Пешачки мост во Скопје / Сер Питер Кук (CRAB Studio)

 

Инвеститор:  Општина Центар – Скопје

Автори:  Sir Peter Cook, Gavin Robotham, Stefano Pessari,  Jean-Baptiste Ruat,  (CRAB Studio)

Година: 2008

Локација: Кеј 13-ти ноември (Мост на „Цивилизациите во Македонија”

 

Питер Кук, легендарен архиграм од 60-тите години, учествуваше на конкурсот за Пешачкиот мост на реката Вардар, со уникатен и иновативен не во технолошка смисла, туку во перформативна. Мост со кинетичен киоск – чајџилница, каква атракција и поддршка ќе беше тоа! Но остана незабележан……. Така одредени идеи, личности, дела кои секако ќе ја збогатеа нашата архитектонска сцена се отфрлаат, се бришат.Минас Бакалчев

Потребата за нов пешачки мост на реката Вардар со локација во строгото централно подрачје на градот Скопје одсекогаш постоела.  Градежна маркица за нов пешачки мост кој ќе го поврзува Градскиот Трговски Центар со Културниот Центар била вметната во деталниот урбанистички план за малиот ринг уште во 1997-та година.

Проектот со текот на годините добива различни размери. Најпрво во јавноста кружи идејата за милениумски мост (доста актуелен градежен зафат во западните држави за одбележување на почетокот на новиот милениум). Потоа актуелна е идеата за „мостот на цвеќето“ (планиран како еден од капиталните проекти на тогашната градоначалничка Виолета Аларова). Истиот беше наречен мост на цвеќето, бидејќи идејата беше тој да биде украсен со многу цвеќе. Градоначалничката Аларова, како и нејзините предходници се залагаа за модерен концепт, односно мостот да биде модерна архитектура и да биде контраст на Камениот мост.

 

Во Јули 2008-та година по барање на тогашната Влада, дополнително се вцртува маркица за уште еден мост кој ќе води директно кон новиот Уставен Суд, а дотогаш планираниот се поместува неколку метри подолу од оригиналната локација. Чекорот создава конфузија и е проследен со големи критики од страна на стручната јавност.

 

„Оргиналниот“ мост, беше предвиден да биде поставен идеално на средина помеѓу Камениот мост и мостот „Слобода“. Со вцртувањето на двата моста се создаде „дупка“ токму на сегментот каде што мостот беше најпотребен.

Експертите предупредуваа дека новите мостовите се надоврзуваат на нелогични пешачки комуникации, а најкритична е нивната збиеност поради која се губат функционалните, естетските и просторни квалитети на стариот Камен мост. Имињата на новите мостови се „Око“ и „Мост на Уметноста“.

За мостот „Око“ Општината Центар распиша меѓународен конкурс во 2008-та година. На конкурсот пристигнаа доста модерни и иновативни решенија, со кои авторите максимално се трудеа да избегнат дополнителни нарушувања на Камениот мост. Можеби најкарактеристично е учеството на легендарниот англиски архитект, Питер Кук, кој претставува многу важна личност во историјата на авангардната архитектура од 60-тите години на 20-тиот век.

 

За Проф. Сер Питер Кук RA

Еден од основачите на авангардната група Archigram, поранешен директот на институтот за современа уметност, Лондон (the ICA) и Bartlett School of Architecture при University College, Лондон. Тој претставува клучна фигура во глобалниот архитектонски свет денес. Неговиот незапирлив придонес во архитектонската иновативност, неодамна беше одликувана со доделување на почесен докторат од  University of Lund во Шведска.

Достигнувањата на Питер со радикалната експериментална група Archigram се предмет на неколку публикации и изложби, а во 2004-тата година членовите на групата се одликувани со највисоката награда на RIBA, Royal Gold Medal. Во 2007-та година ја добива титулата витез од страна на Кралицата, за неговиот придонес во архитектурата.

Питер уште од самиот почеток ја бранува архитектонската сцена, но со неодамнешната изградбата на Музејот за уметност во Грац се претстави и кон пошироката јавност. Твори во Осака, Берлин, Франкфурт и Мадрид. Со својот тим од архитектонското студио CRAB тој учествува на конкурсот за мостот „Око“ во Скопје.

Ние често учствувавме во глупави натпревари“, па така во 2008-та година учествувавме на конкурс за пешачки мост во Скопје.” Во меѓувреме, Кук собира фотографии од сите видови киосци и дава предлог : “Еј, зошто да не ставиме киоск на мостот? Оној кој ќе се движи по мостот и оној кој ќе го прикажува времето. И зошто да не направиме еден бар во овој киоск и едни скали кои како од авион ќе се спуштаат до реката?” – “И, се разбира,” Кук ја завршува мислата “, не победивме на натпреварот! Извадок од интервју со Питер Кук

Опис на проектот

Главна цел на проектот е поврзување на Градскиот Трговски Центар со спротивниот брег на реката Вардар. CRAB studio предлага дека на мостот му е потребно нешто порадикално, па затоа истиот треба да биде оживеан со движечки киоск, кој всушност ќе биде „окото“ на мостот. Горната половина на киоскот функционира како Slivovitz бар во ноќните часови, додека пак во долниот дел децата можат да си купат сладолед.

Со идејата за движење на киоскот два пати во денот се добива чуство за текот на времето. Вовлечените скали овозможуваат влез во Slivovitz барот. Како што е илустрирано, вистинскиот бенефит се добива во текот на ноќта. Челичните конструктивни елементи се прилично тенки, а најголемиот дел е подвижен со цел мостот да биде “транспарентен” кон Камениот. Проектот ги комбинира старите Archigram идеи со опсесијата за киосци на Кук.

Контроверзии

Решението на Питер Кук и неговиот тим ја освои третата награда, а мостот „Око“ се реализира врз основа на контроверзниот проект на Борислав Јосифов и Коста Мангаровски.

За споредба мостот на Јосифов и Мангаровски е составен од три распона, така што двата крајни се со помали димензии, а оној во средината, поголем и поставен над реката Вардар. На него, на проширениот средишен дел, има два поголеми отвори пополнети со слоевито проодно стакло (низ кои првично беше предвидено да се гледа реката). Горната површина на мостот е обложена со грубо обработени гранитни плочи со цел да не биде лизгава. Од двете страни има мермерна ограда, а на неа има поставено вкупно 29 бронзени скулптури на историски личности. Во самиот центар мостот има фонтана со скулптура посветена на пајонска свештеничка.

Изградбата започна во септември 2009-тата година, а заврши во јуни 2013-тата година. Денес мостот го носи името „Цивилизациите во Македонија“

Материјалот го приложи и обработи: Антонио Грујевски