Сите сме соучесници во „криминалот“!
28.01.2020 • Став
Додека мака мачиме со борбата за подобро урбанистичко планирање, за позелени градови и етичко менаџирање на просторот од страна на професијата, се случи класичниот тројански коњ во полза на незаситните инвеститори.
Насловот за оваа објава одамна стоеше во фиока со идеја, да се образложи општата ситуација низ цела низа примери, како сите ние придонесуваме и сме креаторите на овој хаос. Но, вчерашниот дебакл што се случи во просториите на општината Центар, при презентацијата на Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 12- локалитет Парк 1 и дел од Дебар Маало 2, не може да ве остави рамнодушни.
„Зеленилото не е приоритет во овој план, ете ни го Градски парк, сакаме поголеми парцели да им обезбедиме станови на децата“, рекоа граѓани на презентацијата, пренесува SDK.mk.
фотографијата е сопственост на sdk.mk
Многу фактори не обликуваат и како луѓе и како општество, особено борбата за лебот, но проклетството на ова општество е дека и гладниот и ситиот „кукаат“ со истите зборови. Едните за лебот, другите за втор или трет стан, викендица, егзотичен одмор, подобар автомобил. За независните, тежината на драмата од набојот емоции е скоро ист ( исти гестикулации, зборови), па сочувствувањето многу често оди и за вториве.
Како станавме соучесници во „криминалот“?
Секоја преградена тераса, балкон, надградба на поткровје на колективен станбен објект, дозволување од куќен совет за отуѓување на проодни тераси и нивно преградување во противредност на замена на влезна врата и поликолор и многу други есенцијални навидум небитни чекори, се вовед во „криминалот“ т.е отворање на портите за него.
11 Октомври – згради
Скопје не почна да се деградира од големите инвеститори, туку од неговото „граѓанство“, кое беше менаџирано се разбира од општините, лошите закони и државата. Тогаш со идеја дека, становите во кои живеат повеќето луѓе се сосем мали за развој на семејство, мерката беше прифатена како социјална која ќе придонесе за зголемување на стандардот. И тогаш настана магија, од градските карактеристики кои ги поседуваат колективните објекти – станаа „куќички“ една над друга, со индвидиуалната естетика – фавели. За ова во повеќе наврати сум пишувал, додека МАРХ како страна предочувала.
11 Октомври – згради
Паметното менаџирање и проектирање на просторот, од инвеститорите треба да создаде мецени, општествено-одговорни чинители, градители на просторот, двигатели на развојот. Истовремено за граѓаните кои се со недоволни примања и низок стандард, можност да добијат нов простор или дополнителен простор и со тоа директна инекција за подобар живот. Со насловот немаме проблем, но со реализацијата и те како. Кога истото би се работело, за секој објект унифициран проект во согласност со неговата авторска идеја, за комплекс објекти заеднички проект тогаш работите би биле на многу позавидно ниво. Дозволувањето на индивидуалните желби врз заедничкиот простор е несватливо како некој успеал да го замисли и преточи во регулатива.
Сите сме за зелен простор, за хумани висини на новите објекти, за заедничко подобро утре( но никако од нашата земја ), се додека не чукне инвеститорот на врата и не ни понуди 3 станчиња во замена за општествената одговорност. Од една страна не можеме да очекуваме секој граѓанин да е архитектонско-урбанистички образован и свесен, но од друга страна лесно го критикуваме комшијата, кај кого преку ограда се изведува објект повисок од 3 ката. Тоа е вртлок кој треба професијата да го скроти и делува преку системот, но залудно доколку во општеството бар половина не е општествено-одговорно.
Google maps / Street view / Кисела Вода
Кога купувате стан во изградба, скоро 100 процентно, во договорот стоите како коинвеститори, не како купувачи, за потоа кога инвестицијата ќе пропадне, ќе се измени, вие практично и да немате право да се побуните дека за средствата што сте ги вложиле немате поврат услуга -стан. Вие сте само дел од тимот на кому пропаднала инвестицијата…
Нема да постои ниту подобро општество, ниту подобар политички систем, ниту подобар град, без совесни и свесни граѓани. Инвеститорството, создавањето град и урбанизацијата сами по себе, етимолошки се добротворни, но реализацијата и рамките се тие кои пресудуваат дали нештото е добро, доволно или лошо, узурпаторско, ненаситно, алчно…
За се постои соодветна мерка, капацитет, концепт за развој, но пред се стратегија за град.
Срушен објект од скопската еклектика на ул. 8ми март во Дебар Маало
Дебар маало е најградската точка на Скопје и по некоја логика таму граѓанството треба да е најсилно, но сите се откажаа од традициите на својот дом, од наследството, од 100 годишните домови без визија и почит за истото. Без тоа нема традиција, нема континуитет, нема самопочит, но ДА, има стан, за сите деца по еден.
Автор на статија: Filip Koneski
Градски парк / Граѓанство / Дебар Маало / Скопје / урбанистичко планирање