Вонредна Сесија 02 / Формат: Конкурс / Никогаш Неизградено Скопје

Архитектонските конкурси, во интернационални размери, денес повеќе од кога било ја поттикнуваат архитектонската продукција, т.е. продукцијата на идеи (идејни решенија). А, потрагата по нешто „ново“ е од огромно значење за создавањето на идеите. Неретко „новите“ концепти се потпираат на, или повторно ги откриваат подзаборавените, не-толку-нови мисли, што во минатото во некаков поинаков контектст, изгледале сосема нереални, чудни или створени од поединци и групи чии радикални визии се издвојувале од доминантната вообичаена продукција.

Многу често, нереализираните проекти, односно конкурсните трудови што не биле наградени / изведени се извор на инспирација и се проучуваат после нивниот „неуспех“ – на пример, конкурсот на Иван Леонидов за градот Магнитогорск, проектот на Мис за облакодер во Берлин, или предлог-решенијата за паркот Ла Вилет, или Националната француска библиотека во Париз на ОМА….

На локално ниво, ситуацијата со која сме соочени не е сјајна. Архитектонскиот конкурс како институција речиси и не постои – се претвори во повик за јавна набавка што завршува зад затворени врати, како тајна, затворена лицитација. Скоро и да не постои дискусија за идеи, возможниот неизграден свет останува неразбранет, тивок.

Разговорот на темата Формат: Конкурс // Никогаш Неизградено Скопје ќе ги допре прашањата:
Зошто е важен архитектонскиот конкурс? Каква институција би требало да претставува? Кој го распишува конкурсот, како се составува програмата, и како се оценуваат конкурсните трудови?
Кои нереализирани визии за градот Скопје може денес да се сметаат за валидни, и зошто?
Некои од визиите на неизградено Скопје се големите потези како голем ринг, градската порта, проектот за културен центар… и идеите за објекти и места како локација „Тифани“, конкурс за делот кај Рамстор, конкурс за паркингот кај Холидеј Ин, плоштад „Слобода“, конкурс за „Кермес“…

Извор>>