Доделени награди на Бимас 2016

Вчера официјално заврши манифестацијата Бимас 2016,  со  свеченоста на доделување награди, во Музејот на град Скопје. Традиционално се доделуваат во повеќе категории, меѓутоа поради малиот број или воопшто непредадени трудови во одредени категории, истата не беше  доделена.

На настанот се случи и неочекувано одбивање на специјалната награда за успешно реализиран објект на студиото Радиус, за објектот на Про Кредит Банка, за кое арх. Мартин Пановски образложи пред присутните и заедно со тимот го напушти настанот.

Од настанот ви приложуваме фотогалерија, и во продолжение извештајот на ААМ:

IMG_6478

IMG_6466

IMG_6476

IMG_6465

IMG_6470

IMG_6471

IMG_6473

IMG_6469

IMG_6467

IMG_6475

IMG_6468

IMG_6493

IMG_6461

IMG_6455

IMG_6480

IMG_6483

IMG_6487

IMG_6484

IMG_6489

IMG_6494

IMG_6460

фото: Борис Јурмовски

Превземено од AAM:

ИЗВЕШТАЈ
од работата на жири комисијата за доделување на награди на 18-то Биенале на македонската архитектура БИМАС 2016, составена од архитектите:

Мирослав Грчев, претседател на комисијата, и членови: Владимир Пота, Владимир Десков, Невена Георгиевска, Дејан Секуловски, Дамјан Цингарски и Фросина Зафировска како надворешен член.

Членовите на комисијата за доделување на награди на 18-иот БИМАС, како и сите архитекти членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, учесници и организатори на оваа биенална архитектонска смотра, се соочија со последиците што едно тешко и контроверзно време за македонската архитектура ги остава на архитектонската и градителската дејност, нејзиното место и значење за општествената реализација, како и за тешкотиите што еснафот ги има во одржувањето на стручната автономија и на посебноста на современиот архитектонски јазик и ликовните архитектонски изразни средства. Економската рецесија неминовно влијаеше на намалувањето на архитектонската и градителската продукција што видливо го намали и бројот на учесници на Биеналето. Колку и да не и прилега на оваа пригода – свечениот ден од нашата манифестација – не е можно да не ја спомнеме и општествената контроверза во чијашто сенка се одвиваат нашите професионални животи, севкупната архитектонска продукција и, конечно, оваа архитектонска смотра: тоа е непринципиелниот упад на македонската влада во автономијата и слободата на архитектонското творештво искажано во сите владини јавни градителски инвестиции во центарот на Скопје.
Сепак, и покрај неповолните општествени влијанија, на големо задоволство на Комисијата за доделување на награди на 18-тото Биенале на македонската архитектура, заклучивме дека и во овие исклучително тешки околности, без преседан во нашата историја, македонските архитекти – учесниците на БИМАС, успеаја да остварат вредни архитектонски дела, од кои зрачи самосвојноста на архитектонското знаење и стручност, како и строгоста, достоинството и имагинативноста на архитектонскиот израз. Вреден за помен е и фактот што во трите категории во кои пристигнаа трудовите што ги жириравме – реализирани архитектонски објекти, проекти од областа на архитектурата и реализирана внатрешна архитектура, преовладуваат трудови чијшто општ квалитет и вкупни професионални достигања јасно укажуваат дека македонската архитектура ќе ги преживее тешките искушенија на времето одгледувајќи ги високите стандарди на струката, особено современата и меѓународно читлива архитектонска нарација и лингвистика, како и употребата на модерните и современи елементи и материјали за збогатување на модерната архитектонска лексика и стилистика.
Жири комисијата ја заврши својата работа во атмосфера на плодна колегијална дебата, во којашто преовладуваа аспектите на афирмација на архитектонските вредности што ги носи со себе секој евалуиран архитектонски труд. Различните мислења не ја попречија комисијата да донесе заеднички одлуки врз основа на стручна и колегијална согласност, во која преовлада свеста за значењето на афирмативната порака во полза на македонската современа архитектура и нејзината творечка, изразна и стилска автономија, порака што според нашето мислење мора да има манифестно значење. Поради тоа, со големо задоволство ги донесовме следните одлуки за доделување на награди:

1. Голема награда на 18ти БИМАС за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите Минас Бакалчев диа, Саша Тасиќ диа, Гордан Петров диа и Александар Петановски диа за објектот Тренинг центар ФК Вардар, за рационалниот и воздржан архитектонски израз, еден вид на дисциплинарен аскетизам со кој е на високопрефинет начин афирмирано Мисовото минималистичко архитектонско кредо „помалку е повеќе“.

2. Специјална награда за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите Maртин Пановски диа, Јана Гугуловска диа, Душица Диновска диа, Александар Наумчески диа со соработниците Тијана Каевска диа и Ана Урумовска диа за објектот Управна зграда на ПроКредит банка во Скопје, за исклучително економичниот и хуман пристап во обликувањето на архитектонските простори на објектот, како волумени што се прелеваат меѓусебе создавајќи топла и прифатлива спојка помеѓу формата и функцијата.

3. Специјална награда за реализиран архитектонски објект им се доделува на авторите Димитар Папастеревски диа, Езерка Папастеревска диа, Борка Стрезовска диа со соработникот Соња Наковска и конструкција Тони Арангеловски инг, за индивидуален станбен објект во Козле, Скопје, за иновативноста и архитектонското мајсторство во решавањето влезните простори, комуникациите и конекцијата помеѓу надворешноста и внатрешноста на најмногу решаваниот градителски проблем на светот – куќата за домување.

4. Награда за проект од областа на архитектурата се доделува на авторот Даниела Хаџиќ, диа за проектот семејна куќа – Фузија во Ѓорче Петров, Скопје, за ретката архитектонска вештина со едноставни елементи во иклучително скромни материјални и димензионални рамки да се создава висока архитектонска вредност и хуман простор за домување.

5. Награда за релизирана внатрешна архитектура – ентериер им се доделува на авторот Андријана Савиќ диа со соработниците Даница Спасевска диа и Иван Белески диа за Инфо пулт, за исклучително ефектното архитектонско обликување на дел од еден огромен ентериер – еден агол во својство на атрактор со автономна кристална геометрија и ненаметлив монохроматски шарм, што многу ја прераснува својата намена и размера.

6. Награда за реализиран индустриски дизајн не се доделува, поради одсуство на пријавени трудови во оваа категорија.

7. Награда за урбанистички план или проект не се доделува, поради одсуство на трудови во оваа категорија.

Автор на статија: