Домување на “Помеѓуто” на примерот на Велес / Искра Филипова

Магистерски труд

Автор: Искра Филипова

Ментор: Минас Бакалчев

Година: 2015

Целта и стремежот при изборот на темата “Истражување на колективната форма 1964-2015”  беше пред сè да се иницира раст и развој во останатите градови во Македонија, конкретно на локацијата во Велес.

Насловот на темата – Домување на “помеѓуто” на примерот на Велес, крие во себе три клучни термини врз кои се заснова целиот концепт на магистерскиот труд:

1

Домување – Односно истражување на домувањето како концепт, проследено низ теоријата на Фумихико Маки, кој врши генерална поделба на планирањето на градот на три парадигми: Композициска, Мегаформа (Мегаструктура) и Групна форма. Токму Групната форма беше предмет на подетално истражување, односно прашањето за теоријата на развој на органски настанатите градови:  Што е она што ги прави природно настанатите градови да бидат она што се? – Непобиен, импресивен пример за човекомерност, естетика и целовитост…Дали при детално и внимателно, суптилно истражување можеме да го предвидиме и добиеме истиот квалитет на новопланираниот сегмент на град?

2

Помеѓуто – Термин, не случајно одбран и потенциран со наставка, кој не наведува на теоријата на Алдо ван Ајк и Херман Херцбергер.

3

Преку теоријата на Алдо ван Ајк и неговите релевантни примери во архитектурата, (Многубројните игралишта и сиропатилиштето во Амстердам) може да се добие јасна визија за значењето на “inbetween” во архитектурата – Неговото длабоко филозофско значење за она што претставува еден простор кој се судира, но истовремено е и во релација со две просторни реалности, за што тој ќе рече: “Размислував околу тоа, проширувајќи го значењето на поимот онолку колку што можеше. Дури и одев дотаму да го идентификувам како симбол на она што архитектурата значи и како таква треба да го исполни.”

4

Третиот претставник на теоретската рамка на овој труд е Херман Херцбергер, односно неговите конкретни насоки кон значењето и претставата за “Прагот” во архитектурата. Тој го дефинира прагот како средиште на транзицијата и поврзаноста меѓу областите со различни територијални одредби (места) каде владеат одредени правила кои го содржат просторниот услов за средба и дијалог. Па така, при дефинирање на релацијата на јавниот и приватниот домен, тој ќе каже: “Треба да се стремиме да создадеме јавна област каде жителите самите ќе бидат инволвирани и каде сите заедно ќе учествуваат и земаат удел во нејзиното уредување.” Проектот кој како архитектонска визија ни ги доловува неговите теоретски ставови е LiMa Housing во Берлин, како една успешна реализација и пример за подигнување на колективната свест во домувањето.

5

Веќе преку третиот термин – локацијата на градот Велес, навлегуваме во предметот на истражување на проектот, конкретно поделен на два дела – Пристапот и методите на истражување на постојното градско ткиво и начинот на планирање и можно спроведување на ново градско ткиво.

6

7

При детална анализа на локацијата, повторно се навраќаме на значењето на поимот “Помеѓуто”, овојпат како дефиниција на одбраната локација, кој покрај доловувањето на амбивалентниот однос кон реката и градот, има за цел да даде една посуштествена вредност на интервенцијата – Ентитет кој покрај неговата улога да назначи постоење на едно место во однос на друго, претставува место само по себе (дистинктивен дел од постојното градско ткиво). Морфолошката анализа, односно аксонометриската претстава на градското ткиво кое е во непосреден контакт со реката бележи поделба на шест фрагменти, кои, проследувајќи ги секој поединечно, прецизно ни ја доловуваат функцијата (намената), опкружувањето и карактеристиките на локацијата. Додека од сообраќајната анализа е добиена и графички јасно доловена органски развиената мрежа на улици и постојната градска инфраструктура.

8

9

Новопланираната градска интервенција се темели на збир на повеќе аспекти кои ја чинат кохерентната целина на решението. Аспектот на домувањето се темели на поставувањето на “точкаста” морфолошка поставеност на индивидуални семејни куќи дефинирани со соодветна модулација, како би претставувале дистинктивно ткиво во однос на постоечката градска морфолошка структура. Нивното поврзување во однос на градот е со дефинирање на одредени зелени површини (како бафер зона, но и придонес за можно органско производство со поставување на овоштарници) и новопланирана градска инфраструктура, која е од сообраќаен аспект дополнување на веќе постоечката мрежа на улици, додека како ново предлог решение бележи воведување на пешачката зона (покрај кејот на реката) како и воведување на нова велосипедска патека.

10

11

Од архитектонска гледна точка, надоврзувањето се темели на идејата за воведување на современ начин на домување во духот на традиционалната македонска архитектура, па така е воспоставена релацијата на концептот на куќа со еркерно поставени волумени на домување кои ги овозможуваат секојдневните човекови активности распределени по катови (одмор, боравок и сл.) а кои не навраќаат на животот во македонската стара “одаја”-соба која ги буди чувствата на семејна топлина и човекомерност во поглед на живеењето, со старата велешка куќа. Секако, неизоставен дел е и “празниот волумен” – чардакот, кој го назначува “животот на отворено” – изложување на човековите активности надвор, па така преку надополнувањето на овие простори со пешачки патеки (зони) се добива една градска целовитост и слика на она што значи еден нов, традиционално (во духот на старата градска архитектура)– современ тип на домување.

12

13

14

Автор на статија: