Ранохристијанска базилика кај локалитетот „Манчевци”/ Охрид, IV-V век н.е.

 

Период: IV-V век н.е.

Локација: Варош, стар дел на Охрид, помеѓу ул. Илинденска и ул. Глигор Прличев

Насловна фотографија: www.zkn.mk

 

Денешниот центар на Охрид лежи врз историски слоеви кои се таложат со векови наназад. При разни градежни активности, на само неколку метри од денешното ниво, се откриваат фрагменти од античкиот Лихнид или средновековниот Охрид.

Таков е случајот и со оваа ранохристијанската базилика што се наоѓа во близина на црквата Св. Софија, веднаш до куќата на семејството Манчевци. Првите ископувања датираат уште во 1980-тата, а посериозни истражувања се извршени во 2007-ма година, кога, за да се открие фрагмент од овој доцно-антички слој, два објекта се отстранети.

 

 

 

 

Досега се истражени само 200 квадратни метри. Во долните партии на ѕидовите откриени се  одлично зачувани подни мозаици и фрагменти од фреско – живопис. По ископувањето е извршена конзервација на мозаиците, реставрација и делумна реконструкција на архитектурата. Во 2011-13г. се изградени  потпорни ѕидови и натстрешници за да се заштити историскиот локалитет.

Археолошките истражувања не забележуваат никакви знаци на намерна деструкција или пожар, што води до некои претпоставки дека градбата се урнала за време на земјотресот во 526-тата година.

 

 

Фотографија од ископувањата / извор: Мозаиците од ранохристијанската базилика кај Манчевци во Охрид, М. Тутковски, стр. 344, фото: М. Тутковски

 

 

Архитектура

Самата базилика е трокорабна и се верува дека била дел од поширок комплекс. Изѕидана е во opus mixtum од камења и четири реда на тули поврзани со варов малтер.

Северниот и централниот кораб биле поделени со колонада, чии лаци и столбови се откриени in situ. Зачувани се три јонски капители, за кои се претпоставува дека носеле аркада од тули.

Северниот кораб имал под од тули, а наосот и северниот анекс се покриени со мозаици.

 

 

Базиликата во денешна состојба / извор: www.youtube.com

 

 

Ноќна фотографија од локалитетот  / извор: www.muzejohrid.mk

 

 

Мозаици

Ископувањата откриваат две нивоа на мозаици, еден постар во западниот дел од наосот и еден помлад половина метар повисоко, што се протега низ целиот наос и северниот анекс. Сите мозаици биле изведени во opus tessellatum од правилно сечени тесери. Дел од нив биле од локален камен како бел, жолт и црвен варовник, црн и плаво-сив серпентинит и розов мермер. Црвените тесери се изработени од кршена тула.

 

 

Мотиви на флора и фауна од мозаикот во наосот  / извор: www.muzejohrid.mk

 

 

Мозаиците се речиси целосно зачувани со некои помали оштетувања поради падот на тешките архитектонски елементи, но и поради, во поново време, изградба на варница во дворот на куќата што била изградена врз овој локалитет.

 

 

 

 

Плански приказ на двата мозаика / извор: Мозаиците од ранохристијанската базилика кај Манчевци во Охрид, М. Тутковски, стр. 346, автори: М. Тутковски и Т. Митрова

 

 

Од мозаикот во наосот е откриен фрагмент од 1,5 х 2,2м., што содржи низа декоративни бордури. Најнадворешната рамка била исполнета со мотив на рибини крлушки, а втората со плетенка од три ленти. Потоа следува поширока рамка, со ортогонални мотиви и форми на свастика, меѓу кои се наоѓаат шестоаголници со зооморфни мотиви: риби, делфини, јагниња и птици. Зад неа следуваат рамките на неколку од внатрешните полиња чија содржина е сѐ уште покриена.

 

 

Фотографии од мозаикот во наосот / извор: Мозаиците од ранохристијанската базилика кај Манчевци во Охрид, М. Тутковски, стр. 347-8, фото: М. Тутковски

 

 

Мозаикот од северниот анекс има две полиња со рамка од тнр. синџиреста плетенка. Западното било исполнето со шаховско поле со свастики, а денес е изложено на потпорниот ѕид над наосот. Источното поле е поголемо и со правоаголна форма исполнета со четири кружни полиња (медаљони) со мотиви на флора и фауна. Во едно од полињата има и натпис кој вели дека мозаикот го изработиле Тома и Јован.

 

 

Фотографија од мозаикот во севрниот анекс/ извор: Мозаиците од ранохристијанската базилика кај Манчевци во Охрид, М. Тутковски, стр. 347-8, фото: М. Тутковски

 

 

Детал од мозаикот во северниот анекс / извор: www.muzejohrid.mk

 

 

Фрески

Јужното лице на северниот ѕид од северниот кораб има фрески кои се поврзуваат со постариот под кој се наоѓа под гореспоменатите мозаци. На фреските се претставени конструктивни елементи, поточно капители.

 

 

Фрагменти од фрески на северниот ѕид / извор: Мозаиците од ранохристијанската базилика кај Манчевци во Охрид, М. Тутковски, стр. 346, фото: М. Тутковски

 

 

Објектот е интересен пример на преодот помеѓу античката и средновековна фаза на Охрид.  Тој има нова христијанска форма на храм, која е исполнета  со антички градежни техники.

Пример за ова се самите мозаици кои укажуваат на високиот квалитет што овој занает  го има во римскиот период. Фреските со конструктивни мотиви се уште една карактеристика за античките ентериери, која исто така е присутна во овој понов ранохристијански објект.

 

 

Детал од мозаикот во наосот / извор: www.zkn.mk

 

 

Самиот локалитет денес преставува еден необичен фрагмент скриен во тесните улички на охридскиот Варош. Проектот за негова реконструкција и заштита е прилично скромен, со покрив кој естетски не комуницира со археолошкото богатство под него. Сепак тој овозможува пристап и изложување на локалитетот, за кој се надеваме дека во иднина ќе продолжи да се истражува.

 

 

Поглед на целиот локалитет / извор: www.zkn.mk

 

 

 Извори: