Архитект Билјана Филиповска – овогодишен добитник на наградата „Андреја Дамјанов“
02.11.2017 • Информации
Вчера во Музејот на современата уметност – Скопје, беше свечено доделена наградата за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството, на архитект Билјана Филиповска.
Наградата ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, додека одлуката за изборот ја донесе комисијата во состав:
-Радован Раѓеновиќ д.и.а ( претседател и минатогодишен добитник на наградата) член на АА на ААМ;
-д.р проф. Михаил Токарев, д.и.а., член на АА на ААМ;
-Иван Арсовски, д.и.а., член на УО на ААМ;
-д-р. проф. Елизабета Касапова, д.и.а
-Мишо Арсов д.и.а член на ААМ
Настанот го водеше арх. Марта Илиевска, додека свечени говори одржаа претседателот на ААМ архитект Мартин Пановски, почесниот член на академијата г-дин Трифун Костовски, претседателот на комисијата архитект Радован Раѓеновиќ, директорот на МСУ, Мира Гаќина и добитникот на наградата, која се осврна на сопствениот 5 децениски пат низ светот на архитектурата.
Пановски го истакна исклучителниот придонес на Филиповска во сферата и личното растење, стекнато во заедничката 12 годишна соработка во Студио 2000.
Г-дин Трифун Костовски посочи на значајноста на професијата која има одговорност во креирањето на светот според потребата на човекот, како и личната посветеност во подршката на ААМ.
Минатогодишниот добитник на наградата архитект Радован Раѓеновиќ го прочита образложението на комисијата и оправданоста на одлуката, додека директорот на МСУ, Гаќина ја истакна подршката на Музејот во организирањето на настаните од полето на современата архитектура.
Архитект Билјана Филиповска е родена 1949 година во Скопје. Студиите ги завршува во Словенија. Кратко време работи во студиото на арх. Блајвајс, а потоа се враќа во Скопје каде продолжува во бирото Архитект.Во нејзиното работно искуство се вклучени етаблирани фирми на македонското градежништво, како Пелагонијапроект и Македонијапроект, додека во 2000 година го формира сопственото биро СТУДИО 2000.
Во нејзиниот опус се повеќе значајни дела како Олимписки базен – Скопје, Поштата во Неготино, Поштата во Штип, тровскиот центар Сектрон, станбени кули во Капиштец и многу други.
фотографии: Борис Јурмовски
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski