Игнорирањето убива

Скопје во изминатите години се соочува со комплетно менување на сликата за центарот,  достигнувајќи ги максималните капацитети на искористеност. Градење нови објекти со имитација на одминати стилови, рефасадирање вредни и историски примери на скопската модерна во истата насока, конкурси со нетранспарентни постапки на непознати жири -комисии со ужасни проектни задачи и барања, налик нарачител е императорска мецена ала Медичи.

Во тој тек на идеја и реализација, отпорот кон овие  неоправдани брзи и неодмерени чекори, го предводеа и започнаа студентите на архитектонскиот факултет, подоцна дел од нив преку Првата Архибригада,  повремено и неколку професори, анонимни fb страни, ААМ и Плоштад Слобода. Од сите начини на одбрана и обиди за мобилизирање на професијата низ повеќе призми, конечно пред две години се појави иницијативата “ГО САКАМ ГТЦ”. Таа ги вклучи професионалците да ја поткрепат аргументирано, но не ги исклучи и останатите.  Од првиот почеток до денес, непресушно и навистина посветено работеа на едукација на граѓаните, промоција на вредностите на овој објект, се обидоа институционално да влијаат, останувајќи  на вистинско културно и професионално ниво во таа одбрана. Оваа иницијатива ја врати вербата кај младите, дека конечно се будиме од заспаноста. Професионалците во соработка со подржувачите од другите професии ја предводат мислата за зачувување на модерното наследство.

Вчерашниот ден требаше да претставува победа на граѓанството, зрелиот став и свесност кон постоечките и наследени вредности, пред се најава за крај на обезличувањето на Скопје. Од еден аспект се потврдија неколку позитивни податоци:

1 -за прв пат се случува толку граѓани да гласаат за ист избор, како по број, така и по проценти;

2- за прв пат вистински граѓанска иницијатива стигна до  завидливо ниво на организација и обезбеди вистинска подршка од народот;

3- за прв пат се надвика  бојкотот од македонските медиуми во информирањето на јавноста за овој настан и иницијатива,

итн.

Но, моќта на еден референдум пред се е правен акт, каде има точни и обврзувачки мерила за успешност: излезеност над 51 % од вкупното гласачко тело и доминатен број истомисленици, потребен за да се дефинира победничката мисла. Од тој аспект, се потврди заспаноста на македонското општество, спорото себебудење  во поглед на имање став и вистинско учевство во одлуките. Можноста да искажете мисла на референдум, да одлучите за одредено делување не е секојдневен чин и треба да претставува вистински предизвик за секој. Се чини македонскиот синдром / за малку ќе успеевме… /, сеуште не сме силни да го надминеме, најверојатно заради другиот наш синдром / јаки на збор, слаби на дело/. Тоа го чувствуваме во сите свери на општеството, па преку тоа и во овој референдум. Напредок во слободната мисла има, но тоа не беше доволно за вчера секој да разбере дека имаме став за градот свој. Сега што и да му направат на ГТЦ ќе го носиме сите на душа, поради единствената можност да го кажеме нашиот став по ова прашање, а народната вели „Kој ќути – одобрува”. Имаме став, но не е доволно подржан од широката маса. Сеуште е зелено нашето општество  за да ја разбере битноста на овие прашања.

И покрај се, МАРХ останува со подршка за иницијативата  и ќе направи се што може да помогне во едукацијата на пошироките маси и промоцијата на македонската архитектура. Не го криеме нашето разочарување за вчерашниот исход, кој имаше моќ да биде пресврт во корист на СКОПЈЕ.

Граѓаните на општина Центар  немаат оправдување за неизлезноста, во нивни раце беше препуштена одлуката за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ, која очигледно ја пропуштија во име на сите! Никој нема алиби дека не знаел, ниту дека немал можност да се информира, бидејќи оваа иницијатива 2 години работи на едукација и промоција на идејата. Игнорирањето е подеструктивна појава и од идејата на самите чинители за промена на фасадата на ГТЦ.

Да се надеваме дека овој граѓански автогол ќе биде последен и ќе предизвика самокритика која ќе не насочи на позитивна промена уште денес.

Секому добро!

МАРХ

 

 

Автор на статија: