Трамвај или зеленило? А зошто не и двете?!

 

Минатата  недела Градоначаникот на Град Скопје ги објави неговите визии за унапредување на сообраќајниот систем во градот. Едниот аспект е креирање на пешачка зона на местото  на улицата Рекорд, додека другиот подразбира изведба на трамвајска линија на релацијата Ново Лисиче – Ѓорче Петров.

Скопскиот трамвај е привлечна идеја за сите досегашни градоначалници, но како и претходно, така и овој пат таа станува тема на интензивни дискусии и критики. Иако многумина се сомневаат во исплатливоста и изводливоста на овој проект, тој сепак подразбира зајакнување  на скопскиот сообраќаен систем со превозни стредства кои се „позелени“ и од градските автобуси.

Изјавата на градоначалникот споменува изведба на трамвајска траса по центарот на бул. Партизански Одреди, што многумина го видоа како закана за заштитното зеленило по центарот на улицата. Колку и да се трамваите енергетски ефикасни, нели е апсурдно да сечеме дрва за да ги поставиме?

Можеби ова не е најкруцијалното зеленило во нашиот град, но сепак станува збор за површина со должина од околу 5км. која не треба да се занемари. Сите некогашни студенти на АФС секојдневно сведочевме како на оваа мала лента и требаа години (и веројатно многу вода) да израсне стотина грмушки и дрвца, кои денес го збогатуваат овој прометен градски булевар.

Токму овие околности ме натераа да се запрашам дали навистина поставувањето на трамвајот би значело крај за ова зеленило?

Бидејќи станува збор за изнаоѓање на оптималниот урбанистички дизајн, решив да го искористам моето основно образование во полето и да ги разгледам можните решенија за нашата Партизанска.

Сл. 1, Денешна состојба на бул. Партизански Одреди / извор: www.standard.mk

Најпрвин да се запознаеме со сегашниот профил на бул. Партизански Одреди. Како и мнозинството улици во Скопје, се состои од улични ленти широки по 3.5м, групирани по три во една насока.

Решенијата кои ги разгледувам во оваа објава се фокусираат на две претпоставки – задржување на лентите со иста широчина како сегашната, и задржување на моменталната широчина на коловозот. Стеснувањето на лентите или проширувањето на коловозот би резултирало во многу поразлични решенија, но и многу покомплексна изведба

Сл. 2, Денешен профил на бул. Партизански Одреди

По првичната изјава на градоначалникот, многумина бевме изненадени зашто едноставно не се избере решение каде трамваите се движат по најдесните ленти, слично на денешните автобуси.

Но, ова решение е далеку од едноставно и многу неефикасно. Крајната десна лента се користи за вртење на споредни улици, пристап до паркинг површините, и нашето најомилено, запирање со четири трепкачи. Трамвајот нема опција на заобиколување на ваквите случаи и секое среаќавање со запрена кола на оваа лента би претставувало сериозно успорување на целосната рута.

Решение 1. ПРЕДНОСТИ: надоврзување на постоечкиот профил; задржување на зеленилото; поврзување на постоечките автобуски станици; НЕДОСТАТОЦИ: отежнување на трамвајското движење поради колски сопирања и непрописни паркирања; нема можност за експресна лента.

Поради ова поставувањето на трамвајските ленти по центарот на булеварот е попрактичното решение.

На почетокот, предложеното централно решение го замислував како едноставно заменување на заштитното зеленило со дветте трамвајски треаси. Но, бидејќи тоа зеленилото е широко само 5м. а за трамвајските траси е потребено барем 6.8м. ова решение не е возможно. Повторно доколку се придржуваме на оригиналните претпоставки дека колските ленти нема да се стеснуваат или коловозот да се проширува.

Безразлика, поради потребата на вметнување на трамвајските шини и станици, нужно е изземање на барем една или две од постоечките колски ленти. Со оваа логика ви претставувам дел од можните решенија за изведување на трамвајски ленти по центарот на булеварот.

Пред разгледување на следните имајте ги на ум следниве околности:

– оптималното решение би подразбирало експресни ленти со кои драстично би се забрзало движењето на јавниот превоз;

– експресните летни се заградени со бариери и наменети единствено за трамвајскиот сообраќај;

– површината на ваквите ленти не мора да е асфалтирана, а може да е и трева;

– доколку експресните траси не се изводливи сега, сепак треба да се остави простор за нивно идно креирање;

– трамваите можат да се отвараат и полнат од десна или лева страна, иако вторите се поретки, а можеби и поскапи;

– станиците може да се распоредуваат и напоредно, наместо една спроти друга за дветте насоки;

– во деловите каде нема станици може да се продолжи со зеленило или по потреба да се појават колски ленти за приклучување;

Решение 2. ПРЕДНОСТИ: исполнување на минималните стандарди; можност за експресни ленти; НЕДОСТАТОЦИ: одзимање на една од колските ленти – несиметричен булевар; многу тесни станици; отстранување на зеленилото.

Решение 3. ПРЕДНОСТИ: заменување на постоечкото зеленило со две нови ленти – повеќе зеленило; трамвајските екпресни трасиѓ со бариери; соодветни станици за трамваи кои се отвараат на десно; НЕДОСТАТОЦИ: намалување на колскиот капацитет на булеварот; обемен потфат на отстранување на постечкото зеленило и инсталирање на две нови.

Решение 4. ПРЕДНОСТИ: задржување на постоечкиот уличен профил; задржување и на зеленилото; трамвајски ленти на кои можат да се движат и автомобили; можност за нивно идно затварање во екпресни траси; соодветни станици за трамваи за двете насоки; НЕДОСТАТОЦИ: потреба за трамваи кои се отвараат на лево или на дветте страни.

Решението бр. 2 е веројатно најекономичното доколку се концентрираме на оптимизирање на булеварот за протокот на сообраќај. Сепак, истото се развива на сметка на постоечкото зеленило и на потребите на пешаците за пристап и просотр на постојќите.

Спротивно на тоа, решението бр. 3 е веројатно најутопистичкото, каде булеварот се оптимизира за јавниот транспорт и пешачкото искуство. Ова решение би подразбирало најголеми опфати а истовремено би го намалило колскиот капацитет за една третина од денешната состојба.

Последното – решение бр. 4, бара најмали интервенции на постоечкиот профил на булеварот, а поради неговата километарска должина тоа подразбира значително штедење во изведбата на проектот. Истото остава можност за постепена трансформација на булеварот, каде на почетокот тие би ги левите ленти би служеле за трамваи и автомобили, додека на крај тие би се затвориле во експресни трамвајски траси.

Ваквите улични профили често ги среќаваме низ западно-европските градови, што укажува на нивната ефикасност.

Како граѓани на Скопје заслужуваме да бидеме запознаени со можните решенија за ваков тип на јавни проекти уште пред тие да влезат во изведба. Градските улици ја обезбедуваат проточноста на нашите градови и нивниот квалитет ги дефинира можностите за транспорт. Наспроти улогата на градски оски, изгледот на улиците влијае на тоа како го доживуваме нашиот град. Неспорно е дека улично зеленило игра огромна улога во визуелниот впечаток, но уште поважно допринесува кон креирање на сенки и регулирање на температурата на ваквите прометни површини. Наспроти наједноставните решенија, треба да избереме дизајн кој ги сплотува естетските, еколошките и транспортните аспекти на нашите улици.

Се надевам дека ова кратка анализа ќе допринесе во дискусијата за идната трансформација на бул. Партизански Одреди, кој е толку голем дел од нашето секојдневие.