Скопје по ’63-та: интернационалниот конкурс за централното градско подрачје

July 27, 2018

Пред земјотресот центарот на Скопје се развива на двата брега од реката Вардар со две различни лица. На левиот брег е стариот ориентален град со органската структура на Старата турска чаршија, додека на десната страна се развива градот од 20-от век во кој се среќаваме со силни влијанија од европските еклектични стилови. Дополнително, уште во периодот меѓу двете светски војни, во Скопје почнуваа да е развива рано-модернистичнкиот архитектонски стил.

Во овој период граѓаните во централното подрачје претежно живеат во многу густо поставени стари и ниски куќи, од кои повеќето се градени без никакви урбани регулативи. Спротивно на ова се градските палати кои се појавуваа со развојот на новата буржоазија, позиционирани во перимертрални блокови покрај главните пешачки аксијалии во градот.

Сл, 1. Панорама на Скопје пред земјотресот (www.delcampe.net) 

За време на земјотресот најголеми оштети доживува токму центарот на градот, со резултат од 80% уништеност. Катастрофата ослободува празна површина за развивање на нов модерен центар, што е и првата прилика за темелно репланирање и дизајнирање на ова подрачје. Дополнително настрадуваат и главните симболи на старото Скопје, поради што обновата подразбира и креирање на целеосно нова силуета на престолнината на СР Македонија.

Поради важноста на реконструкција на јадрото на градот, неговиот дизајн е предмет на меѓународен конкурс, организиран од комсија од интернационални експерти на чело со Ернест Вајсман. Тие канат 4 странски и 4 домашни – југословенски архитектонски бироа, кои креираат осум решенија за обновата на центарот на Скопје. Целта на конкурсот е да се соберат идеи кои подоцна победничките тимови би ги развиле заедно со локалните власти и експерти, креирајќи едена финална варијанта на урбанистичкиот план за центарот на Скопје.

Сл, 2. Интернационалната комисија при оценување на конкурсните решенија (Skopje resurgent, 1970, p. 300) 

Комисијата напоменува дека сите предлози треба да се во согласност со програмата на развивање на градот и дава низа препораки врз кои тимовите ги базираат нивните решенија:

  • Старата чаршија треба да се смета како интегрален дел на центарот;
  • Предвиденото домување треба да биде со густина 350 – 400 жители/хектар, со просторен стандард од 20м2 по жител (што претставува драстично зголемување во однос на стандардот на домување од околу 8м2 пред земјотресот);
  • Зелените површини по течението на Вардар треба да продолжат во континуален систем низ центарот;
  • Пешачкиот и автомобилскиот сообраќај треба да се поделат (во рамки на можностите);
  • За уличниот систем нема поставено рестрикции и истиот може да се преработи;
  • Железнчката станица и автобуската станица да се обединат;
  • Во планот задолжително да се предвидат бројни јавни објекти: универзиет, училишта, театри, кина, опера, концертна сала, музеи, галерии, телекомуникациски сервис итн., секој со обезбедени соодветни просторни барања 

 

Извадок од „Архитектурата од периодот на постземјотресната обнова на Скопје – вредности и состојба во рамки на современиот контекст“, Ивановска Дескова Ана, 2015

Сл, 3. Адолф Циборовски му го презентира победничкото решение на претседателот Јосип Броз-Тито  (Skopje resurgent, 1970, p. 124) 

1. Едвард Равникар | Љубљана, Југославија

Соработници: Мајда Крегар, Ана Мавко и Едо Равникар

Равникар е Словенски архитект, чии проекти се карактеризираат со модерни објекти во голема корелација со контекстот. Повеќето од нив се изградени во регионот, покажувајќи одредена мера на јужен, медитерански карактер.

Неговиот план за Скопје силно се надоврзува на историскиот котекст, обичаите и навиките на локалното население, климатските услови и финансиската состојба на државата. Околу чаршијата предлага ниски модерни атриумски објети, кои со својот сличен размер би ги замениле волумените на уништените објекти од старата чаршија.

