“Електро- Македонија” ( Охис, ЕСМ ) / Бранко Петричиќ 1962 год.
13.02.2015 • ХХ век / II половина
Објектот е проектиран од архитектот Бранко Петричиќ во 1961 година во интернационален стил ( изведен 1962 год.), освојувајќи го првото место на анонимен конкурс. Објектот за своето време е врв во примена на материјали и примена на конструкции. За прв пат во Скопје се употребува обесената конструкција , како и принципот на целосна стаклена фасадна покривка.
Основа на објектот
За жал, денес објектот го доживува сопственото руинирање, под покровителство на државата. Овој објект го преживеа скопскиот земјотрес, но нема да ја преживее наездата на „ бруталистичкиот барок”, за кој Скопје веќе е на мапата на исмевање помеѓу професионалните кругови во светот.
Целата интервенција за да добие на тежина на сопствената глупост, е проектирана од Градежниот Факултет. Се појави слика на социјалните мрежи, која ја покажува таблата поставена пред градежната локација. Со кое право, Градежниот факултет проектира и со чие овластување, е уште едно болно прашање на скопската ситуација.
Авторот на овој објект, по потекло е од Србија, роден во Плашки 1911 година, а дипломирал на Теничкиот Факултет во Белград. Исклучително битно е тоа што работел на проектот „План за Париз 37″ во бирото на Ле Корбизие во Париз. По завршувањето на втората светска војна работел како проектант во Сојузниот завод за проектирање во Белград. Во 1958 година се вработил во урбанистичкиот завод на градот. Починал 1984 година.
Автор на статија: marh