10 Визии за развој на град Велес

 

 

Понекогаш најмалите идеи носат најголеми промени. Овој текст не е критика, ниту предлог програма — мал обид да се поттикне разговор за тоа како би можел Велес да изгледа за да дише, да расте и да се развива подобро. Просторот околу нас не е само структура туку тој е огледало на нашата свест,  култура и заедништво. Затоа овие предлози не се само идејни планови туку визија која може искрено го замисли Велес како град со одговорност

 

1   Помали урбани паркови низ градот

Урбани паркови

 

Локација: Лоцирани на микролокации во градот

Проекти за современи градски пацарели со пешачки патеки, зеленило, урбана опрема и рекреативни содржини. Простороти коии ќе станат нови зелени оази за одмор и дружење, како и поврзувајќи ги со околните населби. Подобрување на урбаниот амбиент и зголемување на зелените површини во централното градско подрачје.

Да се создадат мали зелени простори каде што луѓето ќе можат да одморат, да седнат, да разговараат. Места каде што градот повторно ќе се сретне со природата. Таквите микропаркови не се само детал, туку начин да му се врати достоинството на секој агол од урбаното ткиво.

 

 

2   Катна гаража

Катна Гаража
Катна Гаража

Локација: Централен градски простор

Изработка на проект за катна гаража со капацитет од 100–150 паркинг места, со можност за надземно ниво, опремена со лифт и зелена (биофилична) фасада. Намалување на сообраќајниот метеж и ослободување на јавните простори од непрописно паркирани возила.

Со години центарот на Велес е задушен од возила. Една современа катна гаража, со зелен покрив и пристапност за сите, не е само функционално решение — тоа е гест на почит кон јавниот простор. Со неа би можеле повторно да го вратиме градот на луѓето, а не на автомобилите.

 

 

3   Нов мост кон Речани

Нов мост
Нов мост

Локација: Поврзување на населбата Речани со градот

Проект за нов мост со пешачка и велосипедска патека, прилагоден на хидролошките и теренските услови. Предвидени се современи материјали и архитектонски решенија што ќе го нагласат идентитетот на градот Велес. Подобра поврзаност, побезбедно движење и поттик на локалниот развој.

Мостовите не поврзуваат само брегови, тие спојуваат животи. Новиот мост до Речани би донел пристапност, безбедност и можност за прошетка, но уште поважно – симболично би го зближил градот со неговата река.

 

 

4   Проширување на градскиот парк и нови пешачки улици

Проширување на паркот

Локација: Урбан дел на градот

Создавање на нова зелена зона со тематски целини: детска зона, спорт и рекреација и релаксација. Паркот може има мала сцена за културни настани, современо осветлување…

Зголемување на квалитетот на јавниот простор и поттик на здрави урбани навики кај граѓаните. Градот има потреба од место за здив, каде што ќе може да се чувствува ритамот на заедницата. Со проширување на паркот, поставување на нови пешачки улици и мали сцени за културни настани, Велес би можел да стане град на средби (поврзувања), не само на транзитни премини.

 

 

5   Изградба на КЦB – Културен Центар на Велес

ВКЦ
ВКЦ – Велешки Културен Центар

Локација: Централно градско подрачје

Изградба на нов културен центар (ВКЦ) – објект кој му недостасува на Велес и ќе стане главен симбол на културниот живот во градот. Центарот би вклучувал мултифункционална сала, изложбен простор, уметнички простори и зона за младински активности.

Развој на културната инфраструктура и создавање простор за нови генерации уметници, настани и креативни работилници. На Велес му недостасува вистински дом на културата. Не како институција, туку отворен простор за идеи, изложби, младински иницијативи и дијалог. Независен Алтернативен Културниот Центар би можел да стане точка од која ќе се родат нови генерации уметници, мислители и творци кои ќе сакаат да остават белег во ова оштество.

Предлог – Концепт: За основање на Младински Центар во Велес 

 

 

6   Павилјон во парк

Парк Велес

Локација: Градски парк

Поставување на современ уметнички павилјон во градскиот парк – простор за изложби, резиденции и уметнички перформанси. Павиљонот ќе биде архитектонски белег на современиот Велес, место каде ќе се изложуваат локални и меѓународни уметници.

