Streets in the sky / Кузмановска, Коцевска

Година: 2019/2020

Семестар: IX семестар

Предмет: Интегративно студио РАСТ 2.0: НАРАТИВИ

Автори: Ангела Кузмановска, Ивана Коцевска

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет – Скопје

Ментор: проф. д-р Слободан Велевски, проф. д-р Марија Мано Велевска, арх. Благоја Бајковски

Интегративното студио РАСТ 2.0: НАРАТИВИ ги испитуваше наративите како идејни зачетоци на нов градски простор, нови активности и нова архитектура. Преку темите отворен крај, брутализам и привременост препознавме наративи од Скопје при што во аналитичкиот дел бевме фокусирани на нивното значење, интерпретација и интеграција со контекстуално и концептуално читање на архитектурата што претставуваше основа за поставување на седум просторни наратив-концепти кои со процес на палимпсест прераснаа во еден проект за една единствена локација – паркинг спроти хотелот„Холидеј-Ин“ во Скопје.

Темата отворен крај се занимава со истражување на се она што нема јасна граница. Тука се вбројува и градот Скопје кој е отворен за раст и промена (Every city is a city without a defined border – Team 10). Преку реката Вардар како линија која поминува низ него на оска исток-запад го препознаваме  правецот на ширење на градот. На оваа оска во централното граско подрачје се наоѓаат две точки кои ги сметаме за важни и ги поврзуваме со отворениот крај. Тоа се транспортниот центар и ГТЦ, од кои едната точка ги поврзува градовите, а другата луѓето во градот. Движењето и протокот на луѓе се аспектите кои ги препознавме – непрекината постојана фрекфенција, нешто што се случува постојано и нема крај.

Минијатури – предлог програма – атмосфери

Се насочивме кон анализа на ГТЦ од аспект на слободното движење што го нуди овој објект/простор како на кота 0.00 така и на горните нивоа. Секако тука ги вклучуваме и социјалните аспекти, а тоа е нешто што го воочуваме и во движењето на Тимот 10 и Алисон и Питер Смитсон кои се стремат да создадат архитектонски простор кој нуди можности за индивидуално присвојување на просторот преку спонтан начин на користење.  Како референтен пример ни служи нивниот проект Robin Hood Gardens, London кој се заснова на нивниот конкурсен проект Golden Lane Project од каде како главен елемент ги препознаваме улиците во воздух – кои исто така се присутни и во ГТЦ – препознаваме дека карактерот на улицата во воздух не е ист како онаа на терен. Тие се секундарни платформи кои визуелно се поврзани со патеките под нив.

ТРИПТИХ – значење, апропријација, интеграција

Во процесот на истражување сфативме дека тоа се аспекти кои треба да ги примениме на нашата локација. Откако ја дознавме локацијата извршивме анализа на плановите направени за истата, моменталната состојба и опкружувањето и одлучивме дека треба поголемиот дел од локацијата да остане празен т.е зелен, а главна цел ни е движењето – патеки на терен и патеки во воздух помеѓу кои се формираат социјалните простори на отворено. На локацијата доминира мостот како архитектонски елемент и зеленилото со што е отворена можноста за дополнување на мостот со програми (закачување, протеза).

Основа 1:250

По оформувањето на заедничкиот проект каде се преклопија 7 различни концепти 7 тимови ние се одлучивме да го разработиме делот кој е најблиску до ГТЦ   од каде што всушност почнува улицата во воздух. Во овој дел од проектот во процесот на преклопување секако допринесоа и идеите од нашите колеги со што се стремевме кон задржување на нивната но и нашата првична идеја во концептот каде преовладува зелен дел околу мостовите. Главна преокупација ни е движењето кое е насочено како со патеки така и со различна материјализација. Самиот мост кој се наоѓа над нас ни ја посочува главната оска на движење во просторот.

Помеѓу овие патеки во зелениот дел се поставени неколку програми на отворено кои се надоврзуваат на потребите на околината – како што се игралиште за деца и простор за миленици. Во одност на програмскиот дел во затворените простори најпрво вметнавме простор за јадење и простор за домување кој  ја завршува низата од кули, а под мостот се вметнати мали волумени кои се исполнети со трговска програма што се надоврзува на ГТЦ и ни дава пријатна слика при движењето под мостот.

Нашиот проект заедно со архитектонско-урбанистички концепт и проектите на нашите колеги работени во склоп на Интегративното студио Раст2.0: НАРАТИВИ беше презентиран на архитектонскиот факултет во Делфт  како резултат на меѓусебна соработка на студијата од IX семестар а воедно беше и дел од семестралната изложба од зимскиот семестар 2019/2020 на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Од авторот