17 катница во непосредна близина на Воената Болница
08.02.2024 • Информации Урбанизам
Периодов повторно во фокусот е Општина Карпош, поради давањето на одобрение за градба за 17 катен станбен објект во непосредна близина на старата Воена Болница или денес градската болница „8ми септември“.
Овој објект е еден од ретките заштитени објекти од постземјотресната обнова на Скопје, што значи и дополнителни услови и барања во однос на се што се изведува во негова близина.
Локација на новата станбена зграда
Одобрението за градба, го издаде општината по давањето на позитивното мислење на Конзерваторскиот Центар, кој сеуште не образложи кој е контекстот и оправданоста на истото.
Фото: Независни за Карпош – За заштита на Карпош
По ваквиот чекор, „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ организираа протест со кој се бараше да се запре оваа спорна инвестиција. Некои од причините за истото се: несоодветна типологија на објект во простор наменет за здравствени установи, преголема катна височина, голем број на нови жители ( 2000 ) кои ќе причинат дополнителен сообраќаен товар на уличната мрежа, безбедносен ризик поради локацијата веднаш до Бензиската Пумпа на Мак Петрол итн.
Дипломатскиот парк / Парк на толеранцијата и неговото исчезнување
Во однос на овој поширок простор во повеќе наврати сме спомнале дека е пример за урбанистички несоодветни делувања низ изминатите декади. На ова место постоеше парк чие деградирање воедно претставува и државен срам, бидејќи тоа беше поинаков простор со име Парк на толеранцијата или Дипломатски парк. Неговото создавање започна со засадување различни видови дрвја, карактеристични за земјите од каде што доаѓаат амбасадорите и конзулите во нашата земја, кои лично ги засадуваа во присуство на македонскиот претседател.
Со промена на урбанистичките планови во 2013-14 година, паркот конечно беше избришан, а просторот предвиден за приватни здравствени установи северно од новопроектираната улица, додека кон југ се вметна и површина за станбен објект.
Парк на срамот – остатоци од влезот во дипломатскиот парк
Што е со контекстот на површините за градба, нивната големина, габарит и сликата кои тие ја рефлектираат во идната архитектура на тој простор?! Предвидуваме во оваа зона, во овој блок, повисок објект од Воената Болница, која е јавен објект со нагласено значење, заштитен ориентиер кој треба да е визуелно достапен меѓудругото и за хеликоптерски сообраќај.
Тоа е секако за некои земји каде се бара додадена вредност, додека во нашиот случај постојано одземаме од постоечката и наследена вредност на просторот, кој скоро ќе се потроши. Што потоа?!
Воена Болница / Јосип Осојник, Слободан Николиќ 1969-71 / Од сетот „Бетонско Скопје 1“
Автор на статија: Filip Koneski