Палата „Кузман“ / Константиновски
23.09.2017 • Фотографија ХХ век / II половина
Автор: Георги Константиновски
Година: 19..
Фото: Борис Јурмовски
Извор: „Патот на еден архитект“_ Константиновски
Прва објава: 13.12.2015 ( Фотогалерија _Палата „Кузман“)
________________________________________________________________________________
Просторот каде во минатото постоел објект од П+1 во склоп на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ долго време после земјотресот од 1963 година стоел руиниран и неорганизиран. Константиновски дошол до идеја истиот да се вклопи во централното градско подрачје преку современа архитектонска интервенција која поради економска исплатливост не можел да си дозволи да ја проектира во истата висина како објектот од предземјотресниот период. Решението за објектот го дефинирал во П+М+4 + пентхаус, на взаемно задоволство со инвеститорот.
Приземјето и мезанинот е проектиран со стаклени отвори во рамнина со повлечените столбови. Четирите ката над приземјето се исфрлени на +160см конзолно. На трите експонирани страни од горните катови е избегнато проектирањето на класичните прозорски отвори.
Константиновски пристапил на поинаков начин преку триаголни призми чиешто еркерно наддавање се зголемува на секој нареден кат по 10 см. Аналогијата на овој суптилен чин претставува симболичка конотација со соодветните архитектонски елементи од македонската народна архитектура, но презентирано стилски.
Оригиналната замисла на архитектот била оневозможена од општината со што се одземал крајниот највисок дел од објектот , кој подоцна бил одобрен но никогаш довршен од инвеститорот.
Константиновски во сопственото автобиографско дело, наведува дека ова е и прв проект кој не му е реализиран според оригиналните нацрти. Фасадата ја замислил да е обложена со црвени керамички плочки во големина од 10 х 20 см. Столбовите и триаголните завршетоци ги предвидел во контрасна жолта – окер боја.
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski