10 години по „Езерце“
01.07.2024 • Став
Во периодот на наездата на „Скопје 2014“, пред 10 години се случи еден пробив и смена на политичките структури во Општина Центар. Истата организира повик за идејно архитектонско решение за култниот ресторан „Езерце“ во Градскиот парк во Скопје. Професијата, овој конкурс го доживеа како импулс за промена, за што говореше и интересот за учество (26 пристигнати трудови).
Извод од план за локацијата
Победничкото решение беше под шифра „Мезе“ инаку дело на тимот Филип Конески и Борко Георгиев, концепт инспириран од читањето на објектите во непосредната близина – Школката и Градскиот Стадион.
Просторни и обликовни анализи на победничкиот труд
3димензионални пресеци – победнички труд
Но, што се случи во правецот на неговата реализација?! Тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски тврдеше дека општината сака да го гради победничкото решение, но само доколку имаат средства за самостојна интервенција. Потоа се појави фирма која работеше физибилити студија и интерес за јавно приватно партнерство, по што Жерновски изјави дека не може да го наметнуваат победничкото решение на приватниот инвеститор. Во поразвиените земји, тоа би било услов за влез во такво едно партнерство, бидејќи општината ги поставува критериумите. Значајните градски простори се обликуваат на конкурс, додека реализацијата потоа е обврзувачка за заинтересираните инвеститори.
Различни сценарија на користење на просторот – победнички труд
По смената на градоначалникот и доаѓањето на Саша Богдановиќ, победничкиот тим побара прием на кој градоначаникот одговори позитивно. На архитектите им беше ветено дека Општина Центар е сеуште заинтересирана за победничкото решение, но дека во суштина постојат имотно – правни проблеми со локацијата. За истото беше ветено дека по средување на истите, архитектите ќе бидат контактирани.
3D модел – победнички труд
Но измина и овој мандат, по кој за градоначалник на Центар беше избран Горан Герасимовски. Архитектите повторно се обратија, но овој пат не добија ниту одговор. Дали проблемот сеуште постои со земјиштето и дали кај општината постои интерес за реализација на победничкиот проект е неодговорено прашање.
Монтажа на 3D модел – победнички труд
По минатогодишната објава кога потсетивме за 9 години изминати од избор на победничкото решение, веќе утредента авторите беа исконтактирани од кабинетот на тековниот градоначалник. На ветување дека ќе биде закажана средба по одморите, таа и на јубилејната 10 година од конкурсот, се нема случено.
Оваа ситуација се повторува со многу избрани идејни решенија, што укажува на неразбирање на поентата да се организира конкурс. Доколку комисијата и општината доделуваат прво место, тогаш тој проект треба да биде интерес и задача, впрочем и визија за својот простор.
За жал локалните власти не создаваат критериум во архитектурата и урбанизмот, најчесто бројат само вкупен број на завршени проекти во кои влегуваат тротоарчиња, детско игралиште со 2 реквизити, клупи, три бандери и слично. Па од тука, значајните простори се обликуваат според „добрата волја“ на приватните инвеститори.
Додека соседството е декади пред нас, ние сеуште не создаваме вонредни архитектонски реализации, туку се движиме на браникот на просечното, што е проблем на менталитет и немање трајна визија за својот град.
Илустрација на победничкото решение
Дознајте повеќе за победничкото решение за ресторанот „Езерце“ >>>