Најдоброто идејно решение за кружниот тек во Битола, дело на Дејан Томски и Мила Рориќ

Текстот е пренесен во оригиналната форма од изворот >>>

По објавениот јавен повик со наслов „Круг на јарболите“, објавен од Општина Битола за решение на кружниот тек на влезот во градот од страната на Прилеп, вчера пред јавноста беа претставени притигнатите идејни решенија и победничкиот проект.  Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска истакна дека ова е можност да им се даде шанса на младите за да ги реализираат своите идеи, токму во местото каде што живеат.

 

 

„На повикот добивме пет апликанти и можам да кажам дека сите пет решенија се навистина креативни, инвентивни и убави на свој начин. Но квалитетот и вредноста во овој повик од една страна е што им овозможувате на граѓаните да се вложат и да се внесат во тоа како треба да изглеад нивниот град, а од друга страна, сите идеи и креативност која што ја имаат младите, да им дадете можност да биде материјализирана. Ова е прв повик од ваков карактер, но тука нема да застанеме. Идејата која е првонаградена ќе ја реализираме во кружниот тек, додека дел од останатите идеи ќе биде настојувано да бидат реализирани во останатите делови од градот, зависно од понудените карактеристики“, рече Петровска.

 

 

Членовите на комисијата, составена од вработени стручни лица во општината, но и надворешни соработници, посочија дека се изненадени од квалитетот на понудените решенија, кои технички ги задоволија сите стандарди на повикот.

„Избраното решение како првонаградено,  по својата идеја „ракување“ е многу важно како момент на добредојде. Но, како надворешен член на комисијата и како стручно лице, сакам да го поздравам ваквиот начин на комуникација со јавноста, затоа што културниот идентитет на градот во ставаме на преден план како еден од движечките актери за урбаниот развој  на градот, а инволвирањето на граѓанскиот сектор мора да е важен дел, ако сакаме да имаме успешен град за живеење на сите нас“, рече Анастасија Трајковса, архитект.

 

 

Победници на конкурсот се младите архитекти Мила Рориќ и Дејан Томски, кои го образложија своето идејно решение, преку кое ќе бидат претставени сите почесни конзулати во градот, со свои поставени знамиња.

„Појдовната идеја на нашето решение беше „Кругот на јарболите“ да претставува еден пријателстки поздрав за секој посетител на градот, но и за жителите, исто како што градот Битола, како град на конзулите, претставува симбол на соработката на пријателството и народите. Ние секако се надевавме на победа во овој конкурс“, истакнаа победничките автори на проектот.

Победничкиот проект од страна на Општина Битола е награден со паричен износ од 1000 евра во денарска противвредност, а останатите пријавени дела со по 100 евра.

 

 

Во продолжение на објавата образложение на  победничкото решение, приложено од авторите на трудот:

 

Конкурсно решение за редизајнирање на Кружен тек кај месноста “Дулие“ во Битола на Тема – „Круг на јарболите“

 

Тhe Handshake Ракување

 

Автори: Дејан Томски, Мила Рориќ

 

Битола, 2020г.

 

Архитектура

Oбликовни аспекти

Појдовната идеја на архитектонското решение за „Кругот на јарболите“  е гестот на ракување (handshake), пријателски поздрав, порака за добредојде за секој посетител на Битола, поради самата поставеност на овој кружен тек, на Дулие – влезот во градското јадро на Битола. Самите конзулати преставуваат знак на пријателство помеѓу народите, па ракувањето како гест на пријателство има повеќезначна симболика во дизајнирањето на просторот. Јарболите ќе бидат поставени по ободот на две елиптични форми кои претставуваат стилизирани раце кои се поздравуваат.

 Идеограм

 

Вториот аспект при обликувањето е вертикалното издигнување кое алудира на планината Баба како важна географска карактеристика и симбол на градот Битола.

Со ритмичко повторување на вертикални елементи – столбови, се добива една транспарентна структура која ги обединува аспектите на репрезентативност, симболика и функција.

Кон главниот пристап од булеварскиот влез во градот, истакната е порака за добредојде во Битола, а кон внатрешноста на структурата предвидени се декоративни подни фонтани – гејзери и зеленило.

 

 

Функција

Од функционален аспект,  модулароноста на самата структура овозможува поставување на различен број на јарболи. Првобитно се поставени знамињата на постоечките конзулати и централно – државното, македонското знаме. Дизајнот овозможува во иднина при зголемување на бројот на конзуларни претставништва, нивните знамиња да се додадат на постоечките вертикални елементи, без визуелно да го променат или оптоварат постоечкото архитектонското решение.

Елипсовидните форми со јарболи се поставени на начин на кој визуелно не се попречува колскиот сообраќај.

 

 

Конструкција

Предвидено е елипсите да се изработат од периметрално поставени столбови со правоаголен попречен пресек, анкерувани во армирано бетонска темелна лента. Подножјето на столбовите треба да се постави под агол од 75⁰, а од средината на столбовите, истите треба да продолжат нормално на подлогата. Столбовите се предвидени со различна висина и тоа од 100 до 700см. Во означените столбови, ќе се постават јарболи со знамиња од земјите со конзуларно претставништво во Битола и истите ќе се поврзат со штрафење во јарболот и металниот столб. За поголема крутост на конструктивниот склоп, потребно е да се постави хоризонтална измена помеѓу столбовите.

 

Партер

Кружниот тек изобилува со тревни површини и зеленило. Од централниот елемент партерно предвидено е да се постават концентрични ленти изработени од парковски бетонски ивичници за полесно уредување и одржување на тревните површини, а воедно и за етапно дренирање на централниот дел на кружниот тек. Над темелните ленти ќе се изработи армиранобетонска плоча со соодветна водоотпорност во која е предвидена електрична инсталација за светилки и водоводна инсталација за 6 распрскувачи (гејзери) позиционирани на краевите од елипсите. Командната кутија за осветлувањето и фонтаните треба да се постави во центарот на кружниот тек под јарболот со македонското знаме.

 

 

Зеленило

Во централниот дел предвидено е поставување на  зимзелени садници со среден раст од типот на Туја смарагд „Thuja occidentalis Smaragd“. Во поделците оформени од бетонски ивичници предвидено е да се постават зимзелени садници од типот на Туја смарагд „Thuja occidentalis Smaragd“, во секој дел по еден. Пред туите предвидено е да се постават листопадни садници со црвени лисја од типот на „Nana Berberis – Thunbergi Atropurpurea“.  По периметарот на тревната површина предвидено е да се постават зимзелени сандици со низок раст и топчест облик од типот на „Thuja occidentalis – Danica“ или слични.

 

 

 

Oсветлување

Постоечкото улично осветлување се задржува. Предвидено е да се постават партерни светилки во бетонската плоча позиционирани под секој столб на кој е предвиден јарбол.

 

Заклучок

Со предложеното  решение ќе се дооформи булеварскиот влез во Битола и градот ќе добие една естетски уредена урбана поента како прв впечаток за секој посетител, додека истовремено ќе се обликува автентично обележје за историскиот синоним – Градот на конзулите.