Старите мостови – деградирано наследство / Случај: Богомила
17.06.2020 • Став
Македонија и покрај големите воени активности низ историјата на своја почва, преживувајќи секаков вид на разрушувања, сепак е земја со големо недвижно културно наследство. Веројатно е дека само мал дел познаваме од него, додека остатоците од поголемиот дел лежи скриен во почвата. Можеби така е подобро, за да го откријат некои други генерации поемпатични за своето минато и посвесни за вредноста на истото во процесот на себеспознавање.
Мост во село Зовиќ , Мариовско / фото
Мостовите се оние градби кои земјата не може да ги покрие поради сопствената местоположба и природата на нештата. Тие биле клучни за старите патишта кои останале непроменети со векови и незаменливи конекции при полноводноста на реките.
Антички мост во село Бучин / Фото извор >>>
Затоа властелините најчесто ги зајакнувале и ги реконструирале постоечките, ретко кој успевал да изгради нови. Таков е случајот и со Камениот Мост во Скопје, кој е подигнат на фундаменти од VI век, повеќекратно обновуван и дообликуван. Сликата која денес ја гледаме ја дефинира ктиторот Мехмед II Освојувачот .
Мостови во Кратово / фото: Хотел Кратис
Меѓутоа со новото време, новите потреби доаѓа до деградација на старите мостови.
Помасовно уништување на ова наследство се случува во XX век, со размрдувањето на младите империи околу Македонија и нивните дејствија за нејзиното распарчување, потоа Првата светска војна, Втората Светска војна.
Поголемата индустријализација, значела и потешка механизација, артилерија, возила, поголема подвижност на војската. Во тој период се пробиваат и нови патни правци, се запуштаат старите па забот на времето или минирањето при евакуација се важни причинители во исчезнување на голем дел од старите мостови.
Мост во околината на Скопје според изворот (најверојатно меѓу Катланово и Велес според конфигурација на терен ) / Фото извор >>>
Во периодот по Втората светска војна и создавањето на современата македонска држава во состав на југословенската федерација, започнува време на големата обнова и изградба.
За потребите на земјоделието, производството на струја, како и производство на питка вода, во државата отпочнати се и големите хидролошки проекти преку изградбата на вештачките езера.
Горенички мост – Дебар
Мост кој конкретно настрадал од изградба на хидроелектрана е Гореничкиот мост во Дебар, изграден во периодот на османлиското владеење. За истиот сепак имало идеја, да се реизгради на друга локација, што звучи интересно како компромис. Грижливо бил демонтиран, одбележан камен по камен. како би се реконструирал верно во иднина. Но, по неколку децении овие камења можете да ги најдете употребени во огради низ Дебар, практично од негрижа на одговорните, украден е целиот мост за ситни индивидуални интервенции.
Деградирање на културно наследство не значи единствено неговото целосно исчезнување со рушење, туку и неговото одвојување од јавните простори, видици, преку не дефинирање заштитна зона околу истото, изградба на нови интервенции во непосредна близина.
Кејот на Вардар во централното градско подрачје пред „Скопје 2014“
Камениот мост во Скопје, најголемото сочувано здание од ваков карактер со непрекината функција, во последнава декада е игнориран и блокиран со новите објекти на проектот „Скопје 2014“. Визурата која беше идентитетски врзана за постземјторесно Скопје и можевте да ја доживеете од мостот „Гоце Делчев“, или пак од мостот кај „Холидеј Ин“, сега е недостапна и невозможна од новите мостови ( „Око“, „Мост на уметноста“, Мостот кај МНТ“) кои постојат само за себе, без функционален, логично габаритен, композициски, естетски контекст и оправданост.
Камениот мост и непосредната околина / лево 2009 год., десно 2020 год.
Во моментот кога ќе помислите дека работите подзастанале, ве изненадуваат нови дејствија на различни страни, споделени преку социјалните мрежи, кои не ви даваат мир. „Зарем е ова можно?“ – е реакција што бар еднаш во два дена ќе ја искоментира било кој со просечна интелегенција.
Фото: Елена Маркова/ Wikimapia
Римскиот мост во селото Богомила ( или Ѕидан мост) , на реката Бабуна, претставува реперна точка за селото, слика која ве пречекува. Тој сеуште е во функција, загрозен од камионите и тешките возила. Но, со добра намера, патот до „урбанистичкиот пекол“ совршено е поплочен.
Фото: Бојан Ранташа
На барање на селаните, по повеќе децении иницијатива, конечно се прифати идејата да се изгради нов мост, како стариот би се сочувал, но што се случи?! Новиот мост се подигна на 5 – 10 метри од стариот, со што се деградира неговото милениумско егзистирање.
Целата архитектура, пејсаж исчезна. Не постои повеќе визурата, ниту карпите кои формираа корито под мостот , омилено место за капење.
Непосредност помеѓу стариот и новиот мост / Фото: Маја Лазарова
Она што е рационално и воочливо на прв поглед не секогаш значи дека е добро решение во делови каде егзистира градителското наследство. Најлесното е сторено, за да се одбегне дополнителна инвестиција за обештетување имот, повеќе чакал и асфалт.
Новиот мост пред Римскиот мост / Фото: Маја Лазарова
Доколку одлучуваме овој мост да го заштитиме ( како во секое нормално развиено општество), сочуваме и местото да го претвориме во пешачка зона, новата сообраќајна врска секако можеше да се помести бар 100тина метри поназад. Чинењето и разликата на овие интервенции ( замена на приватни ниви со државно земјиште) со урбанизмот на македонските општини е неблагодарна споредба за она што се уништува трајно, неразбирајќи ја историската позиција на ваквото делување. Се случува еднаш во многу векови.
Локација на стариот мост, новиот мост и возможно решение
Под овој мост, Бабуна е подлабока, па често тука во детството се капеа богомилци додека во непосредното зеленило ве набљудуваат другарчињата или внимаваат вашите родители. Можноста овој дел со дополнително хортикултурно и партерно уредување да се претвори во атрактивен јавен простор е изгубена. Богомила е активно село и пристапна точка на планинарите кои се упатуваат кон планинарскиот дом „Чеплес“, или пак ја искачуваат Солунска глава. Потенцијалот на селото е голем, но сликата која беше местото за најпрепознатливата разгледница од Богомила исчезна, а со тоа се губи и стекнатиот идентитет.
Помислете на селцата низ Франција, Шпанија или пак Словенија. Помислете и уживајте во мислите, но не се обидувајте да споредувате, бидејќи ние ниту активните градски амбиетални целини не можеме да ги сочуваме, а не пак таму во планинските пазуви…
Мостот во Богомила / сликарско дело на уметникот Новица Трајковски
Разочарувањата од слепата рака на македонскиот урбанизам и планирање долж целата република не стивнуваат. 🙁
Автор на статија: Filip Koneski
Богомила / Деградирање на мостот / Загрозено културно наследство / Ѕидан мост / нов мост / Римски мост / Стар мост