„Надградувајќи ја утопијата“ – проф. д-р Минас Бакалчев
19.04.2016 • Став
Извор: www.respublica.edu.mk
Оригинален напис/статија/блог: respublica.edu.mk/blog
Автор: проф. д-р Минас Бакалчев
Датум на објава:
Наслов на објава: „Надградувајќи ја утопијата“
Преземено од: ResPublica,Институт за комуникациски студии,Скопје;
Датум на преземање: Вторник, 19 Април 2016
Текстот е презентиран во оригиналната форма:
Петстогодишнината од првото издание на книгата Утопија од Сер Томас Мор (Sir Thomas More), 1516-2016, е повод да се потсетиме на состојбата на утопиите денес, во време на по многу што потрошените утописки енергии. Томас Мор опишал идеално општество на еден замислен остров на Атлантскиот океан, и со тоа ја поттикна потрагата и визиите за идеалното место и општество. Низ историјата утопиите се поврзаа со „фантастичното“, „имагинарното“,„научното“, „идеалното“, но во најопшта смисла подразбираа идеална социјална, политичка и просторна проекција на едно општество во едно место.
Во својата етимолошка основа утопијата најчесто се поврзува со значењето на не-место од поимот ou(„не“) и topos („место“), ou-topos или utopia, и во таа смисла концептот на местото станува негова темелна одредница. Така местото и архитектурата беше од самиот почеток предмет на низа просторни визии и конструкции на утописката мисла.
Несомнено, периодот на модерната, а со тоа и модерната архитектура, од денешна гледна точка и во метафоричен, но и во конкретен смисол, во многу што имаше утописки елементи и во однос на општествениот ред и во однос на просторната организација. Како што модерните движења се воспоставуваа, така архитектите почнаа да веруваат дека архитектурата може да го спаси светот (Neil Leach, 1999). Модерната архитектура низ своите канонски модерни остварувања не водеше и поставуваше наспроти елементарните дадености на појавите во нивните генерички форми на природното, изграденото, материјалното. И во таа смисла често беше критикувана за недостаток од хуманост, социјалност, историчност, контекстуалност. А со тоа во најголем дел беше „невидлива“ за најголемиот дел од луѓето на кои се однесуваше.
Нов животен простор
Токму трагите од модерната станаа предмет на една интензивна идејна и просторна ревизија во современото доба, која на најдраматичен начин се спроведе во пост-социјалистичките земји. На примерот на Скопје можеме да изведеме неколку циклуси на трансформација.
Најпрвин промените почна на речиси „анонимните“ повеќесемејни станбени блокови, со поединечни, а потоа и заеднички трансформации. Се преградуваше балкон, се заземаше партерот, а потоа се надоградуваше нов балкон, отворен, па затворен. Станбените трансформации почнаа скромно поттикнати од елементарните животни потреби, како акција на неформални кориснички тактики, кои долги години се затскриваа во внатрешноста на становите за одеднаш во периодот на после социјалистичката транзиција да станат видливи, да излезат надвор во различни форми и материјали. Некои зафати навистина беа инвентивни прототипови на доградување. Скромни, економични, но ефикасни да ги задоволат новите потреби на станарите, за дополнителна летна кујна, соба, или за проширување на постојната дневна соба или само нов отворен простор. Најнапред беа мимикрични, ја поддржуваа постојната зграда чии доградби беа напросто „искрени“ изрази во однос на применетите техники и материјали на доградување, но сепак еден вид нова популарна „бруталистичка“ пракса (Слика 1).
Но многу рано се забележаа и новите естетски претензии како регионални или произволни „интернационални“ историско/постмодерни стилски изрази. Населбата Пролет (1948) од 2016 е еден вид прототип на можната трансформација. Таа по својот начин на реновирање и доградување на постоечките згради е речиси блиска со современиот фундаментален контекстуализам на Ана Лакатон и Жан Филип Васел (Lcaton& Vassal) во трансформацијата на големите станбени ансамбли од 1970-тите во Франција или со користењето на неформалните трансформации во експериментите на социјалното домување на Алеандро Аравена (Alejandro Aravena) во Чиле.
