3D реконструкција на „Градбата со Арки“ во Стоби
18.08.2025 • До V век

Градбата е подигната на преминот од I во II век н.е. или најдоцна во првата третина од II век. Има правоаголна форма со две апсидални простории, а ѕидовите од тули и камен се разделени со масивни пиластри кои ги красат арки. Ѕидовите од горниот спрат биле изведени идентично. Кратко по изградбата, објектот бил реновиран т.е. пониските зони од ѕидовите биле украсени со релјефи од розев и бел мермер, додека повисоките делови добиле фреско и штуко декорација.
Подовите во апсидалните простории биле изведени во техника opus sectile со плочи од розев и зеленикав мермер. Нишите во овие простории биле украсени со фрески и во нив стоеле позлатени скулптури. Помеѓу апсидалните простории се наоѓа влезот во објектот.
Градбата сигурно била вон употреба на почетокот од IV век кога во внатрешноста е изградена цистерна и канал кој се поврзува со Малата бања на запад. Преминот од централната просторија кон апсидалните бил затворен, а над влезот била поставена градба со масивни скалила која е многу лошо сочувана и се претпоставува дека е помал пагански храм.
Кон крајот од IV век градбите на просторот биле вон функција и тука биле погребувани некои од граѓаните на Стоби. Некаде во првата половина од VI век паднал и вториот спрат од оригиналната градба, а над сето тоа се документирани и траги од поплава.






Автор на статија: Filip Koneski
3D / Градба со арки / Реконструкција / Стоби