работеа негова пренамена.

 

Со оглед на состојбата  на македонските железници, по изработка на стратегија за развој и воопшто по анализа на иднината на овој тип на сообраќај, треба да се превземат сериозни активности околу неговото функционирање, реконструкција или адаптација.

 

 

За жал, утрово не затекна една позната слика од деценијата наназад, овој објект од депото беше во пламен. Неофицијално уште вчера вечерта започнала да се шири голема миризба, додека паралелно се вршеле одредени интервенции врз електриката на објектот, но официјалните причини ќе треба да се утврдат.

 

 

Од сликата на терен можевме да забележиме дека чадот излегуваше од сите страни, додека во делови низ скршената столарија се надѕираа пламени од старите вагони, кои сега се одложени во овој објект.

Ваквата ситуација е вистинска слика за нашето општество, кое не способно да го одржува создаденото на поголемите визионери од нашето минато. Бледа слика на изгубената визија.

 

 

Фото: Борис Јурмовски, Филип Конески

 

„Влеча на возови “ / Скопје