Реканска куќа – архитектонско наследство во Македонија
23.01.2017 • Информации Истражување Литература
Наслов: Реканска куќа – архитектонско наследство во Македонија
Автор: СЛАВКО БРЕЗОСКИ
Година на издавање : Скопје 1993
Рецензенти: Проф Радомир Волинец, акад. Крум Томовски и д-р Никола Бошале
Издавач : БИГОСС – Скопје
Архитектонското наследство во Македонија, покрај старите градски средини е посебно значајно и изразено во областа на руралната архитектура, архитектура во која регионот Река во северозападниот дел на Македонија е од исклучителна особеност. Во 1993та година, реномираниот македонски архитект, професор и писател Славко Брезоски (родум Галичник), ја истражува и сумира целосната архитектонско-социјална слика на реканскиот регион во “Реканска Куќа” – фасцинантен, истражувачки и аналитички осврт, фокусиран на функционалноста, изразот, формата и факторите на нејзиното настанување. Брезоски навлегува длабоко во генезата на реканската куќа и ја анализира на нејзиното основно утилитарно и креативно ниво.
“Бројни безимени генерации на наши мајстори градители, на широкиот географски простор на Балканот и надвор од него оствариле дела од трајна архитектонска вредност.”
Панорама на Галичник ~1930 ©ДАРМ
Тежиштето на изданието е архитектурата и еволуцијата на куќата како основна едника во реканскиот предел, чија научна привлечност доаѓа од посебните околности под која таа е оформена и создадена.
Пред да настапи со анализа на самата куќа, форма која ја согледуваме денеска како физички тестамент, авторот најпрво ја истражува и споредува истата со анализа на соседните региони во Албанија и Егејска Македонија. Брезоски се обидува да ги сублимира факторите и околностите во формирањето на нејзината архитектура преку компарациски метод, со анализа на повеќе дисциплински извори: анализа на постојниот фонт, архивски снимки, фотографии, народни преданија, историски податоци…
Куќата на семејството Фрчковци ©Реканска куќа
“Би згрешиле ако посебносите во изгледот и во внатрешната содржина ги објаснуваме како резултат на влијание на само еден пресуден фактор а не ги анализираме зборот на повеќе фактори.”
Книгата во целост ни овозможува запознавање со факторите кои влијаеле на архитектурата, како на пример: ѕидарската и номадска природа на населението во тој предел, заштиничката фунцкија на куќата особено пренесена со миграцијата на населението запад-исток, како и допирот на рамичарската приземна куќа со поднебјето на планинските предели.
“Каква улога игра материјалот во архитектноската форма на реканската куќа? Дрвениот скелет претходи на масивните ѕидови од камен што служеле повеќе за климатска заштита и одбрана отколку за примарна конструктивна функција. “
Горнореканска варијанта на куќи на богати печалбари: стрмни “алпски” кровови. ©Реканска куќа
Во текот на целото издание текстот е подржан со огромен број илустрации од струкурата на самите села, како и приказ на градежниот фонт кој ги опфаќа сите нивоа од развојот на куќата. Овде е јасно прикажана еволуцијата на структурата на приземните отворени куќи покриени со слама и висок кров до финалниот стадиум на реканската куќа со шематски повторувачки елементи и со целосно затворена фасада.
Типологија на различни функционални решенија ©Реканска куќа
Книгата ни овозможува целосен преглед на континуитетот и развојот на реканската архитектура со акцент на профаната градба. Огромен дел е посветен на материјалноста на истата, внатрешните решенија како и елементите кои ја сочинуваат куќата: прозор, врата, конструкција… Авторот во завршниот дел се фокусира на споредбата на реканската куќа со крушевската куќа како резултат на миграцијата запад-исток и судирот на рамичарската куќа со планинската куќа-кула.
Несомнено е дека изданието “Реканска куќа“ е плод на децениската посветеност и делување на архитектот Славко Брезоски. Архивскиот материјал и анализи содржани во ова дело претставуваат идеална база и пример за некое идно истражување на руралната архитектура на почвата во Македонија.
Материјалот го приложи и обработи: Мартин Ефремовски
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Културно наследство / Реканска куќа / Рурална архитектура / Славко Брезоски