25 СОВРЕМЕНИ ДИЗАЈНЕРИ ДЕНЕС И УТРЕ ЌЕ ИЗЛОЖУВААТ УНИКАТНИ ДЕЛА НА ДИЗАЈН МАРКЕТ ВО „ЈАВНА СОБА“

Уникатно дизајнирани уметнички парчиња од 25 македонски модерни ракотворци ќе бидат изложени на Дизајн маркетот во „Јавна соба“ во сабота и недела од 10 до 18 часот. Посетителите на Дизајн маркетот ќе имаат можност да погледнат и купат парчиња рачно изработен накит, аксесоари изработени од кожа, маици со оригинални принтови, воздушни билки, керамички, и дизајни изработени од дрво, различни аксесоари, облека со автентични детали…

Бројот на современи креативци, во чии производи е компримиран нивниот авторски печат се повеќе се зголемува. Внимателно направениот избор на учесници е со единствена цел да се поддржи занаетчиство на оригинални производи.

Продуктите се оригинални, со потпис од познати македонски ракотворци: Монкдолс, Витрум Студио, Вудис, Ларго, Елена Ристовска, Ваша мала башта, Епокси, Солар Криешнс, Панорамикс, Мамка, Игнеа Козметикс, Цип/Ред, Гаиа, Слога, Зен Зил, Монозеро, Кејт Стардаст, Глигор Кузмановски, Добро ми стои, Блум, Сербез, Стичми везење, Сираледер, Азсу Аксесориз и Софија Огњановска.

Овој настан е во рамките на “Скопје дизајн вик”, кој завршува во недела со забава во Литертура.мк во Дајмонд мол, со DJ Дарко Марковски.

“Скопје дизајн вик” е дел од европската мрежа на манифестации за дизајн во друштво на “Миксер” од Белград, “What Design Can Do” од Амстердам, “Барселона дизајн вик” и Австрија “Дизајн”. Сите платформи во фокус ја ставаат Зелената агенда и еко дизајнот на идните млади дизајнери под мотото Next Gen Design. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Европската комисија.