Воведување на културна програма што ќе го надгради градот и ќе го позиционира Велес како нов центар на современата уметност во регионот. Замислете мал павиљон меѓу дрвјата – белег на современата уметност и авангардниот дух. Место каде што ќе се изложуваат дела од домашни и странски автори, каде што уметноста ќе биде достапна, а градот ќе стане сцена. Тоа би бил симболичен чекор кон духовно современ Велес.

 

 

7    Зачувување на културното наследство

Куќата на Јорган Хаџи Константинов - Џинот
Куќата на Јорган Хаџи Константинов – Џинот

Локација: Старото јадро на градот

Селекција и конзервација на објекти со историска и културна вредност. Вклучува автентична санација, адаптација со нова функција во духот на современото време. Промовирање на културниот континуитет и одржување на традицијата на Велес како град со богата историја и културна длабочина.

Нашите стари градби, фасади, куќи – тие не се минато, тие се дел од нашиот идентитет. Со нивна внимателна реставрација, можеме да создадеме дијалог меѓу старото и новото, да го чуваме она што нè обликувало, но и да му дадеме нова функција што живее со времето.

 

Староградската велешка архитектура во заборав на времето

 

8   Велосипедска и пешачка патека

Кеј на Велес

Локација: Кеј на Вардар

Изградба на безбедна велосипедска и пешачка патека што ќе се протега покрај реката Вардар, поврзувајќи ги сите главни градски делови. Со предвидени места за одмор, осветлување и урбана опрема.

Поттик на еколошка мобилност, рекреација и подобрување на визуелниот контакт на градот со реката. Да се отвори градот кон реката. Да се врати Вардар во секојдневието. Безбедна патека за пешачење и возење велосипед не е само рекреација — тоа е нов начин на живот, поздрав, поблизок со природата.

 

 

9  Програма за привлекување туристи 

Туристичка мапа

Разработка на сеопфатна стратегиска програма за туристички развој на Велес, со акцентирање на:

– Издигнување на пиедестал на уметничко културното наследство (движно и недвижно) писателско, книжевно, архитектонско, градителско…

– Промоција на природните и културните атракции (езеро, река Вардар, околни ридови, културно наследство)

– Организирање тематски фестивали, уметнички резиденции и гастрономски настани

– Креирање туристички рути низ стариот град и околината

– Поставување информативни табли и туристички центар.

Позиционирање на Велес како туристичка дестинација со културен гастрономски и природен карактер.  Туризмот не се создава со кампањи, туку со автентичност. Велес има што да покаже — уметност, архитектура, литература, пејзажи. Потребно е само да ги споиме во една целина, преку мали фестивали, културни реставрации, гастрономија и приказни што ќе ги пренесуваат луѓето.

 

 

10  „Veles Sky View“ – Интерактивна платформа со панорама кон градот

Концепт – Veles Sky View

Локација: Рид Вршник / Поглед кон Вардар и центарот

Предлог за изградба на иновативна „Sky View“ платформа, односно авангарден јавен објект кој комбинира архитектура, технологија и развој на туризмот. Концептот вклучува:

– Панорамски поглед со полукружно стакло

– Интерактивни дигитални екрани што преку дополнета реалност (AR) им прикажуваат на посетителите историски сцени, архитектонски факти и културни приказни за Велес

– Вечерно осветлување што ќе создава визуелено привлечна силуета врз целиот град

– Можност за мали настани и уметнички перформанси на самата платформа

Да се создаде иконичен архитектонски белег на Велес, кој ќе го промовира градот како центар на иновативна урбана култура, ќе привлече туристи и ќе стане симбол на новата визија за градот. На ридот над Велес, замислувам место каде што архитектурата и технологијата се спојат во едно. Платформа со поглед на градот, интерактивни екрани што преку дополнета реалност ја прикажуваат историјата, уметноста, луѓето. Тоа би бил симбол на иднината — скромен, но храбар потек дека Велес може да биде потенцијален град на иднина.

 

 

Костурница, Велес

 

Овие предлози не се наметнување, туку покана за разговор. Велес не мора да стане идеален град, но може да стане топол, жив и свесен град во кој младите ќе сакаат да останат, да создаваат и да сонуваат за подобра иднина тука (дома). Ако овие идеи поттикнат барем едно прашање, еден разговор или една акција – тогаш нивната цел е исполнета. Градот не го обликуваат само градбите и улиците, туку луѓето кои веруваат дека ова може да биде подобро место за сите.

 

 

Кристијан Арсовски