„Многу скоро ќе треба да одговориме за архитектурата“ – Сања Р.
11.02.2016 • Став
Понекогаш ми се чини дека е заборавено правото значење на архитектурата. Од смисолот кој таа го има во секојдневниот живот, до фактот дека таа е репрезент на културата на еден народ и еден регион. Архитектурата е насекаде присутна, но е и фактор на идентификација, па поради тоа нејзината улога во културата се набљудува со големо внимание следено со голема одговорност. Барем така би требало да биде! Но кај нас не е веќе така. Факт е дека архитектурата се топи, ја снемува. Можеби ова што го зборувам звучи грубо, бидејќи за реални и аргументирано да се проценат проектираните и реализираните објекти, комплекси, урбанистички планови потребна е временска дистанца. Но, она што нас ни се случува со урбанизмот и архитектурата е толку веднаш и очигледно лошо направено да временска дистанца не е ни потребна.
Како што е архитектурата огледало на општеството во кое настанува така и таа последователно долго време влијае на општеството во целина и формира една слика и општествена свест. Архитектурата е одраз на политичките и економските стремежи на општеството, а во последната деценија и на поединци со голема финансиска моќ од сомнително потекло, па автоматски следи и сомнителен квалитет. Живееме во криза на општество каде стручноста не се бара, почитува, вреднува. Живееме во општество каде масовно испливува на површина неквалитет, нестручност незнаење. Општество каде најмалку образованите и најмалку квалитетните (тие длабоко во себе сепак се свесни за тоа) незаситно го користат моментот бидејќи знаат дека во регуларно време и нормални услови немаат што да понудат. За квалитетна архитектура е потребен мудар, образуван нарачател кој знае да праша и да слуша.
Припаѓам на една средна генерација, која за жал наместо да биде носител на архитектонската мисла и творење се занимава со се, но најмалку со архитектура. Ја имав таа среќа да студирам на Архитектонскиот факултет во Скопје во (раните) 90-ти години, кога сеуште немаше приватни факултети, школувањето не се плаќаше, но се плаќаше се друго, а тоа најчесто го немаше кај нас па се снаоѓавме на разни начини. Компјутери сеуште не се користеа, професорите воглавном беа возрасни, добар дел проектанти со реализирани објекти и габаритни личности. Учебник имаше само по ОНО (за помладите Општонародна одбрана и заштита), се смеевме, но учевме дека “секој граѓанин има право на одбрана на својата земја од внатрешен и надворешен непријател“ (и за овој предмет бевме последна генерација). Се останато беа фотокопии од разни учебници или скрипти. Табли за цртање или се купуваа во странство или правевме сами, маси за цртање на факултет немаше и се тоа не ни сметаше. Учевме, завршивме кој порано кој подоцна, но сите излеговме како употребливи архитекти. Имавме голема среќа што студиравме и учевме на начин на кој после влегувањто на Болоња повеќе никогаш нема да се работи. За жал морам да кажам дека истата таа архитектонска школа продуцира многу понеквалилитетен кадар, дали е тоа поради општествениот момент, поради наметнатата програма, поради кризата на општеството, поради смената на генерации професори, поради тоа што не постојат лоши студенти, постојат само лоши учители, не би можела да кажам. Без никој да се навредува, мораме да признаеме дека за жал е така. Истата таа школа сега дава шанса ние помалку учените за 700 евра да станеме магистри како би се изедначиле со денешниот мастер.
Ја имавме како генерација таа несреќа да нештата вртоглаво се менуваат, фирмите пропаѓаат на очиглед на сите, проектантските бироа ги снемува, она за кое се обучувавме и подготвувавме едноставно престана да постои. Ние како генерација цело време моравме да се прилагодувавме, бидејќи не бевме свесни и не знаевме што не чека или тоа за кое се подготвувавме дека не чека, исчезна.
Помладата генерација е во уште понеповолна состојба, нема кај да види како тече процес на производство на проект, но има само една предност, знае на што е и знае дека мора сама да се избори, бидејќи никој наместо неа не може тоа да го направи. Знае и дека никој нема да и помогне во нејзината борба за вистинска архитектура, дека ништо не ја чека, а сепак во такви услови избрала да се бави со архитектура, што е за почит. Сите мораме да сме свесни дека веќе не постојат големи идеи, големи бироа, квалитетни институции и школи кои можат да заштитат или позади кои можеме да се сокриеме. Постои единствено став, лична одговорност, професионален морал позади кои треба да застанеме.
