Македонска Куќа од Душан Грабријан
11.01.2018 • XVI - XIX век Литература
Или преод од стара ориенталска во современа европска куќа
Ова е една од книгите која се чита повеќе пати во животот. Напишана на лесен јазик, едноставна за читање и за нестручни лица. Низ своерачни скици на авторот, технички цртежи, фотографии од Македонските куќи и градови се пренесува мисла и амбиент за начинот на живот и специфичноста и различноста на Македонската куќа од сите останати.
Оваа книга може да се најде во библиотека на Архитектонскиот Факултет во Скопје.
Насловна корица од издание од 1986 година, издадено од МИСЛА, Скопје
Оригиналниот наслов на словенечки е Makedonska hisa ali prehod iz stare orientalske v sobodno evropsko hiso.
Авторот Душан Грабријан со своите студенти во од 1946 до 1950 година ја посетиле на повеќе наврати Македонија како една од републиките на тогашна Југославија со цел да пронајдат кој е вистинскиот карактер и идентитет на Југословенската куќа. Тој во книгата пишува дека го бара идентитетот на оригиналната куќа од неговата татковина (во тоа време Југославија) и по различни патувања низ целата негова тогашна татковина, таа оригинална куќа ја наоѓа во Македонија. Во делови се споменува и Босанската куќа, се споредува Македонската куќа со Албанската и Турската, но се истакнува дека Македонската е специфично различна од останатите по повеќе обележја. Поднасловот на книгата : преод од стара ориенталска во современа европска куќа е директно посочување на впечатокот на авоторот дека модерната куќа на Ле Корбизје потекнува од Македонската куќа и на ова тврдење се навраќа повеќе пати низ целата книга. Тој образложува зошто нема од каде од друго место да би се инспирирал Ле Корбизје за слободниот план, за живеењето на катот, за куќа на столбови, за просторскиот пат низ куќата итн.
За авторот
Душан Грабријан (1899-1952)
Словенечки архитект, педагог и публицист кој дипломира кај професор Јоже Плечник, од 1930-1945 бил професор во средното техничко училиште во Сараево. Од 1945 е доцент, вонреден професор и хонорарен предавач на факултетот за архитектура и геодезија при љубљанскиот Универзитет по предметот историја на архитектурата и основи на проектирањето.
Негова важна мисла е:
“Треба да се тргнува од родната земја и притоа да се почитуваат придобивките на современата архитектура.“
Оваа книга е поделена во повеќе делови и тоа:
- Организација на станбената површина
Во овој дел авторот ги диференцира различните типови на простории кои можат да се сретнат исклучиво на таков начин во Македонската куќа. Тој истакнува дека факторот клима е многу важен во носењето на одлуките во проектирањето. Низ свои слободорачни скици објавени во книгата ги анализира основите и пресеците од различни куќи и ја наоѓа нивната сличност.
Чардакот вели е во центарот на Македонската куќа, што значи дека Македонецот ги пречекува гостите во срцето на куќата, а потоа просториите се развиваат како игра на домино околу чардакот.
Минософата е развивање во височина, тоа е простор, малку поткренат од чаракот покриен и обично е во аголот и ги префрлува рамките на чардакот висејќи над улицата. Минсофата има источна ориентација и од неа има убав поглед.
- Просторска архитектура
Поделбата на куќите во овој дел е на ниска куќа (Велес, Штип, Тетово) и висока куќа во Охрид. Ваквата поделба произлегува од локацијата и просторот за развој на куќата. Ги разликува новите простории и дава подлабока дефиниција на Чардакот и Минсофата како многу специфични простории. За ниската куќа се воведува терминот “просторско движење”. Ова движење се доживува при движењето низ низа од скали и чардаци од каде се добиваат различни погледи и просторни искуства во внатрешноста на куќата. За високата куќа во Охрид истакнува дека е резултат на просторот кој Турците им го дале на Македонците на ридот, па така тие имале потреба на помал простор да се развиваат во височина.
- Архитектура по мерка на човекот
Значително да се забележи е дека авторот потенцира дека во Македонската куќа нема непотребно многу мебел, и тој што го има е најчесто фиксно вграден со куќата, на пример миндер за седење кој што е дрвен и вграден на сите странични ѕидови на собата. Димензиите на вратите се онолку колку што е неопходно за еден човек да помине.
- Структура и пластична архитектура
Душан Грабријан истакнува дека Македонците се многу заљубени во идејата да се истакне материјалноста. Освен што може да се забележи употребата на речиси сите природни материјали, онаму каде што каменот не е видлив, дополнително е нагласен со исцртување на формите на камен врз ѕидот. Ѕидовите се исполнети со плетени дрвени гранки, како гнездото на птиците. Тој овој ѕид го нарекува структурална фасада.
- Органски урбанизам
Авторот ја истакнува поврзаноста меѓу Македонската куќа и природата, како таа не се обидува да ја измени природата туку само се потпира на неа. На пример во потонот(просторот во приземјето) може да се сретне цела необработена карпа, потоа зеленилото и дрвјата продолжуваат низ дворовите и куќите во нецелосно дефиниран ред, туку во својот природен изглед.
Многу интересно е согледувањето дека Македонскиот град е Еластичен град. Тоа значи дека Македонецот не се плаши да ја надоградува и менува својата куќа, па и градот. Тоа може да се сретне и во црквите кои се надоградувани во различни периоди, а тоа може да се сретне во градот и ден денешен.
- Преод во современата архитектура
Во овој дел авторот аргументирано тврди дека куќата на Ле Корбизје директно потекнува од Македонската куќа и тоа во повеќе подточки:
Минимална куќа, Двоетажни простори, Просторски пат, …
Тој заклучно вели: “Разликата помеѓу Македонската куќа и онаа не Ле Корбизје е што ваму има дрво, а таму бетон.”
Заклучно Грабријан вели:
Доколку сакаме да поминеме од ориенталската куќа до современата треба да поминеме низ Македонската куќа.
Автор на статија: Sara Simoska