Зорица Блажевска / 1948

„Творештвото на архитект Блажевска е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба.

Дипломираше на Архитектонскиот факултет, Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на професор Георги Константиновски (1971). Докторираше на тема Повеќе-семејната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството,  под менторство на професор Георги Константиновски (1991), а беше и негов асистент на Архитектонскиот факултет, соработник и рамноправен партнер во низа клучни дела. Професорката Зорица Блажевска на Архитектонскиот факултет во Скопје ја продолжи линијата на нејзините претходници, професорите Јован Ранковиќ и Георги Константиновски, но даде и еден личен поглед на проектот на Домувањето. Како професорка на Проектирање на станбени згради, како и на низа предмети поврзани со областа на домувањето, ја постави и разви темата на живеење во третото доба како дел од педагошкиот проект и како одреден општествен ангажман.

Зорица Блажевска работи во пресекот на праксата и теоријата, во сѐ потенката маргина на интелектуалноста на архитектонскиот проект, кој е се потесен, но и сѐ посуштествен за генерирање на идеите на архитектурата. Со нејзиното дело таа подари низа иновативни и осмислени типолошки поместувања на архитектонските задачи – во Домот за нега “Сју Рајдер“ даде начини за хумано згуснување на просторот, додека во проектот за Домот за стари во Штип, нов периметарски концепт на еден урбан блок. Она што дополнително ја издвојува Зорица Блажевска е нејзината педагошка работа. Денес се повеќе ја доживуваме архитектурата како еден материјален свет, материјален акт, од камен, тула, малтер, бетон, челик, стакло и финансии кои тоа го овозможуваат, но постои и еден подлабок план, план на идејата и уште подлабок, личноста која ја носи и отелотворува. Токму во тие длабоки корени се препознава личноста на професорот Зорица Блажевска. Нејзината дејност, покрај материјален отпечаток, е и несебично споделување на знаењето и учењето на архитектурата. “

– извадок од поканата на ААМ

 

 

Во објавата се користени материјали од графичкиот материјал – колажирана покана за доделувањето на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2022 година, од страна на Асоцијација на архитекти на Македонија