Новите храмови во Македонија, наследници или?

Македонијa е територија населена во долг континиутет, особено активна површина од антиката преку средниот век до денес, која  претставува просторен крстопат. На таа површина, од неолитските култови и жртвениците во куќите, античките зданија,  црквата, преку џамиите до објектите на религиозните фракции, се случува архитектонско творештво кое го дефинираме како храм. Од сите ним, најголеми и најактивни, со живи архитектонски сведоци во денешницата се православието, исламот и католицизмот(некогаш и евреите).

Религија која има непрекинат живот на овие простори и сеуште опстојува е ортодоксното христијанство, кое има континуитет безмалку 2 милениума на градење храмови (цркви). Низ времето се создале прекрасни примери. Од нив имаме зачувано блескави остварувања, препознаени како  национално и светско богатство.

3701840772_b7e5fe8256

Континуитетот создава традиција на знаење, кое со денешните технолошки достигнувања би требало да создаде инзворедна архитектонска револуција на форма, функција и естетика. Меѓутоа, за реалноста да боли повеќе, состојбата со новоизградените црковни храмови е безмалку очајна, споредувајќи ја со целото наше наследство. Дали сме достојни наследници на нашите градители кои создадоа архитектура рамна на „царштината”, во неа насликаа фрески кои се сметаат за предвесници на ренесансата или пак сме само слепи традиционалисти?!

Lamentation_icon_Nerezi_MK

Со исклучок на позитивните примери, се останато се чини традиционалистичка имитација без суштинска нишка од своето време,чудно комбинирање на градежните материјали, особено традиционалните кои ги користиме единствено како декоративна фасада, често во минатото заборавајќи дека имале и конструктивна улога.

mkd-131086

Тој недостаток на архитектонски институт кој ќе се занимава со истражување на градителското наследство, чини последици и во одржувањето на светското наследство во Македонија. Со тоа стануваме слепи и за иднината,  а особено ја кратиме нишката која од  современата архитектура  треба да чини достоинствен континуитет на минатото.

crkva-vo-grad-D-Andonovski

Новите храмови во Македонија, исклучиво се градат од армиранобетонски платна, кои влијаат негативно  врз фрескоживописот(традиционалната техника)  и се непогодна подлога за истиот, набрзина направени, со дискутабилни пропорции и измешана естетика која игра невкусно во асоцијацијата со традицијата.

4490-intenzivno-se-gradi-crvata-sv.-petka-vo-tocila-960x600-3

Црквата во минатото особено внимавала на пропорциите, канонските одредби за позицијата на фрескоживописот (местоположба  за конкретни сцени без кој еден храм не може да биде осветен), пропорцијата на канбанаријата која не треба да биде повеќе од двојно повисока од црковниот храм, конструктивната естетика итн. Повеќето од новите храмови се комбинација од неодлучлив избор на  материјали, направени во рекорден период, невнимавајќи на капацитетот итн.

107490081

Новиот тренд во Скопје да се градат параклиси ( мали храмови), невкусно го напаѓа јавниот простор. На површина од 1 км2 се појавија близу десетина храмови, минијатури по своите димензии, поставени без урбанистичка анализа, заглавена естетика. За населба, т.е општина како Аеродром со повеќе од 100.000 жители доликува храм со соодветни димензии, објект кој навистина може да биде репер во просторот, и да учевствува во локалната силуета.  Наместо тоа се создадоа ситни објекти, разсфрлани во просторот (самодеградирачки) кои потоа повлекуваат урбанистички хаос кој не доликува на градска средина.

Хаосот започнува со просторија за клисар или вработен кој го одржува храмот, свеќилник итн. Одеднаш во зелените површини се појавуваат форми кои немаат обликовна релација меѓусебно, не го следат  урбаното-градско ткаење и организација на просторот и пред се, не предизвикуваат чувство на достоинственост (особено битна за еден храм). Тој тренд навлегува и во општина Кисела Вода, каде во тревникот пред можеби најдолгиот станбен објект во републиката, се постави параклис со скромни димензии, олтар кој е насочен кон аголот на објектот, позициониран до рампата која води во подземните гаражи.