Северниот брег на реката останува наменет за културно образовни објекти, додека на јужниот концентрично се редат ринговите наменети за станбено домување, институции и комерцијални намени. Тие се поврзуваат со зелени улици и паркирање споено со парковски провршини.

Планот на неговиот тим добива посебна пофалба за користењето на низа системи за ладење и вентилирање наменти да ги олеснат топлите климатски услови.

Сл, 4. Скица на решението на тимот од Љубљана (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, p. 33) 

06

Сл, 5. План за централното градско подрачје на тимот од Љубљана (Еdvard Ravnikar, architect and teacher, Аleš Vodopivec, Rok Znidarsic, 2009, p.232)

Сл, 6. Макета за централното градско подрачје на тимот од Љубљана (Skopje resurgent, 1970, p. 305)

2. Александар Ѓорѓевиќ | Белград, Југославија

Сорабоници: Завод за убанизам Белград

Пристап кој е опишан како повеќе диаграмски него реалистичен, и креира нов третман на историските простори итегрирајќи ги во културен парк – отворен простор за уметнички, етнографски и археолошки експонати. Комисијата дава позитивен акцент на неговата сообраќајна шема и обезбедувањето на пакинг места за во иднина.

Сл, 7. Скица и шема на решението на тимот од Белград (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, p. 27, 28)

Сл, 8. Макета за централното градско подрачје на тимот од Белград (Skopje resurgent, 1970, p. 307)

3. Славко Брезовски | Скопје, Југославија

Соработници: студио Македонијапроект

Три аспекти од овој план се потенцирани и препорачани од страна на комисијата: позицијата на универзитетот; поместување на северниот автопат уште по северно за да не пречи на комплексот на Старата чаршија; и начинот на кој поврзува ниски објекти и зелени површини на левиот брег со високите модерни објекти на десниот.

Планот се концентрира на реконструкцијата на стриот град и отварање на монументалните споменици према улиците, преку мали плоштади исполнети со зелени површини. Со ова се овозможува посилно доживување на објектите од Чаршијата и на нивната урбанистичко – архитектонска вредност.

Сл, 9. Шема на решението на тимот од Скопје (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, p. 31)

Сл, 10. Макета за централното градско подрачје на тимот од Скопје (Skopje resurgent, 1970, p. 311) 

4. Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер | Загреб, Југославија

Соработници: Урбанистички завод на Хрватска

Проектот на тимот од Загреб е скромен и функционален, без огромни висини на објекти или преголеми отворени постори. Посебно е пофален поради можноста за изведување на фази и поради неговата фексибилност. Се концентрира на поврзување на двата брега на градот преку пешачки врски, како и зачувување и рехабилитација на поголемиот дел од старите објекти и улици. Дополнителен третман на реката е зелениот појас кој се простира на двата брега со три проширувања, парк кај железничката станица, парк кај спортскиот центар, и главниот парк кај Кале надополнет со пропратни објекти и изложбени павиљони.

Сл, 11. Шема на решението на тимот од Загреб (Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Zagreb 1965)

Сл, 12. План за централното градско подрачје на тимот од Загреб (Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Zagreb 1965)

Сл, 13. Макета за централното градско подрачје на тимот од Загреб (Skopje resurgent, 1970, p. 304) 

5. Морис Ротивал | Њу Јорк, САД

Ротавал е француски планер кој станува професор на Јеил во САД, тој е познаник со Ле Корбизје чии силни модернистички влијанија се забележуваат во неговите проекти. Тој се повикува на доктрината на органско планирање, која прагматично ги пренесува принципите на ЦИАМ целејќи повеќе кон нивна реализација наместо теоретска анализа на урбаното планирање. Иако ги користи истите елементи како неговите современици: облакодери, платформи поврзани со ескалатори и големи површини за паркирање, неговите проекти се оддалечуват од самата архитектура и нејзината естетика и се концентрираат на урбанистичките проблеми, изводливоста и економичноста на планот, како и неговата улога во општеството. Неговиот дизајн освен што ги соджи главните начела за модерниот град, дава и посебен акцент на важноста на центарот и неговата пристапност, додавајќи и типични Француски монументални елементи.