Нас ни се случи пред очиглед на сите СК2014, при здрав разум и отворени очи. Не случајно, како упад во центарот на градот, архитектура која се брани од архитектите, ни се менува закон за градење неколку пати годишно (во 2014 седум пати, во 2015 четири пати) со брзина на светлост, урбанистички проекти не постојат, што е многу опасно по градовите, сведени се на планови изготвени по имотни парцели по диктат на нарачателот, најчесто државата, релациите со КОАИ се воглавном формални, авторските права не само што не се почитуваат, не се ни третираат, минимална загарантирана вредност на проект не постои, со што се девалвира професијата, а квалитетот на проектите е на се пониско ниво, големи проектантски бироа за жал не постојат, систем на вредности нема. Да се живее за архитектура и од архитектура се две крајности кои малку имаат врска една со друга.
Што уште треба да ни се случи за да признаеме дека ништо не направивме? Не застанавме еден до друг, не докажавме со многу знаење и работа дека може поинаку. Многу од нас додека студирале сонувале дека архитектурата ќе го промени светот, дека ќе проектираме музеи, концертни дворани, стадиони, дека сме спремни за големи проекти и големи дела, дека со моливот во џеб светот е наш. Но крајно време е да се разбудиме и бидеме доволно самокритични да признаеме дека Гугенхајм музеи никогаш не сме ни имале, олимписки објекти, спектакуларни хотелски комплекси исто така. Причините можат да се бараат на разни страни и како по обичај се некој друг да ни е крив. Но едно е сигурно, ние како фела потфрливме. Се разбира дека е тешко, понекогаш и невозможно, но сигурно дека после некое време некои многу помлади од нас ќе не прашаат многу сурово и едноставно, па добро дали сте нормални, што вие правевте. Причини зошто дозволивме има милион, но оправдување имаме само за да се тешиме и олесниме себеси.
Нас и независно од архитектурата на СК2014 ни се случува и друга архитектура, која нема никава врска со СК2014. И за таа архитектура ќе бидеме прашани и тоа многу побрзо од што ни се чини.
Во овие комплицирани услови кои меѓудругото и предолго траат, ААМ е единственото место кое ги собира архитектите, кое ги запознава меѓусебе, кое се обидува да го негува и вреднува архитектонското творештво и наследство. Тоа такво какво што е, бидејќи друго и немаме.
ААМ се соочува со истата состојба. ААМ невозможно е да биде во различна ситуација од општата состојба во архитектурата. Денешните проектанти, па и критичари на архитектурата (ако вториве воопшто и ги има), боледуваат од хроничен недостаток на авторитет. Во изминатите години струката го уништи својот авторитет, а младите не се во можност да ја пополнат настанатата празнина. На архитектонските конкурси денес не е можно да се состави добар жири, бидејќи не постојат авторитативни личности за тоа, не постојат ни критичари кои можат да пишуваат за конкурсот. Затоа конкурсите, (без оние познатите со однапред зададено архитектонско обликување) воглавном се сведуваат на 3Д слики, без решена содржина, функција, одговорност. Па потоа најчесто проектите ги изготвуваат некои други архитекти, за на крај објектот се помалку да личи на првонаградениот труд.
Градителската пракса е оптеретена со незрелост на струката. Политиката за архитектура не знае ништо. Денешниот архитект е анонимен и општествено запоставен. Насилството на новиот капитал се повеќе го стеснува креативниот простор на архитектите, сведувајќи ја архитектурата и урбанизмот на услужна дејност, оглупена и симплифицирана. Архитектурата и урбанизмот се бават се повеќе со што повеќе м2 простор за што помалку пари. Профитот и интересот на поединци е единствено мерило. Местото кое некогаш го завземаше архитектурата, денес го завзема акомулацијата на градежен материјал.
Во овие услови единствено место околу кое архитектите можат да се консолидираат и направат нешто како за архитектите, така и за самите себе, за својата работа е ААМ. А времето продолжува да ни истекува.
Претседател на ААМ,
Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, диа
Автор на статија: marh