Потоа многу брзо следеа примери на тотална трансформација како еден вид апсорпција на постојните градби во новите надградби/доградби на примерот на соседните блокови од населбата Мичурин. Во оваа појава на трансформација речиси ниедна зграда не остана недопрена. Исклучоците се плод на недоговор помеѓу жителите отколку на одредена самосвесна определба.
Слика 1: Вертикални инсталации како прототип на доградбите и нивна интерпретација,
населба „Пролет“, Скопје (1948).
Нов стил
Овој модел на до/над-градување не ќе остане изолиран само на маргините и само за станбените згради. Наскоро ќе се промовира како модел на „реконструкција“ на најрепрезентативниот дел на градот. Така, зграда по зграда, фасада по фасада, над „невидливиот“ град, ќе добиеме нов слој од приказни, фигури, апликации, репрезентации на столбови, капители, балустради и венци од најразличен вид и најразличен стил како еден вид антитеза на есејот „Орнамент и Злосторство“ од 1908 (Adof Loos). Како триумф на се она што било потиснатo и надраснато, како враќање во една „аморална“, „дегенеративна“, „криминална“ состојба на еден нов примитивизам.
Како што Рем Колхас (Rem Koolhas) своевремено оцени дека антологиското дело на Лудвиг Мис ван дер Рое (Mies van der Rohe), Институтот за технологија од Илиноис во Чикаго, е во неволја, затоа што е ремек дело, но невидливо за многу луѓе, така и ремек-делата на модерната архитектура од блиското минато на Скопје беа „невидливи“, а со тоа предизвикаа потреба од еден нов наративен слој на прераскажување и измислување (Koolhas, 2004, p.182).
Списокот на згради од модерната кои се под удар е навистина неселективен и во однос на периодот и во однос на авторите. Ги опфаќа авторите: Славко Брезовски, Живко Поповски, Петар Муличковски, Душко Пецовски… речиси сите најзначајни домашни автори, речиси целата гарда на модерни творци основачи и претставници на модерната архитектура во Македонија присутни во каталогот и изложбата „Македонска архитектура од 1974“ (Слика 2). Но, ним им се придружија и видните регионални и европски имиња од браќата Крстиќ, Милан Злоковиќ, Бранко Петричиќ… Овој избор во едно е непогрешив, скоро инстинктивно ја следи линијата на модерната архитектура во Скопје. Во многу што трагите на модерната во Скопје се најдоа во силовита трансформација на надоградување, доградување, изместување, реконтекстуализирање.
Слика 2: Каталогот од изложбата Македонска архитектура, Музеј на современа уметност, Скопје, (1974).
Покривање на историјата и артефактите од еден период
Несомнено тоа не е првпат во историјата да имаме такви изливи на негирање на претходното, но сепак неговиот размер и насоченост е зачудувачки. Како едноставните и воздржаните волумени на модерната од 1950-тите и 1960-тите да се покријат и да станат „зборлести“, како сложените просторни и конструктивни достигнувања на брутализмот од 1970-тите да се покријат и да станат „убави“? (Слика 3). Така, ако модерната архитектура ја поврзавме со утописките визии за еден подобар свет. Надвладувањето на модерната е секако вовед во новата дистопична реалност .
Слика 3: Ефектите на помеѓу, последица на реконтекстуализацијата на објектите од модерната: лево, од лево надесно, објектите од архитектите Иван Артемушкин (1930-тите), Славко Брезовски (1950-тите), зад новата рабна изградба покрај реката Вардар; десно, фрагмент на Македонската опера и балет од архитектите, Стефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Сплиндер, Марјан Уршич (1979) помеѓу новата рабна изградба покрај реката Вардар.
Од корисничките тактики на „периферијата“ до стратегијата на реконструкцијата во средиштето на градот, се најдовме во еден невозможен потфат на надградување на некогашните соништа и визии за можната подобра иднина (Слика 4). Невозможноста да се објаснат појавите не го намалува нивниот интензитет и влијание кои допрва ќе го проучуваме.
Слика 4: ефекти на постсоцијалистичката транзиција: лево, доградба на станбена зграда од населбата „Пролет“ (1948); десно доградба на Стоковната куќа, Скопје (Славко Брезовски, Борис Чипан, Јован Ранковиќ, Љубица Маленкова), (1959).
Ф.К
Автор на статија: marh