Кралска гробница во Старо Бонче

Место: Бонче, Прилепско
Тип: Некропола
Изградена: IV век п.н.е.
Период: Хеленистичко време / Римско време
Насловна фотографија: Wikipedia / Автор: Македонец
Текст и фотографии: Бојана Исијанин
Извори: Pelagon.mk, Wikipedia.org, Visoka and Staro Bonce : center of the kingdom of Pelagonia and the royal tomb of Pavla Cuka / Viktor Lilchikj Adams, Antonio Jakimovski

 

Монументалната градба – некропола во Старо Бонче, со големи и фино обработени камени монолити на локалитетот Павла Чука меѓу селата Бонче и Подмол веќе одамна е раскопана, но последниве години археолозите повторно ѝ посветија извесно внимание. Покрај остатоците од оваа киклопска градба и другите остатоци од населбата на врвот Висока, таа е уште еден импозантен објект, остаток од културното наследство на древното Пелагонско кралство. Со својата монументалност, специфичната форма и архитектонската конструкција, гробницата одамна го привлекла вниманието на разни истражувачи.

 

 

Кралската гробница се наоѓа на околу 3 km југоисточно од селото Подмол и околу 4 km јужно од селото Бонче. Речиси е сигурно дека оваа гробница, по своите димензии, формата и елементите од кои е изградена, му припаѓала на владетел, односно крал на Пелагонското кралство. Гробницата се наоѓа на падините на Селечка планина, на самиот раб на Пелагониската рамнина. Таа е засечена во понискиот дел од падините на планината, а по својата форма е дел од типот македонски гробници кои, како објекти за погребување на богатите слоеви од општеството, се користеле во периодот од IV до II век пред нашата ера.

 

Основа на гробницата со периметралниот ѕид. (Извор: Visoka and Staro Bonce : center of the kingdom of Pelagonia and the royal tomb of Pavla Cuka / Viktor Lilchikj Adams, Antonio Jakimovski)

 

Оваа гробница била изградена со дромос долг 20m, широк 2,15m и висок 2,95m, целиот изграден од големи камени монолити, меѓу кои и такви кои достигнуваат и до 3m должина. Дромосот, кој бил засечен во карпестата површина, има полукружна, сводеста форма, од цврст домороден камен и води во гробната комора која исто така, била просторија засечена во карпеста површина и изградена од големи камени блокови од бигор. Просторијата засечена во камен, во која била изградена гробната комора е долга 8 m, широка 6,60 m и висока 5,60 m. Од нејзината јужна страна, кон неа водат скали, исто така засечени во карпата, а потоа преку помал ходник имало влез во внатрешната просторија.

 

 

Всушност, ходник постоел околу целата погребна просторија која имала и посебен влез – врата со два мермерни довратници, која според длабнатините, била двокрилна. Целата гробница била скриена со слој на земја, нафрлен над градбата и на тој начин се добила форма на тумба со пречник од 30m, заобиколена со кружен ѕид од големи обработени камени блокови со истиот пречник. Археолозите овој наод го окарактеризираа како своевидна сензација, но ако се знае дека во тие периоди погребувањето под тумули оградени со кружен ѕид е широко распространета традиција, кружниот ѕид од големи камени монолити на кралската гробница не треба да зачудува.

 

 

Со последните ископувања, излегуваат и нови елементи од оваа монументална градба. Од десната страна на влезот во дромосот се појавува основа и на една правоаголна градба, која била близу до кружниот ѕид. Голема е веројатноста дека таа претставувала своевиден хероон со впечатлива форма и кралски обележја (можеби и со скулптура на нејзиниот врв). Подоцна, конструкцијата била срушена и дел од камените блокови однесени и употребени за друга намена, а дел оставени на самото место. Во рамките на правоаголната основа е пронајден и еден од подоцнежните гробови од типот циста, кои биле распоредени околу кралската гробница, особено во близина на влезот во дромосот. Сосема е веројатно дека слична конструкција, со слични обележја, имало и од левата страна на дромосот, кои биле во улога на чувари на гробницата и кралскиот покојник.

 

 

Централната комора на гробницата била ограбена во доцната антика, ходникот бил раскопуван уште пред Првата Светска војна, во 1912 година од страна на француската армија, за во 1936 година археологот Никола Вулиќ повторно да ја откопа, истражува и нацрта. Уште во претходниот период бил срушен таванот на гробната просторија и голем дел од камените блокови се одвлечени од жителите на блиските села и како сполии, употребени за посовремени градби – на тој начин било откриено и нејзиното постоење. Поради ваквите деструкции извршени на оваа монументална гробница, нема содржини кои отвораат можности да се претпостави нејзината припадност, односно кој бил погребан во неа и какви дарови му биле приложени на покојниот во гробната комора. Гробницата низ годините го привлекувала интересот и на други археолози.

 

 

На месноста на оваа некропола се откриени гробови во кои се најдени монети од времето на Александар Македонски и други македонски владетели, како и римски бронзени монети. Откриени се и десетина доцноантички гробови со исклучително вредни наоди од сребро, бронза и керамика. Значајни се двете монети кои го потврдуваат времето на погребување во нив во IV и V век. Со рекогносцирање се откриени мошне вредни наоди од раноантичкиот период, и тоа сребрена алка со завршетоци во вид на змиски глави, фибула – копча од малоазиски тип и сребрена конусна обетка.

 

 

Според археологот Виктор Лилчиќ, средиштето на античките Пелагонци се наоѓало на планинскиот врв Висока, на Селечка Планина. Во повеќегодишните истражувања, Лилчиќ пронашол комплекс археолошки наоѓалишта: кралскиот дворец и горниот град кои се наоѓаат на врвот Висока, и долниот град со култниот простор и некрополата кои се наоѓаат во западното подножје на Висока. Местоположбата на гробницата во Бонче се наоѓа западно, под права линија, под остатоците на древниот град Пелагонија на врвот Висока. „Небесната симболика на кругот е нешто импресивно, покојниците одат на небото, а кругот е небесната рамка“, вели археологот Лилчиќ во своите истражувања.

 

 

 

Мајсторската изработка на оваа некропола покажува на едно време на исклучително богатство какво што било времето на IV век п.н.е. Тоа е и времето кога областа Пелагонија била посебно кралство, а на тоа упатува и оваа гробницата меѓу селата Подмол и Бонче со својата монуменаталност и архитектонската естетика.

 

Галерија на камени и минерали најдени на локалитетот:

 

 

Во прилог повеќе линкови каде можете да прочитате повеќе за овој важен локалитет кој е „под радарот“ за поголемиот дел од јавноста:

Visoka and Staro Bonce : center of the kingdom of Pelagonia and the royal tomb of Pavla Cuka / Viktor Lilchikj Adams, Antonio Jakimovski

Macedoniatimes.news

Oldprilep.com