Љубен Најденов / 1930-1979
10.10.2025 • Автори
Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век – Георги Kонстантиновски
Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата на Љубен Најденов.
Љубен Најденов (02.08.1930-10.07.1979) дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1954 година на тема Хотел кај проф. Јован Ранковиќ.
По дипломирањето бил примен за асистент по предметот Елементи на проектирање на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скопје, каде што прерано ја завршил својата кариера со ненадејната смрт како редовен професор во 1979 година.


Бил на специјализација во Загреб една година, каде што како асистент работел под раководство на проф. Владимир Турина. Од 1964 до 1965 година престојувал на Универзитетот во Беркли, САД, каде што магистрирал.
Како сестрано образована личност, покрај научно-наставната, педагошката и публицистичка дејност тој посебно се посветил на полето на архитектонското проектирање.

Учествувал на шест анонимни архитектонски конкурси. Забележителен е неговиот успех со поделбата на првото и второто место на повиканиот конкурс за хотелскиот комплекс „Горица“ во Охрид.
На научно поле пројавил посебен интерес за проблемите на изградбата на школите. Во оваа насока го изработил научниот труд под менторство на проф. Владимир Турина – Компаративна анализа на разни системи училишни објекти. Потоа следуваат трудовите: Експанзија на пколството и решавање на техничките проблеми (1964/65), Како да се гради училиште (1965), Претстава за нов тип средна школа кај нас (1966), Хјуристика, хјуристички правила и стратегија во архитектонското проектирање (1972) и други.


Од 50 реализирани објекти, негови позначајни дела се:
1956 – Мајчин дом – дом за родилки (со тим) во Скопје;
1956 – Станбениот блок (П+3) на ул. „Маршал Тито“ во Битола;
1958 – Станбените блокови во Охрид;
1959 – Хотелот „Ривиера“ во Охрид;
1959 – Осумгодишното училиште со 24 училници во Охрид;
1960 – Околискиот народен одбор во Охрид;
1960 – Клиничката болница (450 легла) во Охрид;
1961 – Стоковната куќа во Охрид (со тим);
1962 – Хотелот на Инвестиционата банка во Охрид;
1963 – Фабриката за чадори во Валандово;
1968* – Индивидуалната куќа (П+1+По) на семејството Најденови во населбата Жданец во Скопје;
1969 – Фабриката за автоделови „Црвен застава“ во Охрид;
1971* – Домот на културата во Делчево;
1976* – Хотелот „Дрим“ во Струга (со тим);
1978 – Клиниката за кардиологија во Скопје.


Автор на статија: Martina Shteriova
Биографија / градителите во македонија / Љубен Најденов / Македонски архитекти
