Центар за Дигестија – Источен Њујорк / Ѓорѓиевска
13.01.2018 • Студентски проекти
Универзитет: CCNY, City College – Bernard and Anne Spitzer School of Architecture
Автор: Марија Ѓорѓиевска
Ментор: prof. Hillary Brown
Тема: Infrastructure ExChange: an “ecologically-reflexive” approach to urban systems.
Година : 2017
Ситуација
Овој проект го истражува потенцијалот за изградба на социјално, еколошки и културолошки свесна интервенција на енда од малкуте преостанати неизградени парцели во град Њујорк.
Урбан план
Ситуиран на локација со комплексно урбано опкружување каде постои мешавина од резиденцијални, комерцијални, и индустриски градски блокови, проектот повикува на програма која ќе овозможи поврзување на истите додека истовремено одговара на енергетски, контекстуални и културолошки предизвици.
Одтука, приоритетите не интервенцијата се следниве:
Поврзување на постоечки и нови инфраструктурни системи (транспорт, електрична енергија, водовот итн.) така да едните им користат на другите, односно отпадод од еден систем служи како гориво за следниот. Во идеален случај со овој концепт би имале 0% енергетски загуби.
Интеграција на инфраструктурна архитектура во резиденцијално градско ткиво. Градовите како Њујорк кои се соочуваат со висока густина на население и строги просторни ограничувања мораат да најдат начин градската инфраструктура да ја интегрираат во урбаното ткиво.
Иновативно програмско планирање. Од претходната точка произлегува потребата за воведување комплементрани програми кои би се вклучиле во кругот на трансфер на енергија но истовремено ќе овозможат социјално и културолошки интерактивен карактер на проектот како целина. Целта е ова да се постигне преку функцијата на интервенцијата а не само преку визуелно разубавување на објектите.
Програма
Резултатот а комплексна целина од програми:
1) Парк; 2) Едукативен Центар; 3) Погон за биогас од органски отпад; 4) Комбиниран погон за топлина и енергија; 5) Соларна сушара за тиња; 6) Сцена за настапи на отворено; 7) Пивара; 8) Пивница и ресторан; 9) Пазар на отворено; 10) Јавен плоштад и тревник; 11) Инфо центар; 12) Козјо пасиште; 13) Млекара; 14) Козја фарма; 15) Водофилтрирачки пловни садници; 16) Помошна станица за складирање на вишок отпадни води (постоечка); 17) Оранжерии; 18) Градини;
Процеси
Во склоп на целокупната програма се одвиваат два главни процеси:
1) Рекуперација на енергија од органски отпад
2) Производство на пиво
Овие два процеси се суштински многу слични но во урбан контекст на истите се гледа многу различно. Иако и во дрвата случаи се одвива процес на анаеробна дигестија на органски материјал, во принцип производството на пиво е многу почесто застапено и попосакувано во урбани средини. Преку физичко доближување на двете и едукација за енергитските бенефиции од истото, овој проект се стреми кон интеграција на инфраструктурните системи во урбаното ткиво креирајќи уникатна типологија на градба која ќе придонесе кон единственоста на идентитетот на Источен Њујорк и локалниот стопански развој.
Во склоп на овие два главни процеси се одвиваат текови на отпад, ѓубриво, метан, биогас, енергија, јаглерод диоксид и храна кои додека од една страна претставуваат отпад за дел од програмските елементи, се користат како горива за други. Комплексната поврзаност помеѓу сите програмски елементи на проектот е прикажана во следниот дијаграм:
Дијаграм на Текови на Продукти и Отпади
Голем дел од програмските елементи на проектот имаат потреба од пристап за големи товарни возила како и паркинг површина која ќе ги задоволи потребите на целиот комплекс. Затоа, истиот е организиран на две нивоа кои овозможуваат функционална поделба од практични и безбедносни причини, но не и визуелна сепарација. Идејата е сите процеси да бидат достапни и јавни за да се овозможи успешна интеграција на и едукација за истите.
Сообраќаен Дијаграм
пресек
План на трето ниво
План на второ ниво
План на прво ниво
Архитектонското и просторно планирање на проект со вакво ниво на взаемна зависност помеѓу различните програмски елементи мора да се заснова на добро познавање на процесите кои се случуваат внатре, нивните просторни побарувања, блиското и подалечно опкружување, како и демографските карактеристики на овој дел од градот.
Така, од потребата за јавен и интерактивен простор произлегува одлуката да целиот комплекс биде завиткан во зеленило и простори за собир, дружење, учење и комуникација. Истовремено, постои промена на нивото кое овозможува отворање на погледи кон прекрасниот мочуришен залив Јамајка, како и кон целиот комплекс и околина кои се опкружени со речиси совршено рамна топографија. На овој начин е воспоставена физичка и визуелна врска помеѓу сите елементи на комплексот, што ќе овозможи доближување на посетителите до сите процеси кои се случуваат таму. Главната врска помеѓу западниот и источниот дел на комплексот е оформена во вид на издигнат мост-парк чија површина на север се вклопува во хиперболичната параболоида креирана од кровот на соларната сушара, така што заедно создаваат една динамична топографска целина. Како контраст на истата, источната и западната зграда со своите совршено правилни форми постепено се издигнуваат од теренот.
Ф.К