Ранохристијански мозаик на големата базилика во Хераклеа
Период: доцен 5 – ран 6 век
Површина: 100м2
Извори: Надживела представа сферног космоса на ранохришћанским куполама и подовима и на куполама српских средњовековних цркава – Г. Ц. Томашевич; Ремек-дела на ранохристијанската уметност во Македонија – Елизабета Димитрова; Хераклеа – И. Микулчич; фотографии: www.360macedonia.com; www.helenmilesmosaics.org; www.build.mk; mk.wikipedia.org;
Веројатно делот од Хераклеа кој најмногу не поврзува со цивилизацијата која живеела тука пред стотици години е мозаикот на подот од нартексот на големата базилика.
Егзонартекст на големата базилика
Мозаикот содржи три елементи: небото, земјата и водата. Распоредот на елемнтите е сличен на останатите пронајдени космолошки претстави од ранохристијанскиот период – небесниот свет во центарот, концентрично развивање на земјата околу него, и водниот свет кој ја врамува целата композиција. Овие примери покрај својата декоративност претставуваат симболични прикази на космосот кои ни помагаат да го разбереме тогашното согледување на светот.
Небесниот свет е претставен преку централниот мотив, р’бетото на оваа композиција околу која симетрично се нижат останатите елементи. Силмболизирајќи го христијанството виновата лоза „извира“ од кантаросот а кон неа пристапуваат следбениците – елен, срна, пауни и гулаби, зооморфни симболи на душите на верниците кои по смртта заминуваат во рајот. Со слична симболика е и ритуалното причествување кога христијаните го пијат виното – грозјето од виновата лоза – крвата на Христос, или пијат од Божјиот изор на верата.
Наспроти спокојниот приказ на рајската градина околу се развива светот на земјата, каде преку флората и фауната се пренесува прилично силна симболична порака. Борбите меѓу животните алегориски ја прикажуваат телесната смрт, човековите порази и страдањето. Со ова се прави силниот контраст помеѓу животот на небото и земјата – на рајот и пеколот.
Земјината плоча плови во бескраен океан, па затоа и главното поле е опкружено со рамка која ја претставува водата преку низа преплети и прикази на морскиот свет.
Самата намена на нартексот е претпостор пред базиликата, пред баптистериумот каде христијанинот преку процесот на крштевање се простува од гревовите и влегува во духовниот свет. Поради тоа целта на овој приказ е и графичко прикажување на повторното раѓање во вечниот живот во рајот, слика која предизвукува силен прв впечаток на верниците при влезот во објектот.
Следејќи ја техниката согледуваме дека станува збор за многу напредна работилница за мозаици, која користела различни материјали со кои успева да направи многу детална слика на подот од базиликата.
Мозаикот во нартексот на големата базлика во Хераклеа претставува врвно уметничко достигнување од ранохристијанскиот период. Неговото симболичко прикажување на христијанските догми инспирира и многу од подоцнежните мозаици во регионот. Денес, во склоп на археолошкиот локалитет Хераклеа, тој е заштитен како културно наследство на Република Македонија.
Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис
Автор на статија: Ноеми Чаусидис