Спортски комплекс на Дојранско езеро / Грчева и Чеботарева
22.02.2016 • Студентски проекти
Студенти/автори: Марија Грчева и Зорица Чеботарева
Педагошки тим: проф.Мартин Гулески, Нина Каранѓелеска, Паолина Милушева
Година: 2015/16
Како дел од соработката на Факултетот за Архитектура и Дизајн при УАКС Скопје, и општина Дојран, произлезе идејата за проектирање на спортски комплекс на брегот на Дојранско езеро/Стар Дојран, во рамките на предметот Проектирање-објекти за спорт и рекреација. Со оглед на тоа дека се работи за локација која се наоѓа на брегот на едно од природните езера во земјава, и опстојувањето на прекрасна природа, водечката идеја во развојот на концепт за овој објект беше да се задржат природните услови и квалитети на локацијата и да не се наруши постоечкиот контекст, но истиот да се надополни и да се појави структура која ќе даде индивидуален акцент.
Специфичноста на локацијата целосно го доловува процесот на дизајнирање на овој комплекс, кој се состои од внатрешни и надворешни спортски терени, хотел, затворен базен, фитнес и спа центар. Неминовни се и сите пропратни технички простории во склоп на внатрешниот терен, кои се целосно одделени од движењето на посетителите и функционираат како засебен дел наменет само за корисниците на теренот.
Спортската сала е со капацитет од 1000 гледачи, и е директно врзана со сите технички простории, кои воедно се поврзани и со фитнес центарот, кафе барот и останатите спортски активности достапни и за останатиот дел од корисниците.
Околниот контекст е дефиниран од ниски објекти за индивидуално домување, и затоа комплексот е конципиран така што ја задржува максималната висина од 5 метри, додека пак хотелот е единствениот кој се извишува (П+4), давајќи нов акцент на локацијата и се јавува како потреба за ново обележје во силуетата на градот. За да не се наметне објектот во поглед на визурите, целиот спортски терен е вовлечен во подземното ниво. На ваков начин објектот е продолжување на контекстуалната силуета, а хотелот е онаа форма која дава нова димензија на просторот како обележје.
До спортскиот комплекс се пристапува преку две споредни улици, кои водат до различни делови/едната до затворениот базен и надворешните терени, а другата до хотелот, каде е овозможен и пристап за автобуси, како и комбе за прва помош кое преку рампа се спушта директно до терените. Надворешните отворени терени се обезбедени со свои технички простории за хигиена, како и монтажни објекти за храна и пијалоци, додека пак во нивно продолжение се наоѓа паркот, кој нуди директно поврзување со езерото.
Како енормно важен дел од конципирањето на целиот комплекс е “јавниот плоштад” на кровната површина од салата; делумно организиран околу кровната решетка која ја држи главната конструкција на теренот, но овозможува и директни визури кон внатрешниот простор и директен влез кон панорамскиот ресторан.
Двете рампи/улици го врзуваат овој простор со останатите содржини, но делуваат и како естетски компоненти во оваа стого геометриска констелација на архитектонски елементи. Овој плоштад дава сосема нова хумана димензија на просторот, дефинира еден движечки механизам и нови функции во еден артикулиран отворен простор за сите посетители; тој е корисен за сите жители и за редефинирање на базичната функција на целиот комплекс.
Автор на статија: marh