Природнонаучен музеј – Матка / Валентино Константиновски 2008
18.12.2014 • XXI век
ГОДИНА: 2008
ТИП НА ОБЈЕКТ: Општествен објект
ЛОКАЦИЈА: Матка, Скопје
АВТОР/И: Валентино Константиновски
СОРАБОТНИК: Павле Христов
Појдовната точка при формирање на концептот беше објектот да делува како една летачка вештачка интелегенција со нагласени строги форми, која лутајќи после долгиот период го препознава своето легло и на тоа место го прави своето гнездо (дрвениот дел) и истовремено сраснува со околниот терен.
На локалитетот Матка, во непосредна близина на манастирскиот комплекс Св. Андреа, е проектиран објект со вкупна бруто површина од 239 м² во кој би се проучувале, изложувале и документирале експонати од постојната флора и фауна, карактеристични за наведениот регион. Во сутеренскиот простор е предвиденo депо за складирање и подготовка на експонатите.
Во приземјето се наоѓаат: влезен претпростор, инфо-пулт и дел од постојаната изложба со простор за мултимедијална презентација. Приемниот дел се развива низ две катни висини и е сместен во дрвен транспарентен кубус. Влезот е нагласен со одземање на аголот и негово третирање со стаклена обвивка во форма на коцка.
Делот за изложба и презентација е сместен на два ката во бетонскиот дел од објектот, со цел да се овозможи потребна микроклима и соодветно осветлување на просторот по вештачки пат. Во приземниот бетонски дел централно се сместени високи изложбени витрини, а периферно по ѕидовите на соодветни растојанија се наоѓаат вертикални LCD монитори (touch screen) на кои посетителите имаат можност да се информираат по пат на мултимедијална презентација преведена на три јазика со помош на слушалки.
На катот се наоѓаат дел од изложените експонати во ниски витрини и простор предвиден за одмор и медитација со убави природни визури кои ги овозможува локалитетот Матка. Тенденција беше во овој простор да се добие едно посебно чувство на духовност, на мистика, најмногу поради неговата припадност во манастирски комплекс и секако поради специфичноста на околната природа. Во објектот се предвидени бетонски подови. Во целиот објект улогата на плафон ја презема примарната или секундарна носечка конструкција без дополнителна обработка. Соодветно, во првиот дел од објектот плафонот го сочинуваат талпите од дрвениот скелетен систем, додека во останатиот дел тоа се армирано-бетонските плочи.
На кровот е продолжена обвивката од фасадата и е постигнат соодветниот визуелен ефект на доживување на третата димензија на објектот.
Автор на статија: marh