15524206029_b7868b5783_b

Можеби на град како Скопје, со доминантно православно население му недостасуваат храмови, меѓутоа не во овој облик, број, поставеност и не со ваква брзина на градење. Црковните храмови во минатото се граделе со години, се барале најдобрите мајстори, се чекале најдобрите фрескосликари и тајфи, се чекало градбата да одлежи па потоа да се работи во ентериерот, едноставно се работело со голема мисла. Каде ли се изгубивме и како се сметаме за наследници на градителското наследство ( кое е во очајна состојба), со новите реализации е прашање кое поразува.

2323322

Кај втората најбројна религија и со континуитет од половина милениум – исламот, ситуацијата е уште позагрижувачка. Се градат храмови на секој чекор, со туѓа естетика која доликува на средноисточните арапски земји и која нема поврзаност со естетиката на џамијата од османслискиот период. Зошто минарињата излегуваат од секаква пропорција и чувство за нивната бројност, предоминантни во просторот, општините сеуште не ја удостојуваат јавноста со аргументиран одговор. Планинските пејсажи се исполнети со непропорционални висини, гласни минариња кои не ја отсликуваат ниту реалната слика за општеството, ниту покажуваат почит кон минатото на просторот.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Османлиските џамии, скромни и скротени во обликот со прекрасни пропорции и одмерена декорација се дел од националното богатсво. Новите џамии не се надоврзуваат на скромноста и  пропорциите, со често лош избор на бои. Празни села со џамии кои наликуваат на истокот, говори за социјална тема, која излегува и од границите на урбанизмот и архитектурата како главна тема на интерес на marh.mk

tetovo-old_1

Во споредба со доминантните религии, католицизмот во Р. Македонија не може да се критикува со истата мера, поради својата бројност и присутност во општеството.

k 7

Храмот, за религиозните претставува Божји дом, за останатите наследство и континуитет на традицијата, за други форма и учество во општата градска слика.

Црквените и исламските достоинственици, сметаат дека се стручни во полето на архитектурата и уметноста иако нивната основна стручност е теологијата. Имаат дозвола да владеат и одлучуваат за наследството, притоа ретко внимаваат на дадените насоки од конзерваторските центри. Ретко се бара архитектонска стручна мисла, ретко се дискутира пред да се интервенира.

ograda_(2)

2

Религиозните лидери се претерано врзани со традиционалната идеја за храм, додека некои од нас се опсипани со идејата за ремек авторско дело, притоа креирајќи несоодветни предлози.

Католичкиот современ храм не соодветсвува на православниот. Во православниот храм фреските се канонско правило(налик устав) и се составен дел од архитектурата на објектот, додека во католичките храмови, правилата се повеќе флексибилни. Исламскиот храм ја бара насоката кон Мека, но е ослободен од  фрески кои имаат конкретно значение. Не секој тренд треба слепо да се примени врз храм, но просторот за развој не треба да се пригуши, се разбира со канонски одговор на проектната задача.

Да не заборавиме дека керамиката и каменот во периодот на Источното Римско Царство( во кое Македонија има значајна улога)  се тековни градежни материјали, лакот е конструктивно решение, фреските се цртани со бои кои бараат константно циркулирање на воздухот и не бараат херметичко изолирање на влагата,  исламскиот храм бил поглед кон Мека, не минаре до облаците, католичките храмови играле со доминантната форма, најмногу заради  метафоричката димензија на присуството на Бога во просторот (голем и страшен) итн.

Суштината на верувањата-религиите, човекот да е скромен ( надворешната форма) а богат одвнатре ( ентериерот), овозможува врвна естетика на едноставноста  која е особено изразена во архитектурата на модерната. Дали слепо треба да повторуваме форми или сме незрели да се надоврзиме на големите наши градители од минатото е прашање на свесност. Како го славиме Бога со кич зданија, недозреан фрескоживопис, фрлени објекти во запуштени тревници, нескромност и игнорирање кон професионалците, кои животот го посветиле на некоја од засегнатите тематики треба да го размислиме сите заедно.

Што остана, доколку „атеистите” ја бранат вредноста на храмот од „фанатичните верници”? Светот е заеднички, а сите кои веруваат дека Бог постои, знаат дека Тој постои за сите. Тогаш неминовно е да се чуеме меѓусебно.

Секому добро!

МАРХ

фотографиите се позајмени од блогови и македонски нет портали

Автор на статија: