Потенцијални нови парковски површини во Скопје

Претходната година Скопје во повеќе наврати се будеше како град со најзагаден воздух во светот. Оваа година повторно сме на врвот. За ова „почесно“ место сите ние, со сопствените навики, т.е услови придонесувавме во изминатите децении. За истото има повеќе фактори на влијание, за кои граѓаните многу лесно се иземаат од личниот придонес и многу лесно го префрлаат товарот на било која тековна локална власт. За да се шокираме уште повеќе од податоците кои го вперуваат прстот кон самите себе, како најголем загадувач се јавува греењето на домаќинствата со огревно дрво, потоа доаѓаат автомобилите (особено оние на дизел гориво) и дури потоа следуваат оние причинители кои најлесно ги посочуваме (индустријата).

Скопје е град во кој над 50% од населението се грее на дрва, што е запрепастувачки податок за македонската метропола.  Бројот на возила во Скопје се движи меѓу 150.000- 200.000 од кои една четвртина се набавени како поволни возила од земјите на Европската унија. Ова е конкретната состојба, во која сме доминатниот дел од граѓаните учесници во загадувањето.

Плацеви за продажба на половни возила

Прашањето со загадувањето е светски проблем кој деценијава се популаризира  во Македонија, поради лесно достапните информации за присуството на штетните супстанци во воздухот.

Но каде сме ние како струка во целата оваа алармантна состојба?

Урбанизмот е оној кој ја крои иднината во градот (за жал злоупотребен од политичките елити и  инвеститорите),  додека архитектите се обврзани да делуваат во рамките на истиот кој претставува законски акт.  Моќта на урбанизмот е да ги проектира, предвиди или ограничи сообраќајот, бројот на жителите во градот или делови од него, предвиди зелени и јавни површини итн.

Паркови во Скопје

Да се предвиди парковска површина стана луксуз и далечен сон на македонските граѓани. Град како Скопје,  поседува три сериозни парковски површини со градски пропорции додека се останато е од микро-локален карактер (Градски парк, Парк-шума „Гази Баба“ и Спортско рекреативниот центар – Сарај). Површини кои се очекува во следните 10 години да го добијат полниот капацитет на вертикалното зеленило се паркот „Македонија “ долж булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ , новиот парк во близина на Фудбалската федерација на Македонија (Ново Лисиче) и тоа е се. Нешто кое беше и сеуште е карактерично за Скопје, а е од исклучително значење, се булеварските дрвореди кои исто така беа на удар последните години.

Парк Македонија / Google earth – street view

Метропола како Скопје и концентрација на население кое се движи околу 700.000 жители, или вкупно со оние кои гравитираат (привремени резиденти, студенти, туристи итн.) достигнува и бројка од околу 800.000, побарува сериозно внимание за иднината во која се чини брзо достижен милионот. Градот не може под напливот на полудениот инвеститорски порив константно да работи на штета на општото здравје и да ги елиминира парковите како непрофитабилна содржина. Скопје итно треба да го дополни генералниот урбанистички план и сите детални урбанистички планови бидејќи потребата од разеленување и јавни површини на градот е сериозна. Тоа е една од долгорочните мерки кои тековната власт треба веднаш да се залага да им пристапи како кон приоритетни прашања.

Градски парк  Скопје / Wikimapia – Nikolovski

На градот му требаат сериозни зелени површини како Градскиот парк, стотина помали парковски површини, како и обврзување на инвеститорите да инвестираат во хориознталното и  вертикалното зеленило околу новоизградените  станбени објекти и блокови.

Капацитетот на вертикалното зеленило

Најголемиот производител на кислородот без кој не можеме секако се дрвјата,  истите се и најголеми прочистувачи т.е апсорбери на јаглеродниот диоксид. Зависно од видот, големината и слични параметри, тие имаат различни капацитети, но како некој среден просек едно дрво во зрел раст произведува 260 килограми кислород годишно или во превод едно дрво произведува кислород доволен за две особи.  Тоа значи дека во нормални и незагадени услови оваа бројка би била реален ориентир на потреба за кислород, но во ситуацијата во која се наоѓаме би требало неколкукратно повеќе.

Доколку лаички се ориентираме по загаденоста на воздухот која е до 10 пати поголема од дозволеното, нам би ни биле потребни 10 дрвја за две особи ( за поголема апсорбија на штетните супстанци), т.е 5 дрвја за еден човек. Ваквиот начин на калкулација вели 800.000 х 5 = 4.000.000 дрва ( или 1.000.000 x  5 = 5.000.000 ). Се разбира оваа „математика“ е само ориентација која треба да ни укаже дека треба да направиме многу повеќе отколку што мислиме. Во целата слика учествува и зеленило од нашите дворови кое е вон надлежноста на градот, со што ја дефинираме нашата микро клима.

Потенцијални градски паркови

Во Скопје сеуште постојат пространства кои во себе кријат потенцијални површини за градски паркови. Некои од нив веќе исчезнуваат, додека останатите во урбанистичките планови веќе се предвидени за колективно домување или други содржини. Тоа значи дека решението без работа на „утописките“ идеи како прикажаната во текстов, не е возможно.

Еве некои од  слободните површини со кои располага Скопје, од кои можеме да создадеме градски паркови:

  1.  Расадник, Кисела Вода

површина: 240 000 m2

Расадникот во Кисела Вода, кој до пред една 15 години функционираше, после процесот на денационализација почна да се враќа парцела по парцела на првобитните сопственици. Под притисок на наследниците, но и во корист за буџетот на општината, урбанистите изработија план кој оваа површина ја третира единствено како простор за колективно домување, без никакви дополнителни содржини – општински парк, спортски центри, плоштади,  поликлиника, полиција, пожарна, деловно – административни објекти… Тоа ни укажува за неморално планирање и удоволување на алчноста на сопствениците, за кои имав прилика да се уверам при една презентација на планот во општинските простории, каде истите се бореа за некоја маркица плус. Преку леб – погача, бидејќи од земјоделско земјиште добија можност за неверојатно богатење, на штета на општината и општото добро на граѓаните и градот во целост.

2. Ново Лисиче, зад ФФМ

површина: 139 000 m2

Оваа површина претходните власти веќе ја предвидоа за парковска површина или како тие ја замислуваа „Рајската градина“.  По смената на власт идејата пропадна поради неразумните неокласични објекти низ проектот и секако цената за изведба, но зеленилото во планот за среќа сеуште постои.

3.  Касарна Илинден

површина: 1 149 000 m2

Подолго време се зборува за селење на касарната Илинден и урбанизирање на целиот потег со нови населби за домување. За волја на вистината во овој план е дефиниран голем потег со предвидено парковско зеленило.

4. Карпош, спроти вливот на Лепенец во Вардар

површина: 153 000 m2

Оваа површина во ГУП за Скопје 2012-2022 е одбележан доминантно како зелена површина, што ја прави возможна неговата реализација.

5. Ѓорче Петров – Хром , по течението на Вардар

површина: 252 000 m2

Реката Вардар низ поголемиот дел од течението низ Скопје е со регулирано корито, но во овој дел е во своето природно обликување. Површината е доминантно земјоделско земјиште и се протега од населбата Хром се до вливот на Треска во Вардар, каде од спротива се протега спортско-рекреативниот центар Сарај. И овој простор според ГУП за Скопје е дефиниран како зеленило.

6. Бутел

површина: 342 000 m2

Во моментот површината претставува земјоделско обработливо земјиште и се наоѓа меѓу градските гробишта и населбата Бутел.

7. Паркинг спроти Холидеј Ин

површина: 56 000 m2

Спроти хотелот Холидеј Ин, се наоѓа големиот паркинг, како и остатоци од старите скопски маала – но генерално недефинирана и субстандардна слика. Оваа површина од секогаш градот ја планирал како атрактивно земјиште за содржини потребни за административниот центар, испреплетен со јавни површини – плоштади. Истото можеме да го забележиме и во планот на Танге, кој го сместува републичкиот центар и доминантната кула.

Изминатите години на овој простор урбанистичките планови предвидоа простор за скопскиот „Менхетен“, т.е површини за три облакодери со висина до 60 ката. Се разбира дека оваа амбициозна идеја е мегаломанска и треба да се преиспита од повеќе аспекти, но еднакво утописка е идејата и целата површина да се претвори во парк.

Монтажа од иницијативата на „Слободен печат“

Атрактивноста на оваа локација и потребата на Скопје од современ административно деловен центар со потребата од зеленило, треба да се најдат на половина пат и да се дефинира атрактивен простор кој ќе ги испреплети двете содржини со редукција на бројот и висината на висококатниците, оставање простор на зелените продори и јавни површини отворени за сите наместо елитизирање и одземање од градот за мал круг на корисници.

Поглед од железничка станица, преку Градска Порта кон висококатницата од Републичкиот центар / Кензо Танге

8. Полјанка зад средното училиште „Димитар Влахов“

површина: 42 000 m2

Меѓу  пругата која води од Велес кон Скопје,  депото на Македонски Железници и средното училиште „Димитар Влахов“ се простира голема полјанка која е скриена од погледи. Од тука се простираат отворени визури кон Водно и опкружувањето.

Просторот најчесто го користат пешаците кои по скратена патека минуваат од 11Октомври – згради кон населбата Мичурин.

Покрај овие поголеми површини кои би можеле да прераснат во градски паркови, може да се дефинираат најмалку уште 50 – 100  помали паркови , од кои најмалку 10тина во строгиот центар на Скопје.

Површина

Споменатите простори зафаќаат површина од 2 373 000  м2, доколку би можеле да се избориме за половина од нив би направиле сериозен чекор напред.

Фанатизам

Во навиките на македонскиот менталитет, секогаш постои фанатизмот како мерка, што не носи од една до друга крајност. Активистите кому се оддава почит, често пати реагираат и на сеча на неколку дрва со дотраена вредност или пак се неинформирани за плановите кои се во реализација повеќе од 50 години. Во тој контекст, треба да сме свесни дека тревниците кои постоеа до плоштадот Македонија, беа привремено слободни и никогаш не беа планирани за зеленило, како што е случајот и со паркингот спроти Холидеј Ин. Но истатата крајност се случува и кај општините кои со уредување на површини кои во иднина се внесени под други намени, манипулираат за компензацијата за други изгубени простори. Тука спаѓа паркот Македонија, кој лежи на трасата на планираниот Јужен Булевар. На истата траса во иднина би се изгубила и полјанката кај 11 Октомври – бараки и пошумениот дел до пругата кај 11 Октомври- згради. Затоа потребна е искрена дебата со јавноста и професијата, како би се одбегнале ваквите случувања.

Реални пречки во реализацијата на споменатите површини во паркови

Општините најголемиот дел од буџетот го полнат со комуналиите што ги исплаќаат инвеститорите при изградбата на некој објект. Од тука истите до некаде се притиснати да креираат површини за градба или популарно наречени маркици, од каде во иднина ќе очекуваат средства. Но што откако се ќе изградиме, тогаш како ќе опстојуваме, без основните еколошки стандарди?! Сепак тоа не е решение,  и најдобро е да застанеме и да преразмислиме како понатаму.

Покрај тоа што треба да се дефинира поголем данок на имот ( кој во Македонија е неспоредливо низок и се имплементира парцијално), можат да се предвидат и други законски решенија и дефинираат други извори.

Сопственоста на парцелите и урбанизмот кој ги третира одделно или се обидува преку обединување на неколку да дефинира простор за градба е пракса која формира безлична слика. Ваквите слободни простори требаат со посебен акт да се обединат во една парцела и да се третираат со еден потег ( на отворени архитектонско-урбанистички конкурси),  а сопственоста на новата обединета парцела ќе ја превземат процентуално сите сопственици на претходните мали и расцепкани површини. Општината, градот или државата по изведбата на новиот план,  според процентуалната сопственост ги обештетува во соработка со инвеститорот. Така нема да имаме проблем со нееднаквото третирање, на еден сопственик му се предвидува зграда, додека на друг парк со што му паѓа вредноста на земјиштето. Приложеното ни  укажува дека не е ништо невозможно ниту утопија, но бара најпрвин визија, волја и сериозен менаџмент од општините и градот Скопје.

Чинењето на изведбата на парковите е уште една ставка која  се смета за препрека, но зелената површина не секогаш мора да се третира со скапи растенија и нови тревници, плочници, патеки и урбана опрема.   Расадникот во Кисела Вода веќе има оформена сопствена вегетација (ореви, грмушести растенија – шипинки, вишни, урми итн. ). Тоа е предизвик да се создаде поинаков парк кој ќе го искористи тоа што постои и ќе обедини поинаква слика преку комбинирање на затечената вегетација и новопредвидените садници. Од тука дефинирате различно и нетипично доживување и зачувувате спомен од неговата претходна функција.

Вегетација во Расадникот – Кисела Вода, пролет  2018

Други делови може да се претворат во градски шуми, што не бара голема инвестиција за инфраструктура и уредување, а резултатите во однос на производството на кислород од истите се најголеми. Пример кој го поседуваме во Скопје е Парк  шумата Гази Баба, која за жал не се менаџира на начин да е привлечна за сите жители на Скопје.

Парк шума  „Гази баба“ / Panoramio Ненад Тасев

Во краен случај, доколку државата може да зема кредити од пола милијарда евра за автопати, вештачки езера и слични крупни инфраструктурни проекти, зошто не би можела да земе кредит од 50 – 100 милиони евра кои сериозно ќе го подобрат квалитетот на животот во главниот град. На државно ниво, овие суми не се недостижни, а ефектот од истите е непроценлив.

Скопје- европска зелена претстолнина 2021

Кандидатурата на Скопје за зелена претстолнина во овој момент изгледа смешно и недостижно, но за да се добие наградата не значи дека треба тековно да поседува најголема површина под паркови и зеленило, туку да докаже најголем прогрес за промена на ситуацијата. Тоа значи доколку се започнати повеќе проекти до овој домен и се спроведуваат стратегии за истото, градот може да стане сериозен конкурент.

Смелоста на чекорите мора да биде постојана и безкомпромисна доколку сакаме Скопје да го трасираме кон подобра иднина.

Предложени чекори:

  • Стратегија за одредување површини за нови градски и локални паркови, игнорирајќи ги постоечките урбанистички планови, донесена меѓу професијата и јавноста со повеќе отворени дебати, средби и презентации;
  • Во координација со општините, пристапување кон поништување на плановите и подготовка на конкурси во кои ќе се бараат нови архитектонско-урбанистички предлози;
  • Пресметка на чинењето на наградниот фонд, а потоа и на изработката на плановите на база на идејните решенија.  За овие средства градот може да бара неповратни средства од светска банка, Европска унија, или други фондови кои се залагаат за почиста урбана средина или кредит со помош на државата).
  • Промена на урбанистичките планови;
  • Годишни стратегии со оперативен план за делување ( предмер пресметки, основни проекти, потребни лица за времено вработување и оддржување во иднина);
  • Реализација на зелените површини и изградба на парковите;

итн.

Предложените чекори може да се надополнат изменат или удвојат но се основна ориентација. Тие треба да се реазлизираат на државно ниво, во паралелен чекор со носење на нови закони, измени и дополни или специјални акти како би се отворил патот кон реализација на проектите.

Ваквите проекти не се нерелани, но нашата неволност т.е мрзеливост сериозно да работиме на промени во општеството им ја донесува пресудата дека се утопија. Доколку грижата за самите себе и основните човекови права е утопија, во тој случај сериозно сме се загубиле како луѓе во полза на индивидуи – производ на лошо менаџираниот капитализам.