Споменик на слободата (Кочани) / Раѓеновиќ и Чемерски
02.04.2016 • ХХ век / II половина
Југословенски конкурс: I место
Автори: Радован Раѓеновиќ и Глигор Чемерски
Година: 1975-77
Свечено отворање: 1981
Локација: Локубија, Кочани
Извор: Wikipedia , Сања Раѓеновиќ Јовановиќ
„Споменик на слободата“ е монументален споменик во Кочани, изграден на ридот Локубија, на северозападната страна на градот. Споменикот е голем комплекс од отворени ѕидни конструкции, на кои се применети мозаици на Глигор Чемерски.
Споменикот е граден во периодот 1975-1977 година, од страна на тогашното Собрание на општина Кочани. Преку самоуправна спогодба биле собрани финансиски средства за таа намена во противвредност од околу 800.000 тогашни германски марки. На распишаниот јавен конкурс за уметничко и архитектонско решение се јавиле повеќе автори од тогашна Југославија. Комисијата го избрала уметничко-архитектонското решение на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ.
Во 1981 г. споменикот бил целосно завршен, а на 28 ноември 1981 г. (Денот на Републиката) со голема свеченост и присуство на граѓани, гости, уметници од културата, политичари и други, бил предаден во употреба.
Со неговата изградба Кочани, па и Македонија се збогатени со едно уметничко ремек-дело. На 335 м2 мозаичен приказ е крунисана и овековечена историската борба на македонскиот народ за слобода од Илинденскиот период, па до НОВ. Посебно во споменикот со пиетет се ставени имињата на загинатите борци во НОАВМ од Кочани и Кочанско.
Покрај историската и уметничка вредност, споменикот има и употребна вредност со изградената амфитеатрална сцена, која се користела за свечености, театарски претстави и други собири. Споменикот е прогласен за споменик на културата и како таков е влезен во регистарот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
За жал, по осамостојувањето на Македонија, споменикот е препуштен на забот на времето и значително оштетен. Оштетувања се направени и од несовесни граѓани кои откорнале дел од мозаикот или нанесувале графити на споменичната површина. Дел од оштетувањата се поправени во 2004
Другите рекоа:
Пред 30 години угледниот архитект Богдан Богдановиќ за Меморијалниот комплекс во Кочани вели: “Во време кога во Европа и во Југославија се сметало дека се е кажано на темата монументални споменици во Кочани се покажани нови иницијации кои монументалното творештво го врзуваат за антиката, пред антиката и за нашата современост и во него препознаваат не само сегашност туку и иднина. Мајсторе сега си протомајстор.“
Познатиот уметнички критичар Стеван Станиќ во одделот “Автори и дела“ (НИН – Белград 13.12.1981 г.) во сериозната презентација за реализираниот комплекс во Кочани напишал : “Со купола од право небо. Во далекото Кочани на брдото Лакобија е дело со ретка вредност – храм на слободата. …..ова некому е како оддишка од укоченоста на современата архитектура.
Одеднаш пред него е можноста да полета во поетиката на просторот, бидејќи и кај него одамна преовладува чувството на архитектурата како оној празен “лаоцеовски“ простор. Сега наеднаш може да се оствари идеалот. Сликарството и скулптурата да не бидат окована лушпа на архитектурата, ниту апликација, туку заеднички да се зачнуваат, и почетна идеа заедно да растат и хармонизираат. По некој закони и чувства на музиката, а помалку по она што би го нарекле синтеза на сите уметности.“
Ф.К
Автор на статија: marh