Неговиот план за Скопје го сместува целиот централен деловен дистрикт во еден пирамидален објект, што комисијата го оценува како не флексибилен. Дополнително прокетот содржи жичара од Старата железничка станица до Водно. За Чаршијата  предлага конзервација на некои згради, а заменување на останатите со модерни структури кои би се усогласувале со карактерот со старата архитектура.

Сл, 14. Скица и шема на решението на тимот од Њу Јорк (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, p. 26, 27)

Сл, 15. Макета за централното градско подрачје на тимот од Њу Јорк (Skopje resurgent, 1970, p. 308) 

Сл, 16.  Детал од макетата на тимот од Њу Јорк (100 Години Модерна Архитектура, Книга трета, Михаил Токарев, Скопје, 2006, p. 126)

6. Ван Де Брук и Бакема | Ротердам, Холандија

Соработници: студио Ван Де Брук и Бакема

Бакема е дел од пост воената авант гарда на дваесеттиот век и еден од гласноговорниците на ЦИАМ и Тимот 10. Тој своите проекти ги заснова на идеата на „отвореното општество“ кое му дозволува на индивидуалецот да се пронајде себеси во целината – соседството, градот… („total space“). Во период на развивање на технологијата и конзумеризмот се труди да го зајакне односот помеѓу корисникот и нештото, жителот и градот. Промовира креирање на нова архитектура која создава нов, модерен идентитет и еманципација на масите, а се состои од надминување на бариерите, формирање на транзиции и соодноси, демократски процеси и комуникација со жителите.

Во планот на Скопското јадро тимот од Холандија ја задржува и унапредува пешачка осовина на градот (Бит пазар – Камени Мост – ул. Македонија), правејќи ја главна урбана оска исполнета со социјална флуидност. Започнувајќи со историските комплекси оваа аксијала води кон новиот град, каде се збогатува со трговски активности и јавни простори. Нејзиниот фокус е Камениот мост чија монументалност се зголемува, не преку изградба на гигантска структура, туку преку акцентирање на оригиналната функција на спојување на двата брега од градот.

Во нивниот проект се појавува елементот на „ѕид“ околу централното јадро, слично како во проектот на јапонскиот тим. Просторот околу Даут-пашин амам се формира во трг, носејќи ја главната трговско–комерцијална намена на северниот брег.

Сл, 17. Скица и шема на решението на тимот од Ротердам (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, p. 21, 22)

Сл, 18. Макета за централното градско подрачје на тимот од Ротердам (Skopje resurgent, 1970, p. 310) 

7. Луиги Пичинато |Рим, Италија

Соработници: студио Шимеми

Пичинато работи во полето на урбанизмот, и спротивно на модернистичките тенденции е во блиска врска со историскиот контекст.

Неговата одбивност кон монументалните и грандиозни објекти стига до степен што предлага и уништување на низа модерни блокови во Скопје, со цел проширување на историските комплекси преку традиционален начин на градба и ситни структури. Доколку земјиштето не се користи за ревитализација на традиционалните вредности, треба да се користи за изградба на современи објети кои со својата големина и намена никогаш не би штетеле на рамнотежата што архитектурата мора да ја постигне со Скопскиот пејсаж. Според Пичинато тоа соединување на старото и новото е и главниот лик на градот.

