Противпожарна станица и тренинг центар–Струмица/ Атанас Пиличев 2014
03.01.2015 • Студентски проекти
автор: Атанас Пиличев
магистерски труд
тема: Современи индустриски капацитети
наслов: Противпожарна станица и тренинг центар, Струмица
година: 2014
ментор: проф. д-р Александар Радевски
Развиеното и модернизирано пожарникарство е еден од клучните сегменти за нормално и безбедно функционирање на една општествена заедница. Имено, во подобрувањето на квалитетот на пожарникарските услуги како јавен сервис на граѓаните, самата противпожарна станица како објект влијае во иста мера колку што и напредокот на технологијата и економијата. Од тука произлегува и потребата за современ, модернизиран и рационален објект кој ќе одговори на сите поставени програмски, функционални и естетски барања. Од таа причина, секоја противпожарна служба тежнее кон своја рационализација, интензификација и интеграција на својот капацитет.
Противпожарните станици играат есенцијална улога во заштитата на едно општество, кои со развитокот на науката и техниката го заобиколуваат своето утилитарно значење. Со кохезија на содржини диферентни по својата намена, но секако во позитивна корелација се добиваат објекти кои пленат со својот изглед, форма и однос кон околината.
Континуирано низ историјата се создаваат се поголеми и пообезбедени противпожарни станици, кои до ден денес не само што одговараат на потребите за кои се создадени, туку ги задоволуваат и естетските потреби на човекот. Се разбира, оттука се гледа и потребата од објект, кој ќе одговори на барањата на совремето живеење. Идејата е да се прошири спектарот на компоненти на постоечката противпожарна станица, да задоволува повеќе критериуми, да биде од јавен карактер, и секако екстериерот и ентериерот да се искачат на повисок степен, достигнувајќи ги модерните станици во светот. Проширувањето на капацитетот е исто така главно обележје за оваа противпожарна станица, како и проширување на бројот и видот на транспорти средства.
ИЗБОР НА ЛОКАЦИЈА
Мисијата на секоја противпожарна станица е спречување на пожари и нивно ширење, спасување на човечки животи, заштита на имот, како и укажување техничка помош при секакви незгоди. Токму поради значајноста за брза, навремена и ефективна реакција на противпожарната станица во една таква ситуација, од голема важност е самата нејзина локација. При изборот на потесната локација за изградба на противпожарна станица потребно е да се запазат повеќе фактори.
За оптимизација на локација на противпожарната станица потребно е да се направи длабока студија, во поглед на: анализа на типот на почва, подложноста на земјотреси, надморската височина, наклонот на теренот и сл. Друг значаен сегмент е врската со околните и големите, односно брзи и фреквентни сообраќајници. Анализата за сообраќајната инфраструктура во околината е од големо значење при одлуката дали една локација е погодна за изградба на противпожарна станица. Исто така, од голема важност се и временските стандарди за одговор на противпожарното возило во една заедница.
ЛОКАЦИЈА
Локацијата на противпожарната станица се наоѓа во северниот дел од периферијата на градот Струмица, кој пак се наоѓа на западниот и централниот дел од Струмичкиот регион.
Во однос на пошироката околина битен елемент кој треба да се напомене, е тоа дека подрачјето во кое е предвидена противпожарната станица има капацитет и можност да ги покрие сите критични точки во градот, а исто така и соседните општини кои се под ингеренција на територијалната противпожарна единица на Струмица. Реперни точки во пошироката околина кои визуелно може да се перцепираат од самата локација се: тврдината “Цареви кули”, градскиот стадион “Младост”, градскиот парк, силусите на “Жито Струмица”, масивите на планините Беласица, Огражден, Еленица и сл.
ИДЕЈА И КОНЦЕПТ
Основната идеја за компактна и монолитна форма, произлезе, како од визијата за создавање на типски објект кој ќе биде во можност да се интерполира во различна околина и различни општествените заедници зависно од нивните потреби, така подеднакво и од начинот на редење на функционалните единки. Наместо традиционалните погледи за хоризонтално организирање на сеопфатната програма на противпожарните станици, во овој магистерски труд направен е опит за нејзино дистрибуирање по вертикална линија.
Наместо преку постапка на преземање готова и стандардизирана програма и шаблонско решавање на просторот кој е предвиден и образложен во повеќе архитектонски прирачници за проектирање на овој тип на објекти, целиот овој процес на проектирање и обликување е развиен за чекор понатаму со повторно проучување и истражување на програмските барања и нивните допирни точки.
ДИМЕНЗИОНИРАЊЕ
Димензијата во однос на должината на објектот произлегува од потребата на гаражен простор за сместување на 11 противпожарни возила кои ќе бидат поставени праволиниски, па како последица на тоа е дефинирана приближната должинска димензија на објектот кој во основа претставува правоаголник. За сето тоа да се доживее естетски попријатно, воспоставен е сооднос на страните на правоаголникот со пропорција од 1 : 1.618 (80.4 м x 49.6 м – златен пресек).
КОНСТРУКЦИЈА
Противпожарната станица е проектирана во ортогонална модуларна мрежа од 5 m x 6.2 m. Конструктивниот систем на објектот е составен од комбинација на скелетен и масивен систем.
ФАСАДНО ОБЛИКУВАЊЕ
На вака стегнатата, монолитна структура потребно е да и се даде некаков надворешен лик по кој ќе биде препознатлива. За таа цел наместо класично обликување на фасадата преку игра со отвори, ѕидови, нивно моделирање или боење, предложен е поинаков пристап кон истото, каде целата маса, ќе биде обвиткана, односно облечена во една полутранспарентна завеса низ која ќе се наѕира лицето на објектот. Овој гест посебно ќе доаѓа до израз во текот на вечерните часови кога монолитот ќе нуди таинствен поглед кон неговата внатрешност.
Во контекст на тоа, како материјал предложен е алуминиумот, т.е. алуминиумски кружни профили во вид на цевки и тоа во четири големини, односно со четири различни дијаметри од 5, 10, 15 и 20 cm.
Автор на статија: marh