“Локална самоуправа во Куманово”/ СТОКУЌА
19.02.2015 • XXI век
конкурсен труд
тип на објект: општествен / локална самоуправа
автор: СТОКУЌА
година:
Формата на објектот директно произлегува од неправилниот облик на површината за градење како и функциите кои се јавуваат во него. На вака добиениот волумен се пристапува со длабење по вертикала и хоризонтала (пасажи и отворени тераси) со цел да се добие отворен простор за слободно пешачко движење, како и можност за секогаш различно и интересно доживување на објектот. Продорите издлабени во масата на телото се дополнително потенцирани со употреба на жолтата боја која делува како продолжение на сончевите зраци. Таа ја рефлектира светлината и делува стимулативно кај вработените, поттикнувајќи ја продуктивноста, енергијата, креативноста и оптимизмот.
Целта е да се овозможи висок квалитет на работниот простор (доволна осветленост, комфор и пријатен простор), да се одговори на различни типови на работни модули, да се развие чуството на идентитет кај корисниците и да се обезбеди препознатливост на местото. Решението е флексибилно и може да претрпи идни проширувања (по потреба) со додавање на волумени, без притоа да се наруши основниот концепт на формата. Организацијата на основите стимулира комуникација и соработка помеѓу вработените. Стаклените паравани помеѓу коридорите и канцеларискиот простор заедно со флексибилните работни места, широките коридори со простори за седење, кафетериите и салите за состаноци обезбедуваат многу можности за контакт и размена.
Организацијата на програмата која се јавува во објектот се развива во одделни сегменти физички поврзани со мостови. Ваквото решение на основите е резултат на различните функционални целини (разни сектори и одделенија) кои функционираат одделно, но сепак мораат да бидат меѓусебно поврзани.
Како најрепрезентативен дел на зградата е аголот кој добива нетрадиционален третман. Поточно наместо изградба на полна маса која би делувала монотоно и би го запирала погледот и циркулацијата на движењето, тука се формира еден вид на “портал” кој со својата отвореност го поканува обичниот минувач да истражува. Токму од овој “портал” е и влезот во салата за венчавки пред која се формира еден мал плоштад кој овозможува собир на поголем број луѓе.
На југо-западната, јужната и југо-источната фасада се поставуваат вертикални дрвени перголи чија функција е заштитата од неповолната инсолација, а воедно допринесуваат за еден унифициран, строг и елегантен израз на фасадите. Се добива разигран, но компактен фронтален изглед, компатибилен на околните постојни објекти.
Во приземјето на објектот се сместени компатибилните класи на намени, додека од првиот кат па нагоре е сместена локалната самоуправа на Куманово – администрација. Објектот од третиот кат па до шестиот завршува со каскадно повлекување од фасадите ориентирани кон објектите кои претставуваат заштитно добро и кои подлежат на режим на заштита од втор степен (Занатскиот Дом и Центарот за култура Трајко Прокопиев). Се добиваат кровни површини кои се користат за рекреација како отворени и зазеленети кровни тераси.
Употребена е одржлива архитектура преку користење на природни материјали и технологија која штеди енергија, како и преку самиот третман на фасадите на објектот.
На ваков начин со примена на современ архитектонски израз се создава метрополитски акцент во строгиот центар, како и создавање на ново обележје на градот Куманово.
Автор на статија: marh