5 дизајни на засолништа за бездомни миленичиња „ Архитектура на солидарноста“

Градовите се „екосистеми“ во кои прибежиште и дом наоѓаат не само луѓето, туку и животните. Скопје, како и многу други урбани средини, се соочува со предизвикот на присуството на бездомните кучиња во јавниот простор. Овој феномен датира од деведесетите години на минатиот век, но начинот на кој ја третираме оваа ранлива категорија и се справуваме со нивното [зголемено] присуство на јавните површини зборува многу за степенот на емпатија, но и нивото на колективна свест кое го негуваме.

 

Размислувајќи за нашиот однос према животните, а посебно оние кои не по своја вина станале бездомни, невозможно е да не земе предвид и етичката димензија на овој т.н. „комунален проблем“. И покрај веќе утврдените, иако нецелосни, начини за негово решавање, останува отворено прашањето колку ние придонесуваме кон подобрување на нивната благосостојба, а со тоа и намалување на страдањето.

 

 

Токму на оваа тема, Питер Сингер, во својата книга Animal Liberation (1975), пишува дека „прашањето не е дали животните можат да резонираат или да зборуваат, туку дали тие можат да страдаат.“ Оваа реченица ја нагласува суштината на моралниот однос кон животните – нивната способност за страдање и уживање е основата врз која мора да се заснова нашата етичка загриженост. Сингер исто така го воведува поимот специзам, кој подразбира дискриминација врз основа на вид, со што предупредува дека игнорирањето на интересите на животните само затоа што тие не се луѓе е морално споредливо со другите форми на исклучување и дискриминација.

 

Во оваа смисла, прашањето за бездомните кучиња како дел од урбаниот пејзаж на Скопје, но и во другите градови во земјава, не треба да се разгледува исклучиво низ призма на контрола или регулација,туку како можност за воспоставување на поодговорен, сочувствителен и одржлив соживот. Токму овде дизајнот на засолништата се појавува како конкретна манифестација на таа етичка заложба за тоа како дизајнот, односно архитектурата може да стане инструмент на општествена одговорност.

 

Брошурата можете да ја погледнете тука >>>