Сл, 19.  Скица и шема на решението на тимот од Рим (Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967, p. 24, 25)

Сл, 20. Макета за централното градско подрачје на тимот од Рим (Skopje resurgent, 1970, p. 306) 

8. Кензо Тнге | Токио, Јапонија

Соработници: Арата Исозаки, Садао Ватанабе, Јошио Танигучи

Танге е најпознатиот јапонски архитект за време на модеризмот, бидејќи успева да ја реинтерпретира нивната традиционална архитектура во современиот јазик на 20-от век. Дополнително, тој и неговите студенти започнуваат метаболистичкото движење засновано на креирање на мегаструктури кои органски се надоврзуваат и растат.

Јапонското решение за центарот на Скопје е и најиновативното од сите проекти, па заради тоа добива посебни пофалби од комисијата и огромни реакции од публиката. Тие предвидуваат развивање на градот по две оски: историската, која се движи од север кон југ, низ Чаршијата и останатите објекти од старата градска структура;  и новата оска која се развива по течението на Вардар во насока исток – запад. Дополнително решението содржи неколку структурни елементи како комплексот „Градска Порта“, кој е голем административно-комерцијален сегмент покрај железничката станица; комплексот „Градски Ѕид“ составен од станбени објекти кои го заокружуваат старото градско подрчје, поврзувајќи го со новопроектираните структури; „Републичкиот Плоштад“ кој се развива на двата брега на Вардар во зоната помеѓу Трговскиот центар и Градската порта; „Плоштад Слобода“ позициониран на северниот крај од Камениот мост, чија цел е поврзување на културната зона покрај реката и историскиот комплекс на старата Чаршија.

 

Сл, 21. Tимот од Токио (Skopje resurgent, 1970, p. 327) 

Сл, 22. Макета за централното градско подрачје на тимот од Токио (Skopje resurgent, 1970, p. 302) 

Сл, 23. Детал од макетата на тимот од Токио (www.thetemplesofconsumption.blogspot.com) 

Сл, 24. Детал од макетата на тимот од Токио (www.schloss-post.com) 

Деветата варијанта

Комисијата на конкурсот доделува прва награда на тимовите од Јапонија и Загреб кои заедно со локалните органи, ја изработуваат и деветата – финална варијанта на планот за целнтралното градско подрачје. Овој план во голема мера ги задржува основните идеи за урбанизација предложени од тимот на Танге, посебно неговите просторни и структурни елементи. Со мултидисциплинарна тимска работа се менуваат содржините и комплексите кои се сметале за предимензионирани и се исфрлаат дел од предвидените станбени зони во близина на Чаршијата. Во оваа фаза многу појасно се артикулираат Републичкиот плоштад и плоштадот Слобода како и самите објекти од културата. Деветата варијанта дополнтелно го разрабротува аспектот на изведба во фази, кој првично го среќаваме во решението на тимот од Загреб

Сл, 25. Радован Мишчевич и Кензо Танге

Сл, 26. Деветта варијанта – програмски намени (анализа од Т. Михајловска и М. Николиќ)

Сл, 27. Деветта варијанта – сообраќајна шема (анализа од Т. Михајловска и М. Николиќ)

Сл, 28. Деветта варијанта – детал од макета, Републички плоштад, Градска порта и Транспортниот центар (Skopje resurgent, 1970, p. 323) 

Сл, 29. Деветта варијанта – детал од макета, Градски ѕид (Skopje resurgent, 1970, p. 326) 

Сл, 30. Деветта варијанта – детал од макета, Транспортниот центар и Градска порта (Skopje resurgent, 1970, p. 327) 

Извори: „Skopje resurgent” – United Nations, New York, 1970; Книга 20 – Завод за урбанизам и архиектура, Скопје, 1967; Ивановска Дескова, Ана, „Архитектурата од периодот на постземјотресната обнова на Скопје – вредности и состојба во рамки на современиот контекст“, Скопје, 2015; Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, idejno urbanističko rešenje, Urbanistički insitut SRH, Zagreb, 1965 | НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје; „Еdvard Ravnikar, architect and teacher“ – Aleš VodopivecRok Znidarsic, 2009; www.okno.mkwww.mk.wikipedia.org.

Автор на статија:

| / / / / / / / / |