Споменик: 8-ма Македонска партизанска ударна бригада / 1970

Период: Социјализам

Година на изведба: 1970

Тема: Културно наследство

Објект: Споменик 8-ма Велешка бригада

Автори: Скулптори: Ристо Јанев и Цветан Ќулумов

Фотографии: Кристијан Арсовски

Архитект: Андреја Нешов

Локација: Западен раб на Велес

 

Споменикот на 8-ма Македонска партизанска ударна бригада е лоциран од левата страна на патот што води кон селата Раштани, Бузалково и Рлевци. На околу три километри западно од градското јадро на Велес, ова место e тивка но значајна историска точка што сведочи за храброста и жртвата на борците од Втората светска војна. Споменикот е поставен на благо подигната и мирна висорамнина од која се отвора поглед кон силуетата на градот. На тој начин се создава суптилна визуелна врска помеѓу меморијата и секојдневието.

 

Локација на споменикот
Локација на споменикот

 

Меморија

Меморијална скулптура која со својата воздржана форма и јасен архитектонски израз говори за паднатите партизани без наративен вишок. Оддава почит на 15-те загинати борци a ja означува и локацијата каде за време на војната, на 2 септември 1944 година, била формирана „8-ма Македонска партизанска ударна бригада“. Позната и како „Велешка бригада“ која броела околу 500 партизани. Изразениот минималистички пристап во симбиоза со симболизмот како правец, остава простор за лична контемплација. Споменикот станува впечатлив преку својата едноставност.

Период

Изграден во 1970-те, споменикот е дело на скулпторите Ристо Јанев и Цветан Ќулумов со архитектонски концепт на Андреја Нешов. Припаѓа на доцниот модернизам во меморијалната архитектура. Апстракцијата и чистите геометриски форми ја заменуваат фигуративната нарација.

 

Композиција

Композицијата е поставена на квадратен постамент со висина од околу 50см. Врз него се издигнуваат два големи главни елементи и два помали цилиндрични волумени кои се ротирано поставени. Главните два елементи се составени од полукружно закривени бетонски форми, во вид на двојно пресликан агол со пократок хоризонтално и вертикално пресликан. Хоризонталниот агол е пресечен, односно од двете страни симетричен. Додека вертикалниот остро се извишува и стеснува во пресечен врв. Поставени се дијагонално еден наспроти друг, каде едниот е минимално понизок од другиот. При движење околу споменикот се забележува слободн простор помеѓу двете централни форми. Тоа создава впечаток на една целина која во еден момент се дели на два дела. Дали можеби ова е некој симбол? Со тоа се создава привлечност кај случајниот минувач и суптилен повик за приближување. Во оваа внимателно воспоставена визуелна динамика се препознава промисленоста на авторите и суштината на скулптуралниот изразен јазик.

Дали формата има некаква асоцијација?

Со висина од околу 6 метри, вертикалните форми со својот нагорен стремеж асоцираат на сила, отпор и континуитет. Нивната апстрактна природа овозможува читање како симбол на подем, пробив и истрајност. Не постои наметнато единствено толкување. Авторите свесно му оставаат простор на набљудувачот да воспостави сопствен однос со делото. Токму во таа слобода лежи вредноста на ваквиот уметнички пристап.

 

Резба
Резба

 

Камена резба

Во подножјето на споменикот се наоѓа камена резбана плоча со текст што го објаснува историскиот контекст на местото. Формирањето на бригадата и загинувањето на борците. Овој елемент ја надополнува апстрактната форма со документарна димензија. Тој симболично означува почеток и крај.

Стил

Архитектонскиот споменикот е јасен пример на модернистички јазик од периодот на социјалистичка Југославија. Симболизмот, апстракцијата и материјалната искреност се стилски изрази. Бетонската форма е лишена од декоративни додатоци. Таа природно се вклопува во околниот пејзаж и постепено станува негов дел. Ненаметливо доминира во просторот со своите чисти форми.

 

Детал
Детал 3
Детал
Детал 4

 

Состојба

За жал денес споменикот се наоѓа во лоша состојба. Оштетувањата се јасно видливи и тешки за санација. Недостасува редовно одржување. Вегетацијата го обраснува а графитите ја нарушуваат неговата визуелна и симболична јасност. И покрај тоа, објектот и понатаму го задржува својот просторен и архитектонски потенцијал. Тој сведочи за еден период и за еден однос кон меморијата што постепено исчезнува. Со минимална интервенција, ова место повторно би можело да добие значење и да стане простор за почит и сеќавање.

Пристапна патека

 

Околина

Опкружувањето нуди мир и тишина што овозможува задржување, размислување и ненаметливо соочување. Споменикот се наоѓа на околу 600 метри источно од Новите гробишта во Велес. Неговите точни координати се N41°42’39.7″, E21°44’16.4″.

Скица од терен

 

Култура

Споменикот останува како вреден дел од архитектонското културното наследство на Македонија. Скромен но јасен просторен запис за борбата, загубата и надежта. Вграден во уметничкиот, историскиот и архитектонски јазик на модернизмот како доминантн правц во време на социјализмот.

Соработник: Кристијан Арсовски