Добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2018та е архитект РАДОЊИЌ МИОДРАГ – БАТО
23.12.2018 • Информации
Асоцијација на архитекти на Македонија ја има таа чест да Ве покани на свечено доделување на наградата “Андреја Дамјанов” за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството за 2018 год.
Манифестацијата ќе се одржи во МАНУ – Македонската академија на науките и уметностите
на 25.12.2018 год. ВТОРНИК во 20ч.
Петчлената комисија составена од членови на ААМ одлучи наградата за животно дело “Андреја Дамјанов” за 2018 година да ја додели на архитект Миодраг Радоњиќ -Бато.
—————————————————-
20:00
Поздравен говор на г-дин Мартин Пановски, претседател на ААМ
Поздравен говор на г-дин Трифун Костовски, почесен член на Академијата на архитекти на ААМ
Обраќање на претседателот на жири комисијата ѓ-ѓа Билјана Филиповска, член на Академијата на архитекти на ААМ
Обраќање на добитникот на наградата за животно дело “Андреја Дамјанов” за 2018 година г-дин Миодраг Радоњиќ -Бато
20:40
Изложба
Коктел
За добитникот
Овогодишниот добитник на наградата Андреја Дамјанов, архитект Миодраг Радоњиќ -Бато е роден на 15 февруари 1949 година во Краљевица – Ријека, Р. Хрватска. Од 1950 година живее во Скопје каде дипломира на Архитектонскиот факултет во 1976 година.
Од 1973 година ја оформува неформална студентска група „АЈВАР“- која прераснува во Конкурсна „Група АЈВАР“ со арх. Миодраг Радоњиќ, арх. Ранчо Христов, арх .Мартин Гулевски и арх. Стеван Смилевски. Со групата повремено работат и Крсте Џидров, Влатко Коробар и Слободан Живковски.
По дипломирањето се вработува во Републички Завод за Урбанизам „ЗУМ“ – Скопје, каде го започнува својот професионален ангажман на ахитектонско проектирање и урбанистичко планирање и твори во тек на наредните петнаесет години, од 1977 до 1991 година.
Во 1991 година, како партнер со Ранчо Христов го регистрира првото приватно Ахитектонско биро во Р. Македонија – „Ателје Ајвар“ ДОО, Скопје.
Во целокупното Архитектонско – Урбанистичко творештво арх. Миодраг Радоњиќ – Бато, во период од четириесет години творечка дејност, изготвил повеќе од 27 урбанистички планови и урбанистички проекти, преку 150 архитектонски проекти од кои 75 се реализирани и 27 анонимни и повикани архитектонско-урбанистички конкурси од кои 1 првонаграден, 2 трети награди, 7 откупа и 1 специјално признание.
Во целиот период на своето творештво активно учествува во струковите здруженија, а особено во Асоцијацијата на Архитекти на Македонија – ААМ, каде што бил член на Управниот одбор, член и претседател на повеќе комисии за доделување на стручни признанија и награди, а од 2004 до 2008 и Претседател на Собранието на ААМ. Членува и во Сојузот на Урбанисти на Македонија и во периодот од 1986 до 1990 е технички секретар на сојузот под претседателство на арх. Тихомир Арсовски.
За своето плодно и креативно творештво, во сферата на архитектонската и урбанистичка дејност, како и за афирмација на професионалното творештво ги добил следните признанија и награди:
1989 Награда за најдобар проект на БИМАС, за локалниот ценрар „Првомајска“ во Скопје / Завод за Урбанизам на Р.Македонија;
1993 Награда за најдобар проект на БИМАС, за Хотел „Алфа – С“ во Трутнов, Чешка / Ателје Ајвар;
1997 Награда за „Куќа која сонува“ на БИМАС, за куќата на семејството Костовски во Скопје / Ателје Ајвар;
1997 Специјално признание на БИМАС, за квалитетна и бројна презентација на проекти и реализации / Ателје Ајвар;
1997 Награда за најдобар реализиран објект „ХРРМ 01“ на ул. „Донбас“, бр. 11 од Градоначалникот на град Скопје / Ателје Ајвар;
2003 Награда и благодарница од Главниот архитект на град Скопје за станбено-деловен објект на ул. „Огњан Прица“ бр. 31, Скопје / Ателје Ајвар;
2017 Награда „Борис Чипан“ за придонес во развојот на архитектонско-инженерската струка во Р.Македонија од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Р.Македонија.
Свеченото доделување на наградата ќе се одржи на 25.12.2018 (Вторник) во Македонската Академија на науките и уметностите – МАНУ во 20:00 часот.
Вашето присуство би ни причинило особена чест
Автор на статија: Filip Koneski