Како до инклузивна мобилност во Скопје? / Од TEDxSkopjeSalon

TEDx настаните се организирани од независни локални здруженија кои целат да ги соберат најдобрите идеи од членовите на нивните заедници. Така оваа среда во просториите на Даре Џамбаз, се оддржа настанот кој ја зачна дискусијата на тема инклузивната мобилност во Скопје.

Терминот инклузивна мобилност подразбира безбеден и загарантиран пристап на движење за сите жители во еден град, каде и лицата со некој вид на попреченост можат да се движат едкакво како и сите останати.

Дали станува збор за пензионерите со потешкотии при движење, лицата со оштетен вид, тие во инвалидска количка или пак мајките со колички за бебиња, сите во одреден период се соочуваме со проблеми при движењето низ Скопје.

Со тоа што 12-15% од населението има одредена попреченост, станува збор за илјадници граѓани на кои не им е овозможено активно да учествуваат во нашето општество.

Мотивот за решавањето на овој проблем може да биде солидарноста, но исто така и економската исплатливост. Со зголемувањето на процентот на старата популација, бизнисите и средините кои овозможуваат лесен пристап ќе стануваат се поактуелни на пазарот.

При дизајн на јавниот простор има многу точки кои влијаат на инклузивната мобилност како наклонетиот рабник на тротоарите, тактилните патеки, позиционирањето на знаците, звучноста и должината на семафорите, ширината на пешачките патеки итн.

Дополнително, дизајнот на самите објекти е клучен за дали некои лица воопшто ќе се способни да ги посетат. Денес, дури и кај јавните установи среќаваме случаи на пристап само со скали, претесни коридори или премали тоалети, кои автоматски дискриминираат одреден процент од населението.

Основи на проектирање на пристапни тоалети (www.dimensions.guide)

Овие теми беа на широко дискутирани меѓу присутните на настанот, кои доаѓаа од различни организации и институции.

Експерт гости беа Владимир Стрезовски, Раководител на одделение за изградба на инфраструктурни и капитални објекти – Сектор за планирање и уредување на просторот на Град Скопје и Дарко Стојановски, од Здружение на телесни инвалиди на град Скопје.

 

Дискусијата заклучи дека иако инклузивните решенија честопати ја имаат истата цена тие најчесто не се имплементираат поради недостаток на свест за проблемите на овие ранливи групи. Подигнувањето на свеста, едуцирањето на населението и имплементирањето на законската регулатива се главните чекори за подобрување на состојбата во нашиот град.

Но, колкав е уделот на нас архитектите во оваа приказна? Со нашиот дизајн влијаеме за дали некои структури ќе бидат радост или кошмар за голем дел од населението. Зарем не е време и ние да се едуцираме за тоа како да дизајнираме подеднакво за сите?

 

Фотографиите од настанот се превземени од страната на TEDx